Патоказот и патот

/, Литература, Блесок бр. 20/Патоказот и патот

Патоказот и патот

Од „Големата градба и други разговори со Непознатиот“, Блесок 2001

Муаз беше растревожен.
Веќе пет дена патува.
Откако знае за себе, Муаз сака да патува; возбуден и радосен е пред да почне патувањето, а сосема концентриран, внесен во сето околу него, во текот на секое, па и најдолго патување. Ни како петгодишно детенце не го одлепуваше носето од прозорците на вагони, возови, бродови, ни тогаш кога доцната ноќ ќе ги совладаше сите. Гледаше надвор, макар и во непроѕирната темнина, напрегнато, да не би да пропушти нешто од новите светови што му се отвораа.
Сега, еве го во ноќта од петтиот ден на најголемото и највозбудливо патување. Муаз не знаеше точно ни како, ни зошто го прифати патувањето, но знаеше сосема јасно дека поинаку не можел да стори. Мораше да го послуша импулсот што сега му остана единствениот патоказ во барањето на патот до целта.
Од првиот ден, штом навлезе во непознатата земја, му беше нагласено: Следи ги патоказите, а патот ќе те однесе до целта!
Во почетокот, патоказите беа сосема јасни. Многубројни. Кога подобро ќе размисли, сега му станува јасно дека биле толку добро организирани што и немал можност да згреши!
Требаше само да вози по јасно обележан автопат. Сите ленти водеа кон далечен, непознат, но ист правец! Големи, зелени табли, со крупни бели букви, ги најавуваа градовите што чекаа тој и илјадници други возачи, да се решат кој излез да го одберат. Каде да запрат, да ја побараат среќата, да започнат или да довршат некоја работа. И додека пријатно, дискретно пиштеа гумите по чистиот, измазнет асфалт, без какви и да е нерамнини или дупки, додека јасното утро, во кое тргна на патот, му отвораше глетка со острина каква што дотогаш не беше видел, во далечини какви ни во сонот не му се јавија пред тоа, патемно, со аглите од очите забележуваше дека некои возачи мошне рано се престројувале кон рабовите од автопатот. Излегувале уште во првите километри, зад ознаките со имиња на местата. Самите градови, гратчиња, населби, што и да беа тие, никогаш не се гледаа, така што не можеше да создаде никаква претстава за нивната големина, изглед, макар што пејзажот во основа можеше да се следи: благи питоми ридови, обраснати во густа, здрава шума, прошарани со ливади. Фактот што беше рана пролет, им даваше особена возбудлива убавина – интензивни преливи на онаа лута зелена боја на мајските букови лисја, насмеаните преливи на топли сенки, како насликани на сфумато зелено венецијанско стакло. И потоа, и над сè: онаа распеана, широка раскош, раниот април!
За Муаз, раната пролет беше синоним, олицетворение, поетична манифестација на занесот! Утопија над утопии! Кога сè ‘рти, цути, се полни со сокови. Кога се порекнува сè друго освен Почетокот. Кога се забранува и звукот и помислата на Крајот! Кога низ сите нешта одекнува манифестот со кој им се објавува на сите живи нешта дека никогаш веќе ќе нема венеење, ни пожолтен лист, ни затворен, сосушен цвет, ни долги, мрачни есенски дождови, ни соголени, поцрнети гранки, ни тешки, бестелесни зимски маглишта да ја прекријат и последната трага од оние што се осмелиле за подвигот да живеат, и да го избришат и самото сеќавање за нив!
Не! Сè уште не беше тоа иглата, туку повеќе како шепот на студена нота од далечна фригиска музика – тоа што му го допре срцето! Забележа, Муаз, сепак; не можеше да не си признае дека го забележа! – оти возилата што излегуваа од автопатот и заминуваа кон своите избрани (Избрани!?, зошто ли веруваше дека мора да се избрани, а не, на пример, наложени, заповедени, или по забуна, некоја тешка заблуда, наметнати одлуки да се напушти овој ден во сончевина прелеан, како со прелив од јагоди!?) дестинации. Го сепна зборот дестинации. Прв што му падна на ум. Рутински. Прецизен. Па сепак, колку ли само предупредувачки! O tempora, o mores! Fatum et destinatio!
И потоа, наеднаш, јасна, остра болка! Шепотот се стврдна, се изостри. Веќе беше игла. Онаа игла врз којашто, вознемирено, срцето пулсира претпазливо како акробатот врз жицата. А бездната долу! Недогледна! Малку, сосема бегло, како случајно, без намера, а сепак, а сепак… Муаз помисли во себе: „Без залажување: тоа беше иглата!“ Таа ненадејна и директна, од шило поостра помисла што се поврза додека гледаше, занесено и восхитено, додека гледаше разнежено, во питомите предели што бавно пловеа покрај него! Сите заминуваа зад натписот, кој, отпосле кажуваше каде, но претходно најавуваше: EXIT! Exit – EXITUS! Страшниот збор, од онаа страна на сите дијагнози, дијагноза која ги обессилува и ги прави смешно одвишни сите претходни експертизи, дијагностички бравури, конзилиуми и примариуси!
Сите тие ги прекриваше, сокриваше, зад нив се затвораше како поклопец, таа недолжна, ведра покана да се излезе. Exit – Exitus!
И никој, ниту еден единствен, колку за урнек, за иљач да се најде, од тие што го избраа, што не му одолеаја на знакот, веќе не ги виде.

Овие пет дена.
Меѓутоа, самиот тој не беше вознемирен. Иглата бргу исчезна како лош сон. Плукна трипати преку рамото. И ја снема иглата. И пак пред него, недогледен се отвораше прекрасниот пат. Без дупки, пукнатини, нерамнини. Совршено нивелиран, мазен, со асфалтот што, како штотуку миг пред тоа, да беше прелеан, (и тоа само за него, за ќефот и удобноста негова!) врз таа долга нишка од свила по која го бараше своето место.
Не! Реално немаше причини до овој миг да се вознемирува. И, право речено, Муаз не се ни вознемири. Оти, ознаките беа јасни, патоказите се гледаа од далеку, светлоста беше совршена, како што прилега на априлско утро, под небото измиено и ведро, по силен, благороден ноќен дожд! Сè и да сакаше, немаше место на кое би требало да запре, да се замисли. Да праша. Градителот на автопатот, беше тоа очигледно во секој, најситен детаљ, сосема прецизно си ја разработил целата маршрута. Кој оди, каде оди, како таму да стаса – сите тие битни прашања за еден патник низ непознат предел, беа пресметани, обмислени, решени! Од тесното, локално патче по кое тргна, постапно, воден од патоказите, тој напредуваше, тој беше воден! Кон нови, дидактички темпирани и постапно усложнувани, сообраќајни јазли, крстопати, надвозници, подвозници, излезни и влезни приклучоци. Така што не се случи да се соочи со нова ситуација на патот, а во некоја претходна делница веќе да не беше лоциран, подучен, насочен.
И така, мазно, суверено, патуваше. Првиот ден. Па застана да отспие. Да го стори она нужното, важното. Да ги помине, во мислите, сите битни точки од претходниот ден. Да додаде и одземе. Каде згреши, или каде можеше да згреши (оти грешка, барем колку што можеше да види, до сега немаше!), каде постапи соодветно, каде, пак, особено добро, интуитивно, вдахновено постапи! Откога за прв пат го сретна тој податок, Муаз беше опчинет. Го импресионираше и му се виде умно и убаво тоа што во школата на умниот Питагора, сите биле должни да го завршат денот, повторувајќи го детално и искрено во мислите; Откако го помина претходниот ден во мислите, темелно, без подлажување, како питагорејците коишто тоа го правеле за да не ги повторат грешките и за да си ги зацврстат умните и доблесни чинови до најситни поединости, од разбудувањето сè до овој миг сега, в постела, Муаз заспа со смирувачко и окрепувачко чувство дека тој и неговиот прв поминат ден од големото патување се среќно прегрнати, задоволни еден од друг.
И откога, се присети уште Муаз, нешто малку по дознавањето за Питагорејците, го пронајде, дискретно маскиран, па сепак, истиот, препознатлив совет-уката, кај Бекон, само ја зацврсти сопствената верба во таа екстатичка техника! Опијанет од сопствената способност да се вклопи, да создаде хармонија, најнапред со себе, а потоа, со себе и со светот, го промовира начелото на Vindemiatio Prima! – „Првата Берба“, „Прв Гроздобер“, „Прва Реколта“, конечно, „Прво Преиспитување!“ во условот, без којшто, оттогаш, не си дозволи да заспие.
И смирено заспа таа прва ноќ. Оти грешки не најде. Крупни, сериозни, тие што се закануваат, сигурно не. Патоказите јасно ги препознаваше во текот на тој ден, никаде ниту еден не згреши. Дури не се ни двоумеше. Не ја пречекори ни дозволената брзина, не превиде, барем немаше сигнали дека превиде! – ниту еден единствен сообраќаен знак.
И заспа. Со својата Прва Реколта во прегратка заспа со цврстото ветување до себе дека таа исцелувачка практика ќе ја запази низ целиот свој живот. Само така, знаеше, може да се создава искуство од сопствениот живот. Само така може да се живее сопственото искуство! Точно знаеше што треба да продолжи да сади и што да сее; каде да ора; кои растенија да ги потпре, помогне. Што и колку може да очекува од својата нива. Од својот овоштарник. Од своето лозје.
Ден потоа, работите троа се усложнија. Веќе беше во зоната на густ, засилен сообраќај. Ја здогледа и првата сообраќајна незгода. Не запре. Немаше потреба. Но двете коли учеснички во инцидентот, останаа зад него. Повремено, уште долго, Муаз фрлаше поглед во ретровизорот. Возачите стоеја надвор. Гестиклулираа. Сè поситни. Сè поневажни. Неговиот пат, и натаму беше јасно маркиран. Но, сега веќе мораше да се концентрира. Не го водеа толку автоматски, како првиот ден, многуброените паткоази. Во основа, проблеми немаше за оној што беше внимателен во нивното следење. Му се наоѓаа токму во вистинскиот миг.
И така заспа во еден убав мотел, следната, втората ноќ. Со Vindemiatio secunda во својата прегратка. Извлече нови, интересни сознанија. Ги обопшти. Ги спореди со она што го беше научил дотогаш.

2018-08-21T17:21:57+00:00 април 1st, 2001|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 20|