Нови стари времиња на Балканот: Во потрага по културен идентитет

/, Литература, Блесок бр. 53/Нови стари времиња на Балканот: Во потрага по културен идентитет

Нови стари времиња на Балканот: Во потрага по културен идентитет

НОВИ ГЛАСОВИ

Кон крајот на изминатиот век, среде парчињата од поранешната Југославија, на хаотичната и збунетата ‘југословенска’ сцена се појави нова, помлада генерација на драматурзи, режисери, глумци и други театарски уметници. Овие млади луѓе се родија во поранешна Југославија, но пораснаа и се јавија на сцената главно по нејзината смрт, во неколку новоформирани земји, врз изолирани острови.
Во оваа студена атмосфера, каде што старите начини на живот ги уништи војната, а новите културни и морални принципи кои требаше да ги заменат старите сè уште не беа поставени, овие нови млади театарски уметници почнаа да трагаат по сопствениот креативен простор во „новите“ држави. Она што беше битно за нив беше животот и работата со театарот во нивните домови во Босна, Хрватска, Србија, Македонија, Црна Гора. Така овие луѓе, секој на сопствен начин, почнаа да ја гледаат како модел не Југославија, туку Европа. Дејан Дуковски, Жанина Мирчевска, Алмир Имширевиќ, Љубомир Ѓурковиќ, Лада Кастелан, Ивана Сајко, Лидија Шојерман Ходак (нејзината драма Сликите на Марија се појавува во PAJ 77, 2004), Филип Шоваговиќ, Биљана Србљановиќ, Ана Ласиќ и Милена Марковиќ се само неколку млади уметници кои може да се сметаат за парадигматски претставници на оваа нова генерација драматурзи и театарски уметници.
Заедничко за оваа група е фактот што во нивните дела подиректно се обрнува внимание на прашањето за дезинтеграцијата и потрагата по идентитетот, отколку на последиците на војната. Таков е случајот со драмата Буре Барут на Дејан Дуковски, која подоцна беше преработена во филм кој доживеа интернационален успех. Оваа млада генерација е блиска со својата контаминирана почва и во нивните дела има помалку оптимизам, помалку утописки слики и повеќе постмодерен нихилизам и цинизам. Нивните драми и продукции се продукти кои се затворени и ориентирани кон себе, соодветствувајќи со сопствената реалност.
Одговарајќи ѝ на бестијалната „традиција“ на етничката нетолеранција и на војната, како и на судирите во името на „крвта и почвата“, овие автори создаваат сопствени, затворени, темни и горчливи светови. Тука, на самите граници на војната, може да се откријат потресни и изгубени ликови или уништени семејства. Животот е спореден со опстојување во канта за ѓубре или депонија. Во својата најценета драма Депонија, Љубомир Ѓурковиќ од Црна Гора експлицитно укажува на тоа дека војната ги анестезирала луѓето, направила тие да се чувствуваат како ѓубре; светот, според него, е депонија. За оваа генерација, војната и одговорните за неа скоро и не постојат. Се чини дека војната е таму некаде, зад хоризонтот. Тоа не е нивна војна, тоа е нечија туѓа војна. Тие ја игнорираат или се обидуваат да ѝ избегаат, како што прават ликовите и во најпознатата и најпоставуваната драма на Билјана Србљановиќ од крајот на деведесеттите години, Белградска трилогија. Во ова дело ликовите се незрели тинејџери и адолесценти, нечии жртви кои одбиваат да пораснат и да станат одговорни. Живеат во свет на безредие, свет без правец и компас, свет кој го изгубил разумот. Нема љубов, надеж, или каков било друг вид разбирање, добрина, или израз на хумани чувства; човечкото е изгубено. Во друга драма, Семејни приказни, Србљановиќ како да вели дека минатото е уништено, сегашноста е неподнослива, а иднината не постои. Оваа слика ја надополнуваат и драмите на Алмир Имширевиќ од Сараево, Балкански ѓавол, Срам и Кога ова би била претстава, каде што се тврди дека животот веќе нема смисла, а и дека поддржувањето на театарот, културата или други човечки вредности се сосема неважни во тој дел од светот. Сè е скршено и не може да се поправи. Песимизмот, загубата и пропаста доминираат во неговото театарско дело. Во овој скршен свет кој ги отфрла идеализмот и надежта, постои само брутален секс, насилство, дрога, очај и смрт. Маме му ебам кој прв почна, пцуе Дејан Дуковски зад насловот на една од неговите најпознати драми, изведена со еднаков успех во Скопје, Белград, Загреб и Бон. Ете како од пепел и очај при крајот на деведесеттите се изроди „југословенската“ верзија на „естетиката на крвта и спермата“ (често употребувана фраза на балканските критичари).
Голем дел од делата на овие нови драматурзи и режисери, оваа изгубена генерација, како што некои од нив се нарекуваат самите себеси, се создадени под влијание на Сара Кејн и Квентин Тарантино. Всушност, по неспорниот успех и популарност на Касапски кучиња на Тарантино, а понатаму и на Евтини приказни, а и веднаш по експлозијата на поставки на дела од Сара Кејн низ Европа, голем број млади театарски уметници од поранешна Југославија во сопствените дела ги прифатија и усвоија погледите на Кејн и Тарантино, што прерасна во мешавина на морничава фрагментирана драматургија и „сензационалистички“ слики од бруталната југословенска реалност. Сепак, од друга страна, како што укажуваат истражувањата на нејзините дела и тоа посебно на драмскиот текст Разнесени, постојат докази дека Сара Кејн била под еднакво влијание на бруталноста и насилството во војните врз просторите на поранешна Југославија.
Наместо интелектуално и имагинативно да се оддалечат од нивниот сензационалистички свет за да создадат одговорен и ангажиран театар, за жал повеќето од овие млади театарски уметници останаа заробени во истата горчлива атмосфера. Следствено, оваа енормно талентирана театарска генерација ја пропушти можноста да создаде театарска сцена која ќе го искаже своето незадоволство од корупцијата, криминалот, проституцијата и шверцот со оружје и луѓе во нивните новосоздадени држави. Тие ја изгубија можноста да изградат театар во нивниот „нов“ свет кој ги лекува раните и помирува. Во многу случаи, некои од нив, наивно и некритички сакајќи да станат ѕвезди преку ноќ, станаа лесно алиби за „постоењето на демократија“ во нивните угнетувачки системи. И покрај тоа што некои од нив индивидуално и јавно ги објавија своите критички ставови и лично се спротивставија на деспотските и корумпирани режими на деведесеттите, всушност повеќето ја немаа храброста да му одолеат на искушението на новото време. Добро се приспособија кон актуелното културно милје, се прилагодија кон доминантната културна идеологија, станувајќи дел од страшниот круг на цимолење и самосожалување.
Постои уште еден невообичаено забележлив елемент карактеристичен за делата на оваа генерација. Имено, во нивните драми сè се случува зад нивните лични ѕидови и етнички традиции, митологии и културни наследства. Акцентот е префрлен од целината кон делот. Врз „другиот“, вклучувајќи ги и другите култури, се гледа како на непријател кој фигурира како уништувачка и освојувачка сила. „Другиот“ е виновен за катастрофата, за страдањата, за животот без зрак надеж. Ова е горчлива и шокантна слика на едно клаустрофобично, очајно и уништено општество кое не нуди никаков излез за следните нови генерации, кое истовремено свесно ги затвора очите пред постоењето на другите општества.
Подеднакво битно е да се истакне тоа што кај оваа млада генерација Југославија или не постои, или пак тие не знаат што значи таа. Новите земји сè уште не се вистински нивни. Америка и Европа, иако страшни и сурови во нивните очи, тлеат таму некаде како скриена желба, зад ѕидовите, додека тие бесцелно талкаат во мракот. Нивниот простор е исполнет со осаменост, очај, корупција и страдања, додека угнетувањето е нивна секојдневна реалност – реалност која тие никогаш не ја избрале. Како што јасно истакнува Милена Марковиќ во нејзиниот драмски текст Павилјони напишан во доцните деведесетти како дипломски труд, ова е генерација млади луѓе кои од никаде се појавија сред сцената на животот на нивните држави. Во националистичко општество во кое живеат за нив нема ништо, а немаат ни каде да тргнат од местото во коешто се наоѓаат. Овие млади луѓе се во постојана потрага по идентитетот, по значењето на животот. Кои сме? Од каде доаѓаме? Што ќе правиме? Каде ќе одиме? Вакви се прашањата кои си ги поставуваат. При примањето на престижната награда „Ернст Толер“ на 1 декември 1999 во Нојбург на реката Дунав, Биљана Србљановиќ, нивниот најсилен јавен глас, ја искажа загриженоста за изгубениот идентитет на својата генерација на ваков начин: „Дами и господа, тешко ми е да ви се заблагодарам за доделувањето на оваа престижна награда. Зашто, која сум јас? Мојот идентитет е украден од светската политика, од националната политика. Сигурно е изгубен некаде во текот на претходната војна. Не можам да го најдам, колку и да го барам. Не можам да го најдам во шалтерите за ‘изгубено и пронајдено’ по аеродромите. Не можам да го најдам во кој било јазик, во која било култура.“ 4F

#b
4. Цитирано според есејот на Даринка Николиќ „Децата на аутизмот или мали прикаски за мали луѓе“ во Dramatic Text Today in Bosnia and Herzegovina, Croatia, Serbia and Montenegro. Sterijno Pozorje: Novi Sad, 2004.

АвторНаум Пановски
2018-08-21T17:21:19+00:00 април 14th, 2007|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 53|