Размисли

Размисли

За сомнежот
За родителите и децата
За бракот и ергенскиот живот
За љубовта

Љубовта ѝ е посвојствена на сцената, одошто на човечкиот живот. Имено, што се однесува до сцената, љубовта е секогаш граѓа за комедии, а напати и за трагедии. Но во животот причинува многу неволји, понекогаш како заводлива сирена, понекогаш како фурија. Како што може да се забележи, меѓу сите големи и вредни личности (за кои е сочуван спомен, било да живееле одамна или во скорешните времиња), не постои ниту една која што љубовта ја довела до лудило: што покажува дека големите духови, и големите потфати, се држат понастрана од досегот на оваа недостојна страст. Сепак, исклучок во овој поглед претставуваат Марк Антониј, со-владетел на Римското Царство, и Апиј Клаудиј, децемвир и законодавец; но додека првиот беше сладострасен и распусен, вториот беше строг и мудар човек. Така, се чини дека љубовта, (иако ретко) може да го пронајде влезот, не само во отворено, туку и во добро утврдено срце, доколку стражата не го варди будно. Бедна е онаа изрека на Епикур: Satis magnum alter alteri theatrum sumus; како човекот, создаден за контемплација на небесата, и на сите благородни нешта, да не треба да прави ништо друго освен да коленичи пред еден дребен идол и да направи од себеси роб, ако не на устата, (какви што се животните), тогаш на окото, кое му е дадено за повисоки цели. Чудно е да се види претераноста на оваа страст и начинот на кој таа ја унижува природата и вредноста на нештата; говорот во постојана хипербола е неприкладен во се друго, освен во љубовта. И не само на зборови: имено, иако е добро речено дека архи-ласкавецот, од кој сите мали ласкавци го добиваат своето вдахновение, е самото човечко јас, несомнено е дека љубовникот е уште поголем ласкавец. Никогаш немало горд човек која за себеси имал толку апсурдно добро мислење, како вљубениот за љубената личност; и добро е речено: Невозможно е да се љуби, и да се биде умен. Оваа слабост не е забележлива само за другите, туку и за саканата личност, и за неа дури и најмногу, освен кога љубовта е заемна. Следново правило секогаш важи: љубовта е секогаш наградена или со возвраќање, или со внатрешен, потаен презир. Но колку човек треба да се варди од оваа страст, во која не ги губи само другите нешта, туку самиот себеси! Што се однесува до другите губитоци, односот на поетот нуди мошне добра слика за нив: оној кој ја претпочита Елена, ги губи даровите на Јунона и Палада. Имено, кој премногу ги цени љубовните чувства, ги губи како богатството, така и мудроста. Оваа страст најсилно се излева во миговите на слабост, какви што се големата благосостојба и големата неволја, иако ова последново потешко се забележува. Обете состојби ја разгоруваат љубовта и ја прават пожестока, покажувајќи на тој начин дека таа е чедо на лудоста. Најдобро прават оние кои, ако веќе не можат а да не и се оддадат на љубовта, сепак ја држат во определени граници и наполно ја оддалечуваат од сериозните работи и дејства во животот. Имено, ако таа еднаш се замеша во работата, го загрозува имотот и го оневозможува човекот да биде верен на сопствените цели. Не знам како, но воинствените луѓе се предани на љубовта – ми се жини на истиот начин на кој му се предани на виното, бидејќи опасноста обично бара да биде искупена преку уживање. Во човечка природа постои потајна наклоност и упатеност кон љубовта на другите, која доколку не се потроши на некого или на неколкумина, природно се распростира врз многумина, и го прави човека хуман и милосрден, како што понекогаш тоа може да се забележи кај монасите. Брачната љубов го создава човештвото, пријателската го усовршува, но развратната го расипува и унижува.

АвторФренсис Бекон
2018-08-21T17:22:01+00:00 октомври 1st, 2000|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 17|