Реториката и перспективизмот

/, Блесок бр. 03, Литература/Реториката и перспективизмот

Реториката и перспективизмот

Рорти има други цели: мошне рано свесен за тешкотиите при реализацијата на аналитичката програма, тој, со делото Философијата и огледалото на природата, станува нејзин најупорен критичар; истовремено, (во Консеквенците на прагматизмот, објавено 1982 и особено, во Контингентноста, иронијата и солидарноста, објавено 1989), тој го промовира нео-прагматизмот, кој од една страна се залага за заменувањето на поетската реторика со научна реторика како оператор на философската интелигибилност, а од друга страна го отфрла солипсизмот на традициите.
Интересно е да се одбележи како, во Рортиевите анализи на Хајдегер, Дерида или Фуко, процесот на контакт помеѓу философските традиции рапидно се трансформира во една друга традиција која, несомнено, ќе биде сè повлијателна во годините што доаѓаат: онаа на преводот, процес на кој историската контингентност и човечката имагинација постојано ги подложуваат овие традиции, преобразувајќи ги на тој начин низ неочекувани метаморфози, иако до неодамна изгледаа стабилни и непроменливи.
1.3. Скицираната слика веќе ги прикажува новите карактеристики. Но кон напуштањето на засновачките претензии и речиси аскетското ограничување на универзалистичките амбиции кои го карактеризираат полето на философијата во последниве неколку години, треба да се додаде и релативизирањето на традиционалните дисциплинарни граници. Философијата, благодарение на сопствената „природа“, отсекогаш имала проблеми со определувањето на специфичноста на нејзиниот предмет. Критичката програма, од Кант до Хусерл, се обидуваше „научно“ да ги реши овие проблеми, а тоа се обидуваа да го сторат и логичкиот позитивизам и аналитичката философија. Огромните тешкотии до кои доведоа овие програми, во меѓувреме предизвикаа исклучително длабоки промени на полето на философијата, и раните 80-ти сведочеа за „легитимирањето“ на новите теми и предмети: некои од нив, како модата или нарцизмот се наметнаа наспроти целата историја на философијата, додека други, како темата на индивидуата или човечките права им се приклучија на доминантните тематики од претходните децении; трети, пак, како оние за потенцијалите на иронијата или барањата на интерогативноста, се обидуваат, над сè, да го отворат патот кон новите правци, оддалечувајќи се од гробиштата од метафори и концептуалниот смет што се типични за поголемиот дел од современата мисла.
Оттаму, не е чудно што започнува да се појавува нова форма на философска есеистика: таа ја заменува напуштената систематичност, давајќи им поголема тежина на креативните моќи на јазикот, одошто на разликувачките капацитети на поимот. Подобро кажано, таа едноставно смета дека поимот е само збор кој функционира во сферата на една определена јазична игра; тоа, пак, го овозможува реторичкото и прагматичкото навраќање кон перспективизмот, кој го прифаќа различието на јазиците, верувањата и желбите, но не содржи нужно некакви нихилистички импликации; притоа, останува отворено прашањето дали тој е крајна, завршна форма – која постмодерната метафора на „изнемоштеност“ така добро ја карактеризира – или е корен на нешто кое сè уште не е прецизирано, и можеби е безимено.
Тоа се правците во кои се дистрибуирани некои од повлијателните ориентации во современото мислење. Најверојатно, таквата дистрибуција почесто ќе се одвива по линиите на интерференција отколку во рововските граници; имајќи го ова на ум, денес би можело да биде интересно да се навратиме кон перспективистичката инспирација – повеќе како глобална метафора одошто како доктрина.

II

2. Наспроти извесни можни генеалогии на некои од неговите елементи, перспективизмот, во сета радикалност на неговиот предлог, е пронајдок на Ниче. Тој укажува на напуштањето на еден суштествен елемент од источната традиција, која ја поврзува виталноста на мислата со потрагата по вистината, неразлачно спојувајќи го ликот на мислата со еден образец на мислењето. Како што знаеме, во основата на тој процес Ниче го препознава аскетскиот идеал, кој прогласувајќи ја вистината за врховна, го забранува истражувањето на коренот на нејзината вредност.
2.1. Со самото поставување на ова прашање, основните линии на перспективизмот веќе се зацртани на мошне јасен начин, затоа што тој не настојува да ја оправда вистината, туку да ја доведе под прашање; тој нема намера да ја оцени нејзината важност, туку да ја разреши самата тематика во чија сфера вистината е воспоставена како несомнена вредност (сп. За генеалогијата на моралот II, § 24). Она што Ничеовиот пристап јасно го нагласува е фикционалниот карактер на вистината, т.е. Контекстуалниот карактер на кој и да било тип на нужност на кој мораме да се повикаме или да го земеме предвид секогаш кога зборуваме за вистината. Секогаш поврзана со динамиката на верувањето, вистината тука не се појавува ниту како цел на кој и да било сознаен процес, ниту како инстанца на оправдување или вреднување на кој и да било од нејзините моменти, туку како витален оператор иманентен на човековиот свет.
Токму тоа Ниче го прави кога ја воведува идејата на перспективата: човечкиот интелект, вели Ниче во Веселата наука, „не може да избегне да се гледа себеси во своите сопствени перспективи, и единствено во нив. Не можеме да гледаме надвор од нашиот сопствен агол; безнадежна љубопитност е тоа што посакуваме да знаеме какви други интелекти и перспективи би можеле да постојат; на пример, дали некои суштества би можеле времето да го доживуваат наназад, или можеби наназад и нанапред (што би подразбирало поинаков ток на животот и поинаков концепт за причина и последица). Но мислам дека денес сме барем далеку од смешната нескромност која би произлегувало од одлуката, донесена во сопствениот агол, дека перспективите се дозволени единствено од тој агол. Поскоро светот е „бесконечен“ за сите од нас, повторно и повторно, дотаму што ние не смееме да ја отфрлиме можноста дека тој вклучува бесконечни интерпретации“ (§ 374. сп. и § 12, За генеалогијата на моралот).

АвторМануел Марија Кариљо
2018-08-21T17:22:15+00:00 јуни 1st, 1998|Categories: Есеи, Блесок бр. 03, Литература|