Новото лице на театарската музеологија

/, Литература, Блесок бр. 57/Новото лице на театарската музеологија

Новото лице на театарската музеологија

или Минатото во иднината

За почеток, како „ударна доза“ некои лични варијации на тема паметење – некои од нив базирани на истражувањето на темата, некои како лично себеспознание. Некои повеќе уметнички отколку научни.

Да се памети, значи да се сонува.
Да се памети значи да се знае.
Да се памети значи да се има луциден однос кон она што минало.

Во системот на паметењето во културите, на организираното собирање на есенцијалните придобивки, сеќавањата се сместени во конкретно прецизирани утврдени простори – музеи, архиви, институти. Во сите тие места сериозно и одговорно се колекционира минатото.
Театарското сеќавање не е само лично сеќавање што го чува еден човек, без разлика дали е тоа актер, режисер, сценограф, писател, гледач, критичар. Театарското сеќавање исто како и самиот театар е колективно, повеќебројно, мултиплексно и е множество од лични и официјални сеќавања. Затоа, провоцирана од темата на денешната конференција, решив да пишувам за театарската музеологија, однатре, непосредно, лично и официјално истовремено. Поточно, за нејзиното ново лице, за начинот на кој еден етаблиран систем на архивирање на културни вредности се активира во современи/денешни услови – во период на глобална дигитализација. Можностите што ги нуди дигитализавцијата, на музејот, односно, на театарскиот музеј го носи/пренесува/транспортира/катапултира минатото во иднината. Истражувањето е направено на неколку конкретни музејски постановки, но и на личниот ангажман на одредени збирки што се чуваат во Институтот за театрологија при ФДУ – Скопје. Истржувани се on line збирките на Театарскиот музеј од Лондон, на постојаните постановки на МХАТ и на други големи репрезентативни театарски куќи, како и класичните музејски збирки на Театарските музеи во Белград и Софија. Непосредниот однос на истражувачот и неговото директно вклучување не само во процесот на набљудување, туку и во процесот на создавање на предметот на проучување, донесува специфичен контекст во кој се транспонира оваа студија.

Од овде до таму… меморија

На театарот му треба сеќавањето. Сеќавањето го продолжува театарскиот чин. Доколку не постои комплетното, колективно паметење (не во психолошкиот контекст општопознат како колективна меморија), ќе исчезне и театарот. Компетентноста на театарското сеќавање е во неговиот колективизам, во можноста да се искористат повеќе извори за да се претстави ова искличително уметничко дело. Театарската уметност која не е само театарската претстава, туку и сите изведбени/перформативни дела, би требало да се чува, да се архивира на специфичен начин, наметнат од основните изразни средства. Како што во почетокот на каталогот за постојаната постановка на Театарскиот музеј при „Викторија и Алберт“ Музејот во Лондон/Theatre Museum – Victoria and Albert Museum, London, е напишано – „Театарот е магичен и жив. Театарот е перформанс – сите видови на изведбеност – опера и пантомима, музика и балет, циркус и вариете, магија и мим.“ (Schouvaloft, 1987: 4) А наспроти ова неговата конечност, ефемерност, минливост. Со спуштањето на завесата, со поклонот на актерите, крајот на театарскиот чин е неминовен. Театарскиот музеј во Лондон е еден од најпознатите во светот. Тој во себе, на стариот, отмен, да не речам, препознатлив англиски стил, го собира сеќавањето за цела една голема театарска култура. Култура свесна за својата традиција, како што е англиската, во музејот го препознава последниот дом на артефактите. Посебно, на оние на кои времето се повеќе им го одзема животот. И како што се традиционални, да не речам конзервативни, таквите видувања на светот и уметноста, воопшто, таков е и системот на собирање на театарските предмети – едноставен, прецизен, материјален, класичен, традиционален, да не речам конзервативен систем на архивирање.
Зошто токму од овде, поточно зошто токму од овој музеј, од ова сеќавање, од овој театар? Затоа што од тука некаде односот кон театарот и меморијата почнува да се артикулира, приспособува едниот на другиот, за да може понатаму, не само да се собира, туку и да се проучува, истражува, да не се дозволи смртта на уметничкиот предмет, туку негово понатамошно користење, се разбира во сосема поразлични услови. На едно место, во истиот тој каталог е наведено дека „сеќавањето здружено со забавата секогаш било посебно и евокативно.“ (ибид.) Она што сакам да го акцентирам, а што е сосема познат и прифатен факт – сеќавањето, паметењето, меморијата се непосреден сојузник на театарот, а посебно ако истите имаат и официјална форма, како што е на пример, музејот. На нешто што исчезнува, одминува, завршува, му треба нешто што е конечно, долговечно, бескрајно. Затоа поврзаноста меѓу театарот и сеќавањето е непосредна и постојана. Од друга страна пак, постои свесноста за „новите форми“ (Чехов), во кој е не само театарот, туку и начинот на кој истиот се колекционира. Затоа почнувам компаративно да го анализирам проблемот, од една класична постановка, сместена во утврдена зграда, со класични артефакти датирани и презентирани на однапред познат начин и новиот начин на презентација на истиот тој традиционален музеј на интернет, целосно достапен секому. Се разбира дека за разлика од познатите презентации на интернет на најголемите и најрепрезентативни дигитални музејски збирки како онаа на „Eрмитаж“ од Санкт Петeрсбург, изработена во соработка и како реклама на можностите на една од најголемите компјутерски компании на светот – ИБМ/IBM, како и на Музејот на Холокаустот во Њујорк, оваа музејска збирка од Лондон, како и на другите традиционални театарски музеи е поедноставна и служи само за запознавање со збирката, но не и за нејзино презентирање. Претходно споменатите два репрезентативни дигитални музеи, своите артефакти комплетно ги претвораат од материјални во дигитални и го трансформираат медиумот на нивната презентација. ИБМ има конструирано посебна алатка за прегледување на збирките од музејот, наменета само во дигиталниот виртуелен свет. Кратенката која ја означува е QBIC (Query By Image Content). QBIC е алатка за пребарување (т.н. search engine), која помага да се најде бараниот артефакт, да се види во различни формати и во повеќе позиции (дво- или тродимензионални форми, различни подлоги, анализа на минимални делови со можноста за максимално зумирање и сл.) Целиот тој дигитален/виртуелен музеј е конструиран да нуди повеќе можности од стандардните музејски експонати, а истовремено да ја прикаже и страната на технологијата која е фокусирана кон напредување на уметноста. Затоа и фокусот на ова истражување е позициониран на новото лице на театарската музеологија, на можностите што истата ги нуди и на инвентивниот и иновативен начин на нејзино функционирање.

2018-08-21T17:21:14+00:00 декември 15th, 2007|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 57|