Придобивки во преводот

/, Литература, Блесок бр. 42/Придобивки во преводот

Придобивки во преводот

Иако до одреден степен е разбирливо, славењето на оригиналноста настојува да ги засени другите аспекти на создавањето на уметност и книжевност и нивното долготрајно значење во еволуцијата на цивилизациите: имено, книжевноста претставува многу повеќе од обичен след на оригинални дела создадени од големи автори. Исто толку е важно што книжевноста претставува постојан разговор во и помеѓу различните историски периоди и цивилизации. Овој разговор е, всушност, ништо помалку и ништо повеќе туку историја на цивилизацијата и, во голема мера благодарение на преводот, разговорот успеал да ги надмине временските, географските и културните ограничувања и да им биде достапен дури и на „најагресивните еднојазични“ народи. Езра Паунд, контроверзна фигура во модернизмот на XX век, исто така одиграл контроверзна (иако не толку позната) улога во преведувањето во минатиот век. Ги отфрлил обичаите на викторијанските преведувачи кои античките писатели ги вметнувале во убаво стихувани метри, и ги поттикнувал преведувачите за пред сè да го „направат тоа ново!“. Преводите на Паунд, иако критикувани поради тоа што биле премногу „слободни“, внеле сила и енергија при вдомувањето на личности чии дела се сè друго освен загубени во разговорот помеѓу цивилизациите – од кинескиот поет од VI век, Ли По, до ренесансиот италијански поет, Гвидо Кавалканти, до француските трубадури од Прованса, Даниел Арно и Бертран де Борн.
Во текот на својата долга кариера, Паунд никогаш не ја изгубил од вид важноста на традицијата и преводот – пренесувањето на големите дела од една култура во друга. Во неговиот есеј Како да се чита, тој посочува на важноста на преводот во историјата на англиската книжевност: „… Англиската книжевност живее од преводот, се храни со него; секоја нова возбуда, секој нов потег се поттикнати од преводот, секоја голема ера е ера на преводи, почнувајќи од Џефри Чосер, Великиот Преведувач…“. А во следната забелешка во истиот есеј, Паунд открива дека чудната двојност (или непромисленост) на англо-американската книжевна култура кон преводот му претходела на претворањето на англискиот јазик во lingua franca, настрана од претворањето на Америка во единствена светска супер-сила: „Навистина е чудно, но историите на шпанската и италијанската книжевност секогаш се потпираат врз преведувачите. Историите на англиската книжевност секогаш се лизгаат преку преводот – претпоставувам дека тоа е комплекс на помала вредност – а сепак, некои оф најдобрите книги на англиски се преводи“.
Поради личноста на Паунд која е „поголема од животот“ и повластената положба која на преведувачите им ја дал во своето дело, тој речиси успеал да го победи несмасниот стереотип за преведувачот: да ја отрфли идејата за преведувачот како за евнух во харемот на книжевноста. Паунд инспирирал една генерација на таканаречени модернистички преведувачи – Луис Зуковски и Пол Блекбурн, меѓу другите – кои се труделе да ги пренесат делата на античките поети од Рим и средовековните Провансалци на еден свеж, крајно модерен, понекогаш контроверзен начин, и на тој начин да ја поттикнат страста на новите читатели. Сеедно, влијанието на Паунд е малку присутно во современите англо-американски преводи, коишто сега, наместо да ги имитираат викторијанските стилистички техники кои Паунд толку многу ги презирал, прифаќаат еден вид на проѕирен исказ или авторитативен едноставен стил. Во секој случај, доминантните преведувачки методи (доминантни барем на пазарот, ако не на универзитетите) се насочуваат кон подомаќување на странскиот текст, кон толкаво преработување што англискиот читател многу често воопшто и не знае дека делото е превод. Секој редовен читател на освртите за преведени книжевни дела ќе ја забележи насрченоста за пофалби на мазнотијата, течноста и говорливоста, додека сите знаци на „преводност“ ќе бидат покудени: односно, несоодветната синтакса, изборот на зборовите или архаичниот речник кој содржи траги на странскиот печат на оригиналот.
Како и да е, донекаде и поради оставнината на Паунд а донекаде и поради надвладувањето на постмодернистичкиот израз во денешните академски кругови, главниот судир на студиите за превод остануваат меѓу ова две крајности: помеѓу преведувачките модуси на подомаќување и таканареченото постранчување на преводот. Иако деконструкционалистите го беа обновиле ова прашање со нова и предвивливо политичка страст, тешко дека се работи за нова тема. Теологот Фредерих Шлеирмахер во својот есеј од 1813, насловен За различните методи на превод (Frederich Schleirmacher, On the Different Methods of Translation), напишал една единствена реченица која во себе го содржи основниот избор со кој се соочува секој преведувач, и тогаш и сега: „Или преведувачот го остава авторот настрана колку што е можно повеќе и го доближува читателот до писателот, или го остава читателот настрана и го доближува писателот до читателот“. Доближувањето на текстот до читателот во еден превод означува подомаќување на странскиот текст – отстранување на неговиот суштинско странски елемент. Доближувањето на читателот до оригиналот го претставува она кое некои теоретичари го нарекуваат постранчување – односно, пренесување на елементот на културната „другост“ која го обележува странскиот текст.
Оваа расправа ме потсетува на една забавна епизода која се случи во првите месеци од мојот престој во Словенија, кога сè уште го учев јазикот. Станува збор за една од големите пречки со која се соочуваат преведувачите и студентите по јазик: постоењето на две нивоа во европските јазици: формалното од една, и неформалното од друга страна. Ова второво е разговорно правило кое дава суштински назнаки и во пишаниот и во изговорениот дијалог. Обично се мисли дека оваа практика е непреводлива на англиски, а се чини дека оваа епизода тоа го потврдува. Во некое љубљанско кафуле пиев кафе со пријателот, кога еден младич вшета внатре и ни се придружи. Мојот пријател го претстави младичот и откако ми ја стегна дланката и се поклони во манир на стариот свет (Европа, заб. прев.), младичот седна спроти мене и искрено ме погледна в очи: „Можам ли да те викам ’тѝ?“, ме праша на совршен англиски јазик. Ми требаше некое време за да го разберам ова необично барање а потоа, не сакајќи да го вознемирам, скромно се согласив, и со овој напор кој можеше да се нарече крајно подомаќување – разговорот продолжи без пречки.
А сепак, како еден преведувач би можел да се справи со ваков проблем кога на него ќе наиде (а многу веројатно е дека тоа и ќе му се случи) во книжевно дело? Треба ли да се обиде да најде англиска замена за секојдневната форма (нешто што ќе звучи како „еј, бате“), или треба да се определи за архаичните “thee” или “thou”? Еден едноставен и елегантен пример за постранчување во еден сличен случај може да се најде во преводот на Слепило од Хосе Сарамаго, португалски автор кој ја доби Нобеловата награда за книжевност во 1988. Преведувачот на Сарамаго, Џовани Понтиеро, кога се соочил со експлицитно изразување на формалното наспроти неформалното обраќање, едноставно ја оставил заменката на португалски: „Мораш да ме викаш ‘tu’“, ѝ вели една постара жена на една помлада во еден значаен и потресен момент од нивниот однос. Зборот и неговата конотација ги разбрале сите, освен можеби најпростите читатели. Она што е позначајно е дека преведувачот не се труди да создаде илузија дека дејствието се случува во, на пример, Кливленд, Охајо. Со други зборови, не се труди да создаде илузија дека делото не е во превод. Читателот, во овој случај, многу нежно и ефектно е доближен до странскиот текст.
Многуте од жешките прашања кои ги прават поделба помеѓу теоретичарите на преводот би можеле делумно да бидат решени доколку на преводот се гледа како на жанр одделен од оригиналната книжевност. Ова не е многу чуден предлог; така би се отворил простор за многуте различни пристапи кон преводот: од Набоковата груба буквалност, преку двојазични изданија, до Паундовите послободни импровизации на оригиналот. Самиот Паунд направил разлика помеѓу „интерпретативен превод“ и „другиот вид превод“. За „другиот вид“, Паунд напишал: „Мислам на случаи кога ’преведувачот’ со сигурност создава нова песна, [која што] едноставно спаѓа во доменот на оригиналното пишување, или, пак, доколку не спаѓа мора да биде оценета според еднакви мерила…“. Конечно, некои странски текстови (оние кои се сметаат за лесно „преводливи“) се поподложни на книжевно обликување, додека другите (оние помалку „преводливите“) изискуваат покреативни решенија, а некои несомнено се здобиваат и со нов живот под силното авторско перо како она на Паунд. Една поопшта дефиниција на преводот, и тоа таква што прави јасна разлика со оригиналната композиција би можела да ги опфати сите. Дефинирањето на преводот како потполно различен жанр – и одделувањето на преводите од оригиналните дела на полиците, како што рутински се прави во словенечките книжарници – би ја отстранила миговната збунетост која ме обзеде на Пјаца Навона. Така, оригиналните дела на Џек Керуак не би биле сместени помеѓу преводите на Кафка и Кундера.
Иако промената во дефинирањето би решила одредени проблеми со кои се соочува преводот на англо-американскиот пазар, нема да го реши главниот: опаѓачкиот број на странски дела кои деновиве воопшто се преведуваат. Исто како што двојбата помеѓу подомаќувањето и постранчувањето на преводот е присутна долго пред постмодернизмот па дури и пред модернизмот, така е присутно и многу попроблематичното прашање за користење на странската книжевност и преводот како метод за проширување (или негирање) на културното влијание. Не изненадува што овој обичај постои откако постојат културните империи и преводите. Римската империја, со која деновиве често ја споредуваат Америка, ја посеала првата жетва на книжевни преведувачи во Западната цивилизација. Римјаните биле многу понападни отколку денешните културни империјалисти: не само што ги подомаќувале делата на Старите Грци, туку потполно ги преработувале; менувајќи ја грчката синтакса со онаа на латинскиот јазик, тие дури ги менувале имињата на местата и личните имиња на Грците со латински. Понекогаш, спротивно на денешните обичаи во издаваштвото, кои одат кон намалување на улогата на преведувачот, авторите на оригиналните старогрчки дела биле запишувани на последната страница, а латинскиот преведувач ја добивал насловната. „Во тоа време“, забележал Ниче, „да се преведе значело да се освои“.
Денес Холивуд на големо ги користи римските методи, земајќи добри филмови како La Femme Nikita ремек-делото на Годар Без здив и ги преобразува во блуткава американска приказна која речиси воопшто нема допирни точки со оригиналот. Издавачката индустрија, од друга страна, има прифатено многу поопасен модел. Дури и не мачејќи се да ги преведе, а уште помалку да ги асимилира странските дела, американскиот културен интерес ја покорува странската книжевност со едноставно игнорирање. Се плаќа висока цена на обете страни на ова културно равенство. Помалите култури страдаат бидејчи нивната книжевност не е во оптек, но – иронично – освојувачот може да плати дури и повисока цена: застоеност и ограниченост во областа на домашната книжевна креација, како и недостаток на можни поттици кои се потребни за да се отпочне со велика ера на книжевноста. Сите расправии во академските кругови околу добрите и лошите преводи, околу верните и прекрасните преводи, околу подомаќувањето и постранчувањето на преводот се интересни, но во постојната културна битка се потполно безначајни. Нешто како старата изрека дека полошо нешто од лошиот публицитет е никаков публицитет. Соодветно, единствено полошо нешто од лошиот превод е не постоење на никаков превод.
Секако дека некој нема да се сложи со овој став. Сепак, толку нешта се кажани околу она што е загубено во преводот (Роберт Фрост славно заклучи дека токму поезијата е загубена во преводот), што често ги превидуваме огромните придобивки. Цела една школа на пуристи и радикални теоретичари на преводот може да спори дека Алеш и јас дури и не сме читале исто книжевно дело додека низ ноќта сме патувале кон нашата средба во април 1992, и, од извесна перспектива, можеби дури и ќе бидат во право. Ортега и Гасет (брилјантен мислител кој како и повеќето од половината од славни личности цитирани во овој есеј е цитиран во превод) тоа вака го кажува: „Едноставен факт е дека преводот не е дело, туку патека кон делото“.
Туку, ајде да направиме мала пауза и да се чудиме пред најскромниот збор: патека. Зашто, без патеки, како реални така и метафорични, сите сме насукани во своите места, во неможност за движење, неспособни за разговор и разбирање, во неможност да ја надминеме нашата локална состојба. Алешовата патека – неговиот превод на Бесмртност, ако милувате – го однесе преку новородената земја Словенија, преку басенот на реката По, преку Апенинскиот планински масив, и конечно во Рим. Мојата патека, мојот сосем поинаков превод, ме крена во воздух, преку огромиот океан, од една голема континентална маса кон друга. Сепак, и покрај нашите далечни точки на потекло, нашите различни патувања, фактот што превозните средства ни беа толку различни – тој во воз залепен за копното, јас во страшен млазен авион кој минува на 10 километри од површината на земјата – обајцата пристигнавме на истото место: студената камена клупа на речиси празната Пјаца Навона. Или, попрецизно, пристигнавме на место блиско до она на кое две човечки суштества воопшто можат да се надеваат дека ќе стигнат.
Тоа е она што се добива со преводот.

Превод од англиски: Игор Исаковски

2018-08-21T17:21:33+00:00 мај 1st, 2005|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 42|