Придобивки во преводот

/, Литература, Блесок бр. 42/Придобивки во преводот

Придобивки во преводот

Цела свита издавачи изнесуваат бројни причини за нивната сè помала подготвеност да ризикуваат со непознати странски автори. На врвот на списокот е концентираноста на сопствеништвото во издавачката индустрија на неколку профитно ориентирани конгломерати. Издавачите, исто така, наведуваат дека повеќе издавачки куќи во Америка едвај да имаат вработено уредници кои зборуваат странски јазици, а не сакаат да се потпрат на совети однадвор во однос на тоа кои странски книги би ја поттикнале мечтата на американската публика. Што се однесува до нејасната мечта на оваа публика, неа ја одредува тоа што претпочита раскажување и акција, на сметка на атмосферата и философирањето (последниве квалитети се поприсутни во не-американските книжевни дела отколку во домашните). Понатаму, американските читатели се навикнати на книжевност која е скроена според нивната специфична ситуација. Веќе ретко кое американско книжевно дело е напишано со вистинска меѓународна перспектива. Дури и книгите кои се сместени во меѓународно опкружување – како Прага од Артур Филипс и извадоците од Преправки на Џонатан Френцен кои се случуваат во Литванија – ретко ја надминуваат домашната ментална рамка. Во споменатиот напис во Њу Јорк Тајмс, Естер Ален, претседателка на Преводниот комитет на Меѓународниот ПЕН, зборува за последиците од така ограничените издавачки трендови а надвор од границите на Америка: „Бидејќи англискиот е lingua franca, преведувањето на една книга на англиски ја става во позиција да биде преведена на многу други јазици. Ние сме затнатата артерија која на авторите им оневозможува да допрат до читателите надвор од нивните земји“.
Сепак, колку и да е примамливо да се направи едноставна причинска врска помеѓу империјалното парадирање во културата и отфрлањето на странската книжевност и нејзините преведувачи, во мешавината влегуваат и многу други фактори а во голем степен самата природа на преведувањето наложува поуниверзални пристапи кон преводот како книжевна активност. Ќе се осмелам да речам дека во ниедна култура, без оглед колку е слободоумна и космополитска, преведеното дело ја нема истата тежина како и оригиналот, ниту пак преведувачот го добива истото внимание како авторот. Дури и во мала земја каква што е Словенија, со население од едвај два милиони жители, земја која активно ги промовира и поддржува преводите на својата книжевност на други јазици и обратно, преведувачот ретко седнува на книжевнит пиедестал. Мојата свастика, која е воспитувачка во градинка, неодамна ми кажа една апокрифна приказна за едно дете кое гордо најавило дека сака да биде ѕидар кога ќе порасне. Кога таа го прашала дали и татко му е ѕидар, гордоста на детето се претворила во засраменост.
„Не“, промрморело тоа едвај чујно: „Преведувач е“.
Далеку од тоа дека ова дете е осамено во своето потценување на здодевната и најчесто невидлива улога на книжевниот преведувач. Доколку преведувачот добро си ја завршил работата, како што беше случај со преводот на Питер Куси на Бесмртност, неговата интервенција е потполно невидлива на страниците од делото. Трудот на авторот и трудот на преведувачот се стопуваат во мазна уметничка согласност, за која авторот добива лавовски дел од заслугите. Доколку, пак, во преводот има очигледни грешки или неправилности, преведувачот го исмеваат. Во обата случаи, од гледна точка на неговото дете во градинка, преведувачот е предодреден да биде бледа и безначајна фигура.
Што е уште полошо, дури и оние кои би требало да ги знаат работите барем малку подобро – љубителите на книгата, писателите, дури и самите потценети преведувачи – не го почитуваат преведувачот. Владимир Набоков кој го преведе Пушкиновиот Евгениј Онегин од руски на англиски и го зазеде невообичаениот став дека само буквалниот превод (збор-за-збор) може да се смета за веродостоен превод, ја презре работата на современите комерцијални преведувачи со следната досетка: „… ученичката грешка ќе биде помалку потсмевлива во однос на оригиналното ремек-дело…“. Во есејот насловен Задоволствата и проблемите на преводот, Доналд Фрејм (Donald Frame, Pleasures and Problems of Translation), преведувач на собраните дела на Мишел де Монтањ, го изразува во суштина истото мислење, иако малку поучтиво отколку Набоков: „Очигледно [преводот] е далеку под добрата книжевна креација, а над добрите критички анализи“. Добрите критички анализи! Нејсе, дали е тоа она кое што очекуваме остроумниот читател да го чита на прекуокеанските летови? Но, она што најмногу боли во забелешката на Фрејм е безгрижноста на придавката „очигледно“, која ја отфрла дури и можноста за несогласување.
Зошто се преведувачите толку малку почитувани? Конечно, Фрејм, во истиот есеј, признава дека преводот „изискува многу од истата силина“ на книжевната креација и на книжевната анализа. Главниот практичен проблем кој ги напаѓа преведувачите – и секако влијае на репутацијата на занаетот – е утописката природа на самата задача: потврдената неможност за создавање на совршен и неповторлив превод. Иако е крајно тешко, секако дека е возможно да се создаде совршено и единствено дело во книжевноста – тоа е, на крајот на краиштата, она што го прават големите писатели. Но никогаш не е можно, дури ни за највештите преведувачи, да создадат совршен и единствен превод за сите времиња. Набоков тврди дека единствен веродостоен превод е оној во кој стилот на преведувачот на никој начин нема да се наметне пред стилот на оригиналниот автор (со други зборови, потполно неутрално преведување, збор-за-збор). Ова е само уште еден начин да се каже дека преводот не е веродостојна дејност. Зашто, се разбира, преведувачот не може да постигне потполно неутрален, проѕирен, безличен стил во мера поголема од онаа која ја постигнува авторот на оригиналното дело. Усложнувајќи го чинот на преводот уште повеќе, не само авторите и преведувачите туку и засебните јазици и историските периоди во кои јазиците се говорат и пишуваат, имаат свој посебен стил. Секој јазик има своја внатрешна форма, свои граматички можности, свој специфичен речник со единствени културни одредници.
Сите сме чуле дека јазиците кои ги говорат Ескимите имаат безброј изрази за снег, но се чини дека никогаш не сме помислиле за тешкотиите кои би се испречиле пред посветениот преведувач на нивната книжевност. Како може преведувачот да ги изрази суптилностите на тие многубројни синоними со единствениот збор снег? А уште помалку сме помислиле како тие тешкотии можат да се сменат со текот на времето, додека јазиците и културите се развиваат. Хосе Ортега и Гасет, во Бедата и сјајот на преводот, (Jose Ortega y Gasset, The Misery and Splendor of Translation) ни дава пример од европските јазици: „Бидејќи јазиците се формирани во различни пејзажи, низ различни искуства, нивната несовпадливост е природна. Неточно е, на пример, да се сопостави она кое Шпанецот го нарекува bosque [шума] со она кое Германецоте го нарекува Wald, иако речникот ни кажува дека Wald значи bosque“. Ортега го насочува вниманието кон искуствената несообрзаност помеѓу културните реалности. Се разбира, овој единечен пример на практично ниво на преведувачот ќе му зададе сосем мала потешкотија. Необесхрабрен од несоодветноста на културните реалитети, тој едноставно ќе ја вметне именката и, благодарен за навидум потполната јасност, продолжува да работи.
Но, всушност, постојат релативно малку изрази кои преведувачот не го ставаат пред дилемата која ја невестува Ортега и Гасет. Преведувачот мора постојано не само да разбира, туку и да избира од огромниот спектар зборови и фрази, од кои секој/а си носи своја културна имликација. Кога треба да избере архаичен израз наместо современ? Кога треба да избере невообичаен наместо вообичаен израз, сленговски изговор наместо книжевен, помпезен збор наместо секојдневен: жизнерадосен наместо весел, цајкани наместо полиција, образ наместо чест? Дали преведувачот на едно поетско дело треба да се обиде да го сочува значењето по секоја цена, или значењето треба да биде жртвувано за да се задоволат барањата на формата и римата, на асонанцата и алитерацијата? Изборите се бесконечни, а секој пат води кон различен резултат.
Предизвиците со кои се соочува преводот изродија бројни поговорки и клишеа за самиот занает. Една од нив е дека секое големо дело треба да се преведе барем еднаш во секоја генерација. Дантеовиот Пекол, на пример, на англиски е преведен барем девет пати само во последните три децении. Некои од овие верзии се насочени кон пренесување на Дантеовата сложена терца рима (Роберт Пински, 1994), други користат несврзана терцетна форма (Џон Кјарди, 1982), а трети избираат проза (Чарлс Синглтон, 1970) за да им ја пренесат славната поема од XIV век на новите генерации читатели. Непотребно е да се нагласува дека секоја од овие интерпретации е различна од претходната, како што е различна и од оригиналното дело. Сепак, попесимистички изреки ни доаѓаат од јазикот од кој се родил Данте – traduttore, traditore (преведувач, предавник) – со тврдењето дека бидејќи секој обид за превод од еден на друг јазик е неизбежно предавство на едно оригинално ремек-дело, секој еден превод – а не пак девет – е одвишен. Можеби не е случајно што една помалку позната поговорка за преводот ја содржи и метафората за верноста. Оваа се однесува не само на значењето и на лингвистичко-историскиот контекст на оригиналниот текст, туку и на неговите естетски квалитети. „Преводот“, вели поговорката, „е како жена: ако е верна не е убава, а ако е убава не е верна“.
Ако основниот прагматичен проблем со кој преведувачот се соочува почива во утописката природа на неговата задача, главната причина поради која му е ускратена книжевната почит соодветно доаѓа од чисто епистемолошкото прашање: прашањето за оригиналноста. Навистина, преведувачот мора да поседува голем арсенал орудија: книжевна чувственост, писателски техники, течност и владеење не само на јазикот и културата на оргиналниот текст, туку и на јазикот и културата на кој текстот го преведува. Но, она што нему и на неговиот превод секогаш ќе им недостасува, без оглед на интуицијата и вештините со кои го направил, е уметничката оригиналност: непосреден контакт со умот и моливот на оригиналниот создавач. За несреќа на преведувачот, оригиналноста е најцврстата и најпочитуваната валута во светот на Западната цивилизација. Доколку се открие, на пример, дека некое многу почитувано дело кое му се припишува на Рембрант не е насликано од самиот мајстор, туку од член на неговото ателје, тогаш таа специфична слика – без оглед на уметничките достигнувања – губи рецка или две при проценката. Падот на Џерзи Козински, авторот на Обоената птица и други дела, ни нуди предупредувачка приказна од аналите на книжевноста. Кога се откри дека уредниците и помошниците (оние кои „го превеле“ делото на Козински од неговиот полско-англиски на исполиран англиски) можеби учествувале во оригиналната композиција на делата, угледот на романите и на самиот автор доживеа остар пад.

2018-08-21T17:21:33+00:00 мај 1st, 2005|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 42|