Реконструирање на европезимот?

/, Литература, Блесок бр. 47/Реконструирање на европезимот?

Реконструирање на европезимот?

Повеќе од десет години после Свилените револуции и бруталниот распад на Југославија, сепак станува јасно дека несомнената координација помеѓу „европските“ симболични, морални, политички и социјални вредности, од една, и „европскиот“ капитализам од друга страна, веќе не е возможна. Пандорината кутија се отвори после падот на Берлинскиот ѕид и веќе не може да се затвори. Додека источниот дел од континентот се соочува со подемот на фанатичниот национализам и раѓањето на многу нови држави врз основа на старите (иако не секогаш забележливи) етнички традиции, Западна Европа го одвраќа погледот од враќањето на потиснатата историја, убедена дека „растежот на нациите“ е нешто што се случило многу одамна. Се чини дека болната историја на деветнаесеттиот век – унификацијата на германскиот Länder, прикрпувањето на италијанските провинции („Ја имаме Италија, сега ни требаат Италијани!“ извикал Масимо д’Азело) и бруталната етничка хомогенизација извршена од француската држава – денес е потполно заборавена. Доколку овие националистички движења од минатото многу појасно биле вклопени во симболичниот хоризонт на Европа, можеби денес некој не би можел со леснотија да помисли дека, додека национализмот во поголемите земји е легитимен, национализмот во новите, помали земји неодложно го активира алармот. Со цел да се започне со европската интеграција, било неопходно да се потисне националистичката историја на Западна Европа. Така, поранешните националистички земји станаа ентузијастички Европејци под превезот на економскиот напредок и консензусот на неодминливиот напредок на „заедничкиот пазар“. Токму во обид да го поттикне овој процес, Винстон Черчил го одржа славниот говор на Универзитетот во Цирих во 1946., засновајќи ја реконструкцијата на европското семејство врз идното партнерство помеѓу Франција и Германија.
Франција и Германија – коишто заедно ја претставуваат водечката сила за денешната европска интеграција и коишто навистина имаат многу вложено во постоењето на силна Европа (иако од различни причини) – ги имаат повеќе или помалку закопано нивните национални нетрпеливости преку соочување со демоните од нивната сопствена тоталитарна историја (режимот од Виши, Третиот рајх). Иако нивните визии за иднината на ЕУ може да се разликуваат, во однос на нивните специфични национални истории (француската републиканска традиција на силна држава и германскиот развој на уставните ограничувања создадени да ја спречат можноста за уште еден Холокауст), сепак можеме да го воочиме заедничкиот одредител во сите нивни европски напори, односно национализмот на полното ќесе.
Не ме разбирајте погрешно. Нема сомнеж дека историската помиреност помеѓу овие два традиционални противници претставува значајно достигнување на политичката мисла и дека заслужува длабока почит. Но, би биле заведени ако не го препознаеме приматот на економската логика како основа на ова помирување. Конечно, економската интеграција на Западна Европа беше вистинскиот суштински фактор во оригиналната идеја на Жан Моне и Роберт Шуман. Политичката цел беше Германија засекогаш да се спречи во градењето воени машинерии со ресурсите од рударството и тешката индустрија во котлините на Сар и Рур. Трајниот мир помеѓу традиционално непријателските земји можел да се оствари додека која било потенцијална војна не само што е концепциски неразбирлива, туку и економски неоправдана. Претходникот на ЕУ, Европската заедница за јаглен и челик (ECSC) која што беше основана во 1951. во Париз од страна на шест земји потписнички стана првата наднационална организација во пост-воена Европа којашто имаше моќ да го регулира производството на јаглен, челик и железна руда. Клучниот наратив на којшто почива легитимитетот на пост-воена Европа беше замислен со цел да се спречат какви било изливи на империјален шовинизам и етничка мегаломанија, лузни од минатото за коишто требаше многу време за заздравување. Економските ресурси беа искористени за продолжување на процесот на унификација, а со цел да се постигне политичка цел; односно отфрлање на употреба на сила во решавањето на споровите помеѓу членките на Унијата.
Создавањето на европската „мирољубива заедница“ е засновано на прагматични основи коишто, пак, бараат телеолошко оправдание. Телосот на мирот како врвна вредност го овозможува сигурниот јазик на неопходноста, вткаен во основите на европската унификација. Оваа унификација е потребна поради либерализацијата на интра-европскиот пазар, засилување на навиките за институционална соработка, и намалување на културната и општествената недоверба помеѓу земјите членки. Економската интеграција би овозможила чувство на меѓузависнот меѓу народите, а ова би требало да го смири стравот и така, веројатно, да ги уништи можностите за катастрофи какви што ги разурнаа Варшава, Берлин, Будимпешта и Ленинград. Пречките за глобална трговија и слободен проток на капиталот требаше да се отстранат и така да се сопрат меѓународните судири. Оваа мантра, иако не се слуша баш секој ден, функционира како беспоговорен аргумент при секоја расправа којашто го промовира „европеизмот“. Колку помалку некој ја слуша, толку посилно делува.
Така, технократскиот дискурс на ЕУ не успева да создаде каква било разбирлива, макар и идеалистичка визија којашто на луѓето ќе им ги посочи насоката и значењето зад областа на секојдневното. Наместо тоа, тој извира од убедувањето дека сите визии се лоши; треба само да се обезбедат услови за слободна трговија, а сето останато ќе дојде само по себе. Овде, и само овде, Европа успева да ги спои неспоивите разлики. Се потсетувам на размислата на Блез Паскал дека најважното нешто во развитокот на вербата е надворешната форма: ако една молитва, на пример, се повторува секојдневно како дел од еден ритуал, спонтано ќе следи и религиозното расположение.
Делувањето на истиот принцип може да се види и во дискурсот на експертите од ЕУ, сега поврзани со изопачениот современ картезијанизам: „Купувам, значи постојам“. Во времето кога идеите, очигледно револуционерни, пропаѓаат една по една, создавајќи при тоа огромно страдање, многу мислители продолжуваат да ја рецитираат мантрата за „невидливата рака на пазарот“. Но ова едвам го прикирва фактот дека доколку раката на пазарот мора да остане невидлива, тоа е само затоа што го исправа својот среден прст. Во време на огромни нееднаквости во богатството и можностите, безмилосното уништување на околината, и размножувањето на начините за консуматорско уживање коишто само го заменуваат секое чувство на одговорност кај граѓаните, голем број од самонаречените политички реалисти продолжуваат да се забавуваат со исклучивите илузии на Западна Европа и на ЕУ како за едно и единствено релевантно место.
Наместо сериозно да размисли за изменетиот културен, морален, политички и економски релјеф на континентот по бучниот пад на комунистичките режими, машината на ЕУ, за жал, едвај се држи на шините коишто беа положени многу пред кој било можел да ја замисли можноста за неподелена Европа. Технолошки напреден, економски динамичен и брзо-интегрирачки – западниот дел од континентот, ЕУ, очајно не успеа да ја види историската можност којашто ѝ се понуди. „Ние си свиркавме кога Сараево гореше“, бесцелно ламентира Тимоти Гартон Еш во неговата Историја на сегашноста. Под „ние“ тој мисли, секако, на Западна Европа.

2018-08-21T17:21:27+00:00 април 16th, 2006|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 47|