Реториката и перспективизмот

/, Блесок бр. 03, Литература/Реториката и перспективизмот

Реториката и перспективизмот

На овој стадиум, интересно е да се забележи дека иако Хабермасовата стратегија на која укажавме погоре, и која се обидува да воспостави јасна алтернатива на философијата на свеста, промовирајќи го, заедно со вреднувањето на комуникативната димензија, преминот кон една интерсубјективна парадигма, и мобилизирајќи ги придонесите на херменевтиката, аналитичката философија и прагматиката, сепак ја остава реторичката димензија негибната во нејзината традиционална конфигурација како нешто од онаа страна на рационалноста, секогаш инструментално промислена во сферата на теоријата на комуникативна акција.
Од двата реторички регистри, трополошкиот и убедувачкиот, кои традицијата ги сметаше за различни, дури и за дивергентни, Хабермас го задржува единствено регистарот на убедувањето, и се обидува одново да го промисли во една логичко-аргументативна перспектива. Тој во јазикот не ја препознава динамиката која ја воспоставува трополошката димензија, преку неколку метаморфози, туку единствено ефектите кои некој настојува да ги постигне преку употребата на јазикот. Во Философскиот дискурс на модерната оваа опција е мошне добро изразена преку опозицијата помеѓу реторичкиот успех и логичката кохерентност; во оваа опција, трополошкото е идентификувано со литерарното, додека аргументативната компонента е редуцирана на сферата на валидноста. Спротивставувајќи ја употребата на јазикот насочена кон заемно разбирање, и неговата фикционална употреба, Хабермасовската концепција упатува кон разоткривањето на оние рамништа на кои реторичноста на јазикот секогаш е од второстепено значење, бидејќи нејзините елементи се „излитени, и наброени во функција на решавање на посебни типови проблеми“ (Хабермас, 1987, п.209).
На тој начин, Хабермас се приклонува кон традиционалната дистинкција помеѓу тропите и убедувањето, и неа ја обликува како опозиција помеѓу реторичкото и аргументативното, прогласувајќи го првото за орнаментално и површно, а второто за суштинско и нужно.
2.3. Оваа опозиција не е особено интересна, дури, ако можам така да кажам, е и неодржлива. (сп. Кариљо 1992, § 12). Сепак, таа поскоро укажува на програмското реставрирање на проектот на модерната одошто на ефективното разбирање на конфликтите кои влијаеле врз неа и ја дефинирале. Разлогот за тоа е што таа бара една посмела промена на парадигмата одошто онаа која ја извршува интерсубјективноста, или подобро кажано, таа бара самата интерсубјективност да биде сфатена во една перспектива која не е стриктно комуникациска, туку на еден артикулирачки начин комунитарна (communitarian) и реторичка. Во таа смисла, јас реферирам на реторичката пресвртница: оваа пресвртница се заснова врз уверувањето дека реформулирањето на артикулацијата реторика/рационалитет поттикнува една sui generis селективност која го овозможува не само напуштањето на бројни теми, туку и креативното воспоставување на нови философски проблеми и проблематики.
Она што се обидуваме да го покажеме е тоа дека реторичката пресвртница може да им се опира на стратегиите на философска дисолуција сè додека се држи на дистанца од сциентистичката парадигма на рационалноста, но исто така и дека таа го овозможува разбирањето на уникатноста на философската дејност преку обновената артикулација помеѓу нејзината проблематизирачка активност и нејзината аргументативна практика. Евалуацијата на овие аспекти е суштинска за конфигурацијата на философијата како комплексен реторички изум, неразлачлив од употребата на природниот јазик и омеѓен како од товарот на традицијата, така и од динамиката на заедницата, т.е. Од историчноста и контекстот. Оваа перспектива овозможува и поинакво разбирање на конфликтниот карактер на философијата, во насока на сфаќањето на рационалноста како простор на впишување и развивање на кооперативни и антагонистички конфликти, простор исполнет со игри на рационалноста (rationality games) чија различност е потенцирана преку матриците кои ги регулираат. Токму во поглед на оваа поента, како што се обидов да покажам, (сп. Кариљо, 1992) интерогативноста ја открива својата суштинска функција, преку позитивноста со која интервенира на нивото на проблемите, преку динамиката која ја сугерира во регистарот на аргументацијата и преку барањето за плурализмот кое го воведува во разбирањето на рационалноста. Т.н „криза“ на рационалноста укажува на потребата рационалноста да се сфати на еден плуралистички и не-редуктивен начин, т.е. како игра на рационалности сфатена во смисла на практикување на различието, а не како приод наметнат од еден пре-етаблиран модел. Рационалноста во еднина тука се јавува единствено како поле на играта, во која повеќе позиции се соочуваат на планот на нивните експликативни претензии, нивните хеуристички потенцијали: рационалноста, во оваа смисла, не е, како што до извесен степен традицијата на модерната отсекогаш тврдеше, простор на бришење на конфликтноста, туку токму нејзино експлицирање. Оттаму, идејата за играта на рационалностите мораме да ја поврземе со идејата за матриците на рационалноста, т.е. За перспективите кои управуваат со овие игри и го насочуваат нивниот прогрес, ориентацијата и значењето на потезите во нивни рамки. Концепциите на рационалноста секогаш, на едедн или на друг начин, т.е. Експлицитно или имплицитно, се концепции за интерсубјективноста ориентирани од една владејачка идеја: на пример од идејата предвидување/доказ – научната матрица, од идејата тест/потврдување – епистемолошката матрица, од идејата на традицијата – херменевтичката матрица. Дури ни минималистичките концепции за рационалноста, како нео-прагматичката, не можат без оваа ориентација: кај Рорти таа се огледа во идејата на конверзацијата. Секоја од овие идеи може да ориентира една практика на рационалноста: но тоа не значи дека таа може да го заземе целиот простор на рационалноста наметнувајќи еден модел на потчинување и механизми за отфрлање на останатите практики. Поуката од модерната е дека таа можеби го сака, но не може да го стори тоа.

АвторМануел Марија Кариљо
2018-08-21T17:22:15+00:00 јуни 1st, 1998|Categories: Есеи, Блесок бр. 03, Литература|