Принципот слобода vs. стапиците на стравот

/, Литература, Блесок бр. 106/Принципот слобода vs. стапиците на стравот

Принципот слобода vs. стапиците на стравот

Принципот слобода vs. стапиците на стравот


Ако се смета дека песната при секое читање го преминува патот од личен во надличен исказ, со што туѓиот исказ на песната станува свој, личен исказ на читателот, тогаш ‚универзализацијата‘ на поетскиот свет се остварува преку иницијација на туѓиот исказ во свој, преку усвојување (адопција) на поетската визија како своја, што пак подразбира маргинализација на категоријата своја (автор). Се брише разликата меѓу свој и туѓ поглед на свет и се отвора просторот на споделени слики на свет. Во просторот на духовната и книжевната комуникација се ставаат на втор план „имотните“ и своинските категории. Заедничкиот простор на авторот и читателот е споделената визија и дискретното разбирање, а тоа е другото име на препознавањето во другиот и во неговиот идентитет.
Поради тоа, легитимно е прашањето што го поставува Алеш Дебељак во песната во проза, од циклусот „Северни елегии“ (Мигови страв, 1990): „Ќе можеш ли да се препознаеш во оваа песна“ (Космополис, 2010: 12).1F Тоа прашање е поставено имплицитно до читателот, а експлицитно до лирскиот субјект и до другото лице на поетот (до себеси), па и до замислениот соговорник на песната (макар се работело за подвоено Јас!). Прашањето на препознавањето е постојано отворено, пред секоја песна, при секое читање, при секое соочување со светот и со неговите слики. Можеби тој чин на препознавање на стварноста интервенира во светот на фикцијата, па станува битен за негување на „осетот за реалност, која се менува како непостојаните архипелази во јужните мориња“.
Имајќи ги предвид овие сигнали за присуството на (интимната сенка на) стварноста во поезијата на словенечкиот, јужнословенскиот и европски поет Алеш Дебељак (1961, Љубљана),2F ќе си допуштам да ја контекстуализирам интерпретацијата на неговата поезија по однос на културно-историската ситуација од крајот на XX и почетокот на XXI век. Во тие рамки, контекстот ќе реферира и на неговите есеистички, односно социо-политиколошки и филозофски сфаќања за југословенскиот хабитус и за смислата и последиците од распадот на југословенската федерација (визирана како ‚Атлантида’), сфатена како парабола на балканизацијата на Европа и на светот, објавени во хрватскиот превод на книгата Балканско дувло (2014).
На секоја „балканизација“ ѝ следи некоја нова интеграција, европеизација и глобализација. Не секоја фрагментација ѝ следи некоја нова структура (нов систем на односи), нови рамки, граници и групации на фрагментираните делови. Нов мизансцен, нова режиска постава на истиот прототекст. Згора на тоа, во XXI век, се ревидира и самата текстура на општествата (не само на државите), нивните идентитети, жигосани со стратегијата на флуидните, менливи, но и минливи идентитети, националниот и демографскиот инжинеринг. Се востановува психо-социјален амбиент на сеење страв, по сите основи: (1) темелниот страв од смртта метастазиран во страв од ужасна смрт; (2) стравот од бесмисла и апсурд, од недостиг на смисла на живеењето, поточно страдање поради загубената смисла на живеење, загубениот дом (држава), раселените народи и пријатели; (3) стравот од осаменост или изолација, од модусот на живот во енклави и гета (веќе не само индивидуална туку и колективна, а во личниот идентитет се проектира и дел од колективниот!) и, конечно, (4) стравот од слободата, паничниот страв од слободата кој блокира, кој ја парализира личноста и создава инвалидни индивидуи.
Што се однесува до овој страв, стравот од слободата, може да се каже дека поезијата на Алеш Дебељак е ослободена од него, дека постојано се ослободува од стравот спротивставувајќи му се, покажувајќи дека е можно да се почувствува задоволство од слободата на мислата, изразот и говорот, на движењето, на самопретставувањето, на идентитетот, на стилот, на начинот на живеење… И не само тоа, слободата во поезијата на Алеш е услов без којшто не е можно да се биде, да се опстане. И повеќе од тоа, поезијата на Дебељак е ода на слободата. Таа е чин на ослободување, кој со секоја нова песна го освојува просторот на слободата. Оттаму впечатокот за извесната „лефтерност“ на исказот на песните,3F впечатокот дека песните се напишани со леснотија и се читаат со леснотија, ослободени од претенциозност, депримираност, артифициелна херметичност и софистицираност. Имаме предвид една лефтерност која е елегантна и луцидна Таа е луцидна особено во финалето на песните кога прави пресврти кои ја превреднуваат семантиката на песната и побудуваат ефект на задоволство во изненадата, во превратот. Имаме предвид една лефтерност која не кокетира со слободата, туку создава амбиент на слобода, чувство, привид и илузија на слобода. Имаме предвид еден интелектуален хабитус кој пркоси и се стреми кон преврат, кон суштински преврат, а не кон преврат-заради-преврат.
Тоа е клучот на шармот на поезијата на Дебељак – да привлече со својата наративност и конфесионалност, со својата вкоренетост во личното искуство и во искуството со различните облици на колективна егзистенција (светот на некогашната југословенска држава, новите пара-државни рамки на Европската унија, расчекорот меѓу политичката аксиологија и реалноста…). Меѓу редовите на таа наративизирана исповедност (која како да сака да нè увери во дневничко-мемоарската генеза на искажаното) се поставени, речиси филмски динамично и монтажно, визуелни и емотивни фрагменти и сензации. Сето тоа, пак, е вклопено во доминантниот обликовен модус на Дебељак, сонетот и пара-сонетот (со четири катрена или со два катрена и два терцена), како и дистихот. Налик на сонет, а сепак една „лефтерна“ варијанта на сонет, ослободена од строгата форма на сонетот (четири строфи со 4+4+3+3 стиха, плус рима, плус акростих).4F
#b
1. Во првиот превод на македонски јазик, во авторство на Лидија Димковска, исказот гласи: „Ќе најдеш ли сега сили да се препознаеш во оваа песна?“ (Избрани песни, 2004: 44).
2. Zamenjave, zamenjave (PAM, Mladinska knjiga 1982), Имињата на смртта (Imena smrti, Mladinska knjiga 1985), Slovar tišine (Aleph Press 1987), Мигови на страв (Minute strahu, Mladinska knjiga 1990), Градот и детето (Mesto in otrok, Mladinska knjiga 1996), Незавршени оди (Nedokončane hvalnice, Mladinska knjiga 2000), Под површината (2004 Pod gladino, Mladinska knjiga 2004), Кријумчари (Tihotapci, Mladinska knjiga 2009). Неговото есеистичко творештво опфаќа над 14 книги, меѓу коишто: Меланхолични фигури 1988, Постмодерната сфинга 1989, Темното небо на Америка 1991, Над руините на модерноста 1999, Балканскиот мост: есеи за книжевноста на ’југословенската Атлантида’ , 2010 и други.
3. На грчки елефтериа значи слобода, а во македонскиот колоквијален говор се употребува зборот лефтерно во значење на лесно, лежерно, леко и слободно.
4. Само во книгата Мигови страв (1990), која ги содржи прекрасните „Северни елегии“, поетскиот изказ е прозаизиран и наративизиран и технички, и стилски.

2018-12-19T12:08:11+00:00 март 30th, 2016|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 106|