Реториката и перспективизмот

/, Блесок бр. 03, Литература/Реториката и перспективизмот

Реториката и перспективизмот

Во оваа ситуација, идејата на играта станува особено интересна и вредна; не во лудичка смисла која играта ја поврзува со арбитрарноста, субјективноста, или разликувачките модалитети на социјална интеракција, туку во една прагматичка инспирација која своите најзначајни елементи ги наоѓа кај Витгенштајн. Она што го сугерирам е всушност едно разбирање на рационалноста кое ќе ја прошири Витгенштајновската тематизација на поимот на јазична игра, кое ќе ја реинтерпретира рационалноста во смисла на раскинот извршен од Витгенштајн во сферата на јазикот, расчистувајќи со нејзиното сфаќање како активност унитарна во праксата и хомогена во развојот.
Витгенштајновската тематизација на јазичните игри, во поглед на проблемот на рационалноста, отвора можност за откажување од идејата под чие постојано влијание се наоѓаат традиционалните приоди: идејата која сугерира дека рационалноста, на еден или на друг начин, се состои во строгото наметнување на правила кои имаат за цел да го гарантираат не само единството на умот туку и тенденциозно хомогената примена на неговата универзалност. Тука го препознаваме цврстото јадро на научниот модел на рационалноста, кое, историски, доведе до неговата каконичка и критериумски експлицитна дефиниција, до неговата идентификација со почитувањето на принципи и критериуми чија ефективност се разоткрива во проследувањето на пре-детерминирани цели. Идејата за играта го нарушува токму тој тип на ригидност: важноста на правилата се должи токму на хетерогеноста; тие функционираат на инструментален начин и нивното поле вклучува крајно различие. Најважно од сè е тоа дека она што нив ги одликува не се логичките прескрипции, туку динамиката на заедницата, која, употребувајќи ги правилата, придонесува нивната флексибилност да ги изнајде критериумите.
Според тоа, игрите на рационалноста се воспоставуваат како диференцирани, хетерогени, конфликтни процеси на рационализација, управувани од неколку матрици во зависност од подрачјата, периодите или заедниците во чии рамки се појавуваат и развиваат; оттаму, тие исто така ја откриваат бесконечната игра на контингентноста, онаа во која, најпосле, секогаш се игра така што правилата се доведуваат под прашање. Истовремено, тие на перспективизмот му даваат нов облик, кој, во конвергенцијата на придонесите на прагматизмот и особено на реториката, може денес да се определи како проблематика на ефектите.

III

3. Дојдовме до третата и последна точка од предложениот план, која, најпосле, го оправдува насловот на овој текст: реториката и перспективизмот.
Веќе видовме дека перспективизмот смета оти целото знаење, и не само знаењето, туку исто така и вредностите (поента која нема да ја развивам), се солидарни со една перспектива. Една од најчесто дискутираните теми во однос на перспективизмот се изведува токму од таа поента: проблемот на само-референтноста.
Прашањето е дали перспективизмот и самиот е една перспектива или не. Општоприфатената алтернатива вели дека ако не е, тогаш постојат форми на знаење кои не се перспективи, а ако е, тогаш како можеме да ги побиеме другите перспективи кои сметаат дека токму знаењето е она што успева да ја избегне перспективистичката форма?
Како што може да се види, тешкотијата е сериозна, и токму нејзиното опстојување наведе некои од Ничеовите интерпретатори да го напуштат епистемолошкото поле и да трагаат по одговорот во артикулацијата на перспективистичкото барање низ моќта на животот, неговата афирмација, неговата игра на активни и реактивни сили, итн. Но не е тешко да се согледа дека проблемот останува, или е едноставно одложен, односно дека на извесен начин главните критички забелешки се само поместени од една на друга точка.
Тоа не е доволно за да се избегне оваа ситуација. Најнапред, перспективизмот мора да се сфати не како теорија на познание, една крајно контроверзна епистемологија, туку како алтернатива на самата епистемологија, глобална алтернатива, а не обид да се разрешат некои попатни тешкотии.
Перспективизмот не само што поседува, како што видовме, реторички основи, туку и многу повеќе од тоа: тој се состои од една фундаментално реторичка стратегија која има за цел да ги избегнае проблемите и парадоксите од кои живее епистемолошката традиција; оваа традиција се обидува главно да промовира еден друг начин на разбирање на знаењето и зборување за него. Оттаму, вреднувањето на перспективизмот во согласност со критериумите на евалуација на теориите е исто толку лесно колку и бесполезно; неговата сила потекнува од друг извор, токму од силната сугестија со која самиот се идентификува: постои моќ која е супериорна над онаа на теориите и таа моќ е моќта на јазикот.

АвторМануел Марија Кариљо
2018-08-21T17:22:15+00:00 јуни 1st, 1998|Categories: Есеи, Блесок бр. 03, Литература|