Размисли

Размисли

За сомнежот
За родителите и децата
За бракот и ергенскиот живот
За љубовта

Оној кој има жена и деца и дал заложници на судбината, бидејќи тие се препрека за големи потфати, како во доблеста, така и во злото. Несомнено, најдобрите дела, оние од најголемо значење за јавноста, потекнуваат од неженети или бездетни мажи, кои како со чувствата, така и со имотот, се венчале со јавноста и ја дарувле. Сепак, добри разлози се на страната на гледиштето дека оние кои имаат деца, најмногу ќе се грижат за иднината, на која и го предаваат својот најскапоцен залог. Постојат луѓе на кои, иако водат осаменички живот, мислите им завршуваат со нив самите, без многу да ги засега непостојаноста на идните времиња. Други пак, водат сметка за жената и децата, но како сметки кои треба да се подмират. А има и некои будалести, богати, лакоми луѓе кои се гордеат со немањето деца, бидејќи така луѓето ќе ги сметаат за уште побогати. Тие можеби слушнале нешто како “Овој е голем богаташ” – “Да, но, има куп деца” – како тоа да е намалување на неговото богатство. Но највообичаената причина за ергенскиот живот е слободата, особено кај извесни самозадоволни и потсмешливи умови, кои се толку чувствителни на секакво ограничување, што коланите и мидерите ги сметаат за окови и букагии. Неженетите мажи се најдобри пријатели, најдобри господари, најдобри слуги, но не секогаш и најдобри поданици, бидејќи се склони кон бекство, и речиси сите бегалци се од оваа категорија. Осаменичкиот живот им прилега на свештениците, бидејќи милосрдието одвај ќе ја ороси почвата, ако најнапред треба да наполни цела бара. За судиите и магистратите, ова е безразлично, имено, ако тие се податливи за корумпирање, ќе имате слуга пет пати полош отколку жената. Што се однесува до војниците, воочувам дека генералите во своите бодрења, ги потсетуваат луѓето на нивните жени и деца; и сметам дека презирањето на бракот кај Турците го прави нивниот обичен војник попримитивен. Несомнени, жените и децата го дисциплинираат човештвото; а неженетите луѓе, иако можат да бидат повеќекратно подарежливи бидејќи нивниот имот побавно се троши, од друга страна, се посурови и со потврдо срце (што може да ги направи добри инквизитори), бидејќи нивната нежност не е разбудена. Луѓето со стабилна природа, водени од навиката, се постојани, и обично добри сопрузи, како што се вели за Одисеј vetulam suam praetulit immortalitati. Честитите жени честопато се горделиви и инаетливи, преценувајќи ја доблесноста на својата честитост. Еден од најсилните залози, како на честитоста, така и на послушноста на жената, е таа да го смета својот маж за умен, а тоа никогаш не е така доколку тој е љубоморен. Жените се љубовници на младите мажи, другари на средовечните, дадилки на старите. Така, мажот има разлог да се жени кога ќе посака. Но кога прашале еден умен човек кога мажот треба да се жени, тој одговорил: Младиот се уште не, а стариот никако. Често може да се забележи дека лошите сопрузи имаат мошне добри жени: дали тоа ја покачува цената на добрината на мажот, кога таа ќе се јави, или пак жената ја прави горда на сопствената трпеливост? Но ова е секогаш така, доколку лошите сопрузи биле нивен сопствен избор, наспроти согласноста на нивните пријатели, бидејќи тогаш ќе бидат сигурни дека ја искупуваат сопствената лудост.

АвторФренсис Бекон
2018-08-21T17:22:01+00:00 октомври 1st, 2000|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 17|