Словачката поезија по 1945 година

/, Литература, Блесок бр. 74/Словачката поезија по 1945 година

Словачката поезија по 1945 година

Подеднакво и П. Мачовски ги претставува не само во своето творештво (затоа што тој постана и инспиратор на новите тенденции во поезијата која се поврзува со метајазичниот интерес за процесот на создавање на текстот), семиотичките можности и моделирачки ситуации со јазикот на поезијата (книжевната критика ги нарече нив: „text generation“). Во врска со поезијата на Мачовски (збирките Страв од утопија – 1994, Премин – 1995, Пробна обдукција – 1997, Полумрачен збор – 1999 и други) се зборува за „стерилност“, за „цинично дистанцирање“, за т. н. поетика coolness (чувствителна ладност и индиферентност). Треба да се подвлече дека ставовите за таквиот вид пишување внесоа во литературата повеќе важни прашања за суштината на уметноста и за некои нејзини крајни положби. Со поезијата на Мачовски повеќе или помалку зависи и творештвото на неколкумина други автори: Андреј Хаблак, Михал Хабај и Нора Ружичкова, чија поезија на индиции, фрагменти и привидно дехуманизирани објекти ја сокрива кревкоста и ранливоста на субјектот (План и напад – 2000 или Парцелирање на воздухот – 2006).
Дури деведесеттите години ја донесоа вистинската плуралност која некогаш преминува и во хаотична смеса. Повеќемина од поетите на овој период се постојано активни и може да се претпостави дека тие ќе го одредуваат правецот во кој ќе се формира словачката поезија и во идниот период. Освен веќе споменатите автори, во резултативниот облик на поетската реализација е вклучена и силната средна генерација поети: Мирослав Брук, Станислава Хробакова-Репар, Карол Хмел, Даниел Хевиер, Олег Пастиер, Петер Шулеј, поетите од т. н. варварска генерација – Јан Литвак и Роберт Биелик, Владо Пухала и Маријан Хатала. Станува збор се автори кои веќе ја имаат преживеано иницијацијата, примањето и на она подоброто и на она полошото, на она поправичното и на она помалку среќното. Тие докажаа дека нивниот интерес за поетска рефлексија не е само периодичен, туку дека тие ѝ се посветени на поезијата систематски.
Словачката средна поетска генерација независно од разноликоста на темите и на поетиките е единствена во едно: во ослабеното чувство за верба и во несигурноста згусната во еден збор – скепсата. Кај повеќето од нив (Д. Хевиер, К. Хмел, О. Пастиер), таквото чувство се здобива со форма на разочараност од светот. Тие со задоволство би го преживеале животот во неговата полна вредност, а на крајот на краиштата се обидуваа и да го променат светот, а кога тоа не беше возможно, се обидоа да се променат самите себеси. Без разлика на нивниот голем стремеж вложен во животот и во пишувањето – позитивното ехо не пристигнува. Хевиер (имено, во збирката Песни од рекламната кампања на крајот од светот – 1996) и Хмел (За инструментите, направите и другите нешта испуштени од раце – 2004) во своите најнови творби ѝ се обраќаат директно на нашата одговорност; во своите стихови ги вклучуваат и актуелните проблеми (рамнодушност, зависност, испразнетост) и сосема непоетично и со лична ангажираност повторуваат колку е значајно тоа да не се заборави хуманизмот. Поетскиот колорит со кој беше преполнето творештвото од нивната рана фаза е сега дополнет со самоиронијата и со саркастичкиот контраст.
Подеднакво дезилузивна перспектива наоѓаме и во творештвото на М. Брук, Т. Лехенова, С. Хробакова-Репар и Ј. Урбан. Сите четворица, во суштина, произлегуваат од „обезбедената одбрана“ на личниот свет и на скепсата ѝ даваат посопствен облик. М. Брук во својата поезија (Обид да се верува – 1993, Ноќни острови и други спасувања – 1997) предава автентично сведоштво на маж кој потклекнува таму каде што треба да ја покаже силата, а неочекувано наоѓа починка во ситуациите во кои тоа и не го очекувал. Т. Лехенова ја дополнува машката призма на Брук со надвременската позиција на „илјадагодишната жена“ и со позицијата на својот женски интимен свет. Таа понудува различни пристапи во своите две книги; најпрво се претставува како авторка на внатрешни монолози со прозаично широка отвореност (За одбраното друштво – 1989), а последователно пак – во својата последна книга за возрасни Цигански табор (1991) го истакнува интересот за формално експериментирање со зборот, како и неговата повеќезначна реализација. Во двете поетски збирки, сепак, поетесата успева да ја долови енергичната атмосфера на дефицит на личната љубов, а најпосле и да го презентира неостварениот копнеж за душевно и за еротско прелевање со мажот.
Слична болна дихотомија на жена – интелектуалка во „непријателскиот“ свет тематизира и поетесата и критичарка Станислава Хробакова-Репар. И Хробакова-Репар се натпреварува со стереотипите на машко-женската коегзистенција, при што интензитетот на заемно расклопување на двата пола, почнувајќи од дебитантската книга Од заедничката зима (1994) па наваму – расте. Поетесата се обидува да ја надмине разделеноста, но личното и универзалното женско искуство (и врз позданината на феминистичкото читање) не ѝ даваат импулси на надеж (Гола во трњето, 2006). Хробакова-Репар спаѓа меѓу поетите кои го придвижуваат поетскиот јазик кон стадиумот на неговата лична „онтолошка креативност“ (На границата на јазикот, 2000). Таквиот феномен доби нови размери по преселувањето на поетесата во новата (словенечка) средина. Последниот од таа четворка – поетот и текстописец Ј. Урбан во својата поетика го поврзува она што Лехенова го раздели во своите две книги. Резултативната форма се зацврстува во мошне продуктивната разиграност меѓу невозбудениот обичен збор и поетската метафора што ја дополнува динамичниот ритам и повремената рима, која умно ги сублимира и ги истакнува поединечните делови на песната. Сепак, наспроти сликата во постарите текстови (Малиот бесен Робинсон, 1985 и Денес не е дедо Мраз, 2000), во поновите книги на Урбан се зголемува интензитетот на црната боја, дури и до стадиум што смртта станува лајтмотив, еднаш како определувачки елемент, другпат како помирување со нејзината нужност (Книгата на полумртвите, 1992 и Кокичиња & библии, 1996).
Средната генерација веќе ја потиснуваат поетите од најмладата генерација: Петер Били, Маријан Групач, Дијана Тујен-лан Нгујен, Јана Пацалова, Љубица Сомолајова, Радослав Томаш, Павол Гаран, Марцела Веселкова и други. Актуелната генерација се надоврзува кон повеќето веќе искусени поетики, а нивната широчина е диференцирана од формално прецизираната поезија (М. Групач и П. Гаран) па сè до најсекојдневниот поетски гест на поетот со акцент на краткотрајното човечко искуство (Д. Нгујен, Р. Томаш или М. Веселкова).
Во современата словачка поезија може да се види влијанието на двете револуции: едната политичка, а другата естетска. Онаа најважната, од доменот на естетските промени, се одигра уште пред сто триесет години, кога од Франција почна да се шири новиот поглед кон поезијата. Француските симболисти како Рембо, Верлен и Маларме успеаја да ја збогатат поезијата со уште една димензија, да ја вметнат неа подлабоко во човекот (потсвесно) и да ги постават човечките чувства „во шпицот“ (максимална чувственост и чувствителност). Се вели дека во тој момент настана расколот меѓу поетите и нивното „човечко семејство“ (Ч. Милош) и дека по таквата естетска револуција – поезијата стана помалку разбирлива и помалку пристапна за поголемиот број читатели. Поетите ја изгубија масовната поддршка, но нивниот глас сепак се кристализира, дури може и да се каже дека тие самите конечно станаа свои.
Примената на придобивките од естетските движења, сепак, не би било можна без политичката промена во 1989 година односно без т. н. „Нежна револуција“. Смената на политичкиот систем, за уметноста што ја сака слободата на изразувањето, претставуваше смена од темелите. Не дојде до вистински „преврат“, туку попрво и поконкретно – до „враќање“ на уметничката ослободеност. Паднаа надворешните лимити кои одредуваа што одговара, а што не одговора во „изградбата на социјалистичката татковина“. Конечно уметниците можеа сами да одлучат за што и како ќе пишуваат.
Сегашната словачка поезија е неверојатно богата. Нуди спиритуалност, спонтаност, игривост, но и мудрост, покорност и човечко искуство. По четириесет години се врати во неа плуралноста, па денес веќе и ги гледаме нејзините благородни дејства. Се осмелувам да кажам дека секој читател денес би знаел да избере автор или барем книга од фондот на словачката поезија, која ќе го воодушеви, ќе го возбуди или ќе го поучи.

Превод од словачки јазик: Звонко Танески

Литература:

Kol.: Slovník diel slovenskej literatúry 20. storočia. Bratislava 2006.
Kol.: Čítame slovenskú literatúru I. 1939-1955. Bratislava 1997.
Kol.: Čítame slovenskú literatúru II. 1956-1969. Bratislava 1997.
Kol.: Čítame slovenskú literatúru III. 1970-1997. Bratislava 1998.
Kusý, I. – Šmatlák, S.: Dejiny slovenskej literatúry IV. Bratislava 1975.
Rosenbaum, K. a kol.: Dejiny slovenskej literatúry V. Bratislava 1984.
Mazák, P. – Gašparík, M. – Petrus, P.. – Pišút, M.: Dejiny slovenskej literatúry 2. Bratislava 1984.
Bagin, A. – Kasáč, Z.: Dejiny slovenskej literatúry 3. Bratislava 1986.
Števček, J. a kol.: Dejiny slovenskej literatúry 4. Bratislava 1987.
Minárik, J.: Dejiny slovenskej literatúry 1. Bratislava 1985.
Šmatlák, S.: Dejiny slovenskej literatúry 2. Bratislava 2002.
Marčok, V. a kol.: Dejiny slovenskej literatúry III., Bratislava 2006.

АвторЈан Гавура
2018-08-21T17:21:02+00:00 септември 8th, 2010|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 74|