Размисли

Размисли

За сомнежот
За родителите и децата
За бракот и ергенскиот живот
За љубовта

Тајни се радостите на родителите, а такви се и нивните жалови и јанѕи. Не смеат да ги искажат ниту едните ниту другите. Децата ги ублажуваат тешкотиите, но ги прават несреќите уште погорчливи. Тие ги зголемуваат животните грижи, но ја олеснуваат помислата за смртта. Продолжувањето на видот преку раѓање им е заедничко на сите животни; но помнењето, заслугата и благородните дела се човекова одлика. Не е тешко да се согледа дека најблагородните дела и втемелувања произлегле од бездетни луѓе, кои се стремеле кон тоа да ги изразат ликовите на својот ум, онаму каде што тоа не му успеало на телото. Така, на потомството најмногу му значат оние кои воопшто не оставиле потомство. Првите оснивачи на своите домови најмногу ги разгалуваат своите деца, бидејќи ги сметаат за продолжение, не само на својот род, туку и на своето дело; такви се и децата и делата.
Кога родителите имаат повеќе деца, љубовта кон нив честопати е нееднаква, а таа разлика понекогаш е недостојна, особено кај мајките; како што велеше Соломон, Умниот син е радост за таткото, а неразбраниот срам за мајката. Во куќа полна со деца може да се забележи дека едно или две од постарите се уважувани, дека најмалото е премногу разгалено, а оние во средината како да се заборавени, иако честопати токму тие се покажуваат како најдобри. Шкртоста на родителите кон нивните деца е штетна грешка: ги прави бедни, ги наведува да се служат со лукавство, ги води во лошо друштво, ги прави расипници кога ќе се доберат до изобилство. Се докажуа дека е најдобро кога човек го чува својот авторитет пред децата, но не и ќесето. Луѓето (како родителите, така и учителите и слугите) имаат будалест обичај да го создаваат и потхрануваат чувството на натпревар помеѓу браќата во детството, што многупати има прераснато во раздор во нивното зрело доба, и ги има потресено семејствата. Италијаните не прават голема разлика помеѓу сопствените деца и децата на своите браќа и сестри или блиски сродници; ако се од истата лоза, не им е многу грижа дали се или не се плодови на нивното тело. И навистина, во природата состојбата е слична; толку пати гледаме дека внукот повеќе личи на својот чичко или дриг роднина, одошто на татка си; како ќе одигра крвта. Родителите треба благовремено да го изберат позивот и насоката која ја сметаат соодветна за своите деца, бидејќи тогаш тие се најфлексибилни; но треба премногу да ги засега настроението на нивните деца, мислејќи дека тие најдобро ќе се снајдат во она кон што се наклонети. Вистина е дека доколку детето покажува исклучителна надареност или способност за нешто, не треба да се оди против тоа; но, општо земено, добар е следниов совет: optimum elige, suave et facile illud faciet consuetudo. Помладите браќа обично се среќни, но ретко или никогаш кога постарите се лишени од наследство.

АвторФренсис Бекон
2018-08-21T17:22:01+00:00 октомври 1st, 2000|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 17|