Прослава на невозможното

/, Литература, Блесок бр. 32/Прослава на невозможното

Прослава на невозможното

Сведоштва и визии во мојата арс поетика

Јас, мене и себеси: бескрајната тежина и повременото задоволство од сосредоточувањето врз себе во поетските искази е транс-историско наследство од највисок ред. Тоа нема многу врска со одредени стилски периоди во облагородувањето на поезијата и одбива да биде сфатено само како плод на модерното. Иако е вистина дека дури во пост-ренесансната култура на хуманистичка Европа јаството станува централен столб на уметничкото дело, уште од антички, пред-сократски времиња јаството било присутно со своите истражувања на универзумот. Пред-сократското ангажирање со личното, кое што во исто време е и општо, метафорите коишто со иста чистота задираат во минералогијата, митологијата и астрономијата, лесното спојување на различните жанрови во писателската потрага по идеална рамнотежа на доброто, убавото и вистинитото: ова за мене е инспиративен книжевен подарок при обидот да си го исткајам патот низ прочитаните стихови, преминатите реки, објавените поетски збирки. За мене, тоа е наследство кое што силно ме обзема, и покрај тоа што сум свесен за неговата нејасно-апсурдна нијанса.
Во моите средношколски години во мојата родна Љубљана, моето јас самото ги откри моќта и проклетството на јазикот за што не постои подобар термин од поетска двојба. Без живи ментори и опкружен само со ликовите и приказните од моите книги, моите неволни истражувања ме водеа кон посветување на една инспирирана, можеби дури и конспиративна заедница на поети, без оглед на националната традиција или лингвистичкиот идиом во којшто пишуваа. Поетите, сепак, не ги сметам за непризнаени законодавци, како што тоа го посакуваше уште Шели, туку „само“ како визионерски сведоци за тоа каков бил светот, каков е и каков ќе биде: сведоци за универзалната срцевина на секое човечко искуство. Оваа заедница, од една страна завиена во звукот на верната орфејска лира, а од друга страна со отворена прегратка полна разбирање за анонимниот средношколец додека тој внимателно одговара на императивот на белиот лист хартија и на слатката болка во неговата млада душа, оваа заедница не ќе постоеше доколку не беше заснована на тертулијанското апсурдно верување во трансцедентниот авторитет на лирското откровение.
Ние, коишто сакаме да веруваме дека една единствена убедливо напишана елегија ќе може да ламентира не само над историската сегашност туку ќе биде пеена и од сè уште неродените жени, ние пишуваме со скриена и можеби не докрај јасна надеж дека таквата елегија и таквата добро напишана песна ќе бидат создадени во нашите трескавични умови, коишто земаат делчиња од хаотичниот свет во којшто сме принудени да живееме а во кој сепак никој не сака да живее, и од нив создаваат слики на изгубената целина, или барем на нејзините естетски соодветности. Ние, коишто во тоа веруваме, сме Пиндарови духовни наследници. Пиндар е првиот писател којшто јавно го искажал ова поетско credo qui absurdum est велејќи дека неговите елегии ќе живеат уште долго откако полисот којшто го нарачал ремек делото од него, ќе исчезне во треперењето на историската прашина. Пиндар ова го сторил без надменост, а сепак исполнет со самодоверба; не чувствувајќи го опивачкиот триумф, а сепак, веројатно, поддржан само од авторитетот на егзистенцијалното сведоштво.
Признавање и одразување на фрагментарноста на себе додека, истовремено, се завзема одлучен став против него – според мое мислење е основната движечка сила во гласот кој што ѝ припаѓа на самицата од Нова Англија, глас којшто беше навистина важен за моето поетско формирање. Истражувајќи го јазикот со цел да најде визионерски слики соодветни да ја документираат нејзината потрага по Бога, Емили Дикинсон си го освоила правото да не биде заинтересирана за етиката на општеството. Но, бидејќи нејзината теологизација на човечката судбина се случувала во сенката на отсутниот Бог, таа се надевала дека во мистериите на евоцирањето на загубениот благослов може да му се доближи на ветувањето за совршенство, а сепак, истовремено, се сомневала дека таквото спасение може да биде барано само од некоја избрана индивидуа.
Големата лирска уметност секогаш е пред своето време и им се обраќа на просторите зад присутната културна состојба во која што е создадена. Следствено, потрагата по стварност е секогаш неповторлива теолошка авантура; таа не може да биде лесно проголтана од црквите, вероисповедите, синодите и религиските професионалци, затоа што со моќта на лично сведочење лирскиот труд поттикнува сомнежи во хиерархискиот поредок на секоја од институционализираните религии. Поетскиот Бог во никој случај не е Богот на теолозите, затоа што не почива само во светите списи, туку во директно откровение на јазикот којшто прави ништото да се случи, како што Вистан Х. Одн славно ја опиша експресивната сила на поезијата. Попрво отколку целиот традиционална целина, самото поетско визионерство е тоа коешто може да се доближи до недофатливата душевна состојба на спојувањето на индивидуата со историските моменти, без оглед што платата за интимната мудрост често е општествена изолација.
Општествена изолација? Иако понекогаш ја посакував, за мене беше недостапен луксуз. Почетокот на 90-тите години на 20. век, во оваа смисла за мене беа клучни. Откако се здобив со докторат на универзитетот во Сиракјуз, Њу Јорк, се вратив дома во Словенија по мојот петгодишен престој во Америка. Се оженив за Американка и ја донесов со мене во Љубљана. Војната на Балканот започна, а потоа следуваше распадот на Југославија, земјата во која се родив. Моето прво дете, Клара, се роди тогаш.
За ова несреќно, постојано присутно себе, најновата балканска војна претставуваше нешто повеќе од промена на геополитичките мапи во ерата по студената војна. Тоа направи длабок засек во моето поимање на светот, им го искорна срцето на сите работи коишто ми беа блиски, ја инфицираше мојата естетска визија. Радоста и немирот, продолжителното страдање и неколкуте часови блаженство ми покажаа дека не сум ништо друго освен сведок на огромните тектонски поместувања коишто ги одредуваа нашите човечки судбини во она што денес еуфемистички се нарекува Југоисточна Европа. Во согласност со овие моќни треперења, мојата нова книга песни Градот и детето излезе на словенечки во 1996 (американското издание е објавено од Вајт пајн прес, Бафало, Њу Јорк, во 1999) и немаше претензии: беше замислена како лирски документ, лично сведочење, искривена визија на човечката состојба. Оваа книга веќе не флертува со некако возгордеаната поетика на тишината којашто ги ограничуваше моите претходни поетски творби, како на пример Речник на тишината којшто излезе во Словенија во 1989 и во англиски превод во Америка кај Лумен прес, Санта Фе, во 1999. Оваа книга е хроника на болката, потполно отворена. Беше напишана во доброволен егзил, како и книгата прозни песни Загрижувачки моменти, која ја напишав во пустелиите на горниот дел од државата Њу Јорк каде што требаше да ги завршам студиите. Загрижувачки моменти беше објавена во Словенија во 1994, и повторно од Вајт пајн прес во САД во 1994. Како и нејзиниот глас, исполнет со страв и претчуства, Градот и детето беше родена во доброволен егзил. Напишана е на бреговите на Дунав, при мојот шестмесечен престој во Будимпешта, каде што бев член на Институтот за напредни студии.
Живеевме во мала приградска куќа на ридовите на Буда, моето мало семејство и јас, во една зафрлена уличка каде што татнежот на сообраќајот во рапидно трансформираната престолнина на пост-комунистичка Унгарија не се слушаше. Пишував ноќе, исклучително ноќе, излегувајќи на балконот малку да се истегнам и многу да пушам, по една или две цигари, зјапајќи во бледата светлина на светилката на аголот. Во нејзината светлина, која со треперењето ги допираше темните лисја во соседната градина, можев да ги видам сликите на оние далечни места што ми беа драги: сликите од мозаикот на различните југословенски култури коишто се распрснуваа под српските топови токму таа ноќ и многу ноќи пред тоа. Уличната светилка, мирната ноќ, тв екранот зеленкасто отсјаен во прозорецот на урнисаната вила погоре низ улицата, мрачното небо над мене, а во собата жена ми и ќерка ми, заспани. Се разбира. Јас сум, се разбира, премногу несмасен со зборовите за да го изнесам на виделина она што ѝ се опира на вербализацијата. Јас сум, се разбира, немоќен да кажам нешто за тоа скапоцено лично време; ништо навистина ефективно коешто би го уловило своевидното мистичко искуство на микрокосмосот којшто во истовреме е и макрокосмос, искуство коешто верував дека сум го имал во тие прекрасни ноќи на балконот во Буда.
Сигурен сум дека звучи патетично, дека јас сум патетичен, но не можам ништо против тоа. Навистина прецизно почувствував дека низ мене зборува глас како да сум некој вид медиум, поставен на расположение на некоја непозната а моќна сила. Тоа беше глас бескрајно многу поголем мене самиот и кому му се отворив потполно, бескомпромисно и без предрасуди. Во секојдневниот живот, во дневните активности, таквото ослободување од рутинизираните навики за мене е невозможно. Всушност, не сум убеден дека е воопшто пожелно тие моменти да се внесат во секојдневниот живот, како на пример потрагата по неможното, односно, самиот момент кога визијата и сведоштвото висат во лабава рамнотежа би станал неможен. Не би постоел споредбен стандард со кој разликата помеѓу апсолутната реалност на лирскиот процес и здодевната реалност на секојдневниот живот би биле соодветно одделени. Бев свесен за таа разлика затоа што во екстатична треска од урамнотежено место и време, во галежен допир на раката од зад ѕвездите, во глас поголем од капацитетот на мојот речник, во инкатацискиот ритам на прстите што притискаат по тастатурата, таа ноќ напишав дури шест песни. Подоцна, кога конечно прочитав што сум напишал, се вџашив кога видов колку се песните поврзани со двете есенцијални теми коишто ме обземаа во тоа време и на коишто се алудира во насловот на збирката, градот и детето.
Ако поетските книги се „за“ нешто воопшто допирливо, тогаш оваа книга е „за“ градот како искуство imago mundi. Како таква, таа носи силна биографска нотка: јас сум првиот во скромната митологија на моето семејство којшто е роден во град, а не во селската традиција на словенечките полиња. А сепак, истовремено, ова лично искуство е поврзано со одговорноста кон поголемото искуство на градот кому што, токму таа ноќ и многу пред неа, му беше оспорен неговиот историски живот. Ја негувам илузијата дека е очигледно како овие песни зборуваат за градот Сараево, иако градот во моите песни никогаш не е експлицитно идентификуван како опсадената босанска престолнина, би можел да се смета за метафора на културата и свесноста под смртна закана. Од друга, не помалку важна страна, книгата настојува да го претстави универзумот на љубовта и одговорноста за индивидуалниот живот, кому што му беше доделена состојка поголема од лирското дрдорење кога ми се роди првото дете, ќерка ми Клара.
Во насловот, како и во песните од збирката, барем се надевам, двата збора се споија, при што судбински и самиот се одредив: елегија за смртноста и убиственоста на човечкото суштество која што е отелотворена во крајот на она Сараево кое го знаевме, и едноставна химна на животниот тек која се однесува на чудото на зачетокот. Овие две чуда, смртта на градот и раѓањето на ново човечко суштество, коешто од слабост освојува потполно нови територии и ме води кон нови енергетски полиња, можат да бидат возможни само низ контактот со големиот синџир на постоењето во којшто ја славиме мистеријата на животот со негово повторување. Откако влегов во синџирот којшто ги поврзува сè уште неродените со одамна починатите, ја минав не само трансформацијата од син во татко, туку ми беше дадена тензична можност за трансцендирање на себеси. Моето интуитивно чувство дека поетот може и мора да биде сведок на своето време, во оваа книга се оствари можеби попотполно отколку кога било порано. Сепак, за да заслужи повторно читање, Градот и детето мора да биде оплодена и од визионерски импулс, којшто е единствено способен да го претвори документот на првиот сведок во универзална слика на животот којшто не познава историски периоди и политички системи, локални господари на војната и дворски поданици. Јаството патува низ сите нив, исчезнувајќи во деталите на личната состојба и израснувајќи во архетип, како што имагинацијата посега по световите осветлени од слабиот зрак на уличната светилка и поезијата започнува да говори.

Превод од англиски Игор Исаковски

2018-08-21T17:21:42+00:00 јуни 1st, 2003|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 32|