Нови стари времиња на Балканот: Во потрага по културен идентитет

/, Литература, Блесок бр. 53/Нови стари времиња на Балканот: Во потрага по културен идентитет

Нови стари времиња на Балканот: Во потрага по културен идентитет

#2

ЖИВОТ ЗАД ЅИДОТ

Сите оние кои се водеа по етнички и националистички принципи процесот на дизентеграцијата на Југославија – заеднички дом на многу словенски и несловенски нации – го гледаа како ослободување. За нив Југославија беше „зандана на нациите“. На тој начин, фасцинантните зборови „ослободување“ и „слобода“ во новите мали држави кои се појавија по смртта на Југославија – Босна, Хрватска, Македонија, Србија, Црна Гора, Словенија – добија посебно место. Станаа најчесто употребувани и злоупотребувани изрази.
Во текот на последната деценија од дваесеттиот век, кога падот на Берлинскиот ѕид им носеше нов живот и вистинска слобода на многу источноевропски држави, за жал многумина не ги видоа новите невидливи ѕидови кои се поставува на територијата на Европа. Овие ѕидови беа поставувани за обичните луѓе на веќе непостоечката Југославија. Од една страна стоеја ѕидовите на јужниот дел од Европа изградени од националистичките и угнетувачките елити на новосоздадените држави кои ја оформуваа новата реалност и ги разделуваа луѓето од поранешна Југославија. Од друга страна постоеше, и сè уште постои, ѕид кој Европската унија и западните демократии го изградија низ тој дел од Европа, ѕид кој ги дели од светот луѓето на поранешната Југославија.
#3 Овој ѕид, невидлив за многумина, е всушност многу видлив и висок за обичните жители на поранешна Југославија и за сите оние кои се обидуваат да патуваат во која било западноевропска земја. Уште на самиот почеток, кога овие луѓе аплицираат за виза во странските амбасади и конзулати, до моментот во кој авионот слетува во Виена или Амстердам, Франкфурт или Париз, Прага или Лондон, па до мигот во кој овие луѓе се сретнуваат со однос како да се носители на смртоносна болест, или до моментот во кој се изложени на понижување од страна на цариниците и службениците во пасошка контрола, високиот и добро заштитен ѕид на „Новата стара Европа“ се испречува пред нив. Обединетата Европа без граници, каде што нема ѕидови и визи, е затворена за луѓето кои во неа се обидуваат да влезат во возови под строг надзор. Ова можат лесно да го потврдат долгите редови на „надежи и сништа“ пред странските амбасади како и безбројните случаи на груб и неприфатлив однос од страна на конзуларните службеници.
Што пишуваше зад ѕидовите? Што се случуваше во оваа затворена средина? Што направил театарот и што може да направи во време во кое владее војна? Што направија интелектуалците, авторите и театарските уметници во нивните уништени и културно вандализирани градови? Како одвратија на новите морални предизвици? Како ја сфатија драматурзите новата слобода? Што значи драмскиот израз денес во ново настанатите демократии? На кој начин е сфатен од својата нова публика?
„Новиот живот“ зад ѕидовите во првата декада од постоењето на „новите демократии“, посебно по потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор на 20 ноември 1995 година, беше всушност обележан од неколку значајни социо-политички, економски, културни и естетски процеси; она што е најбитно е дека „новиот живот“ силно и ентузијастички го поддржаа многу драмски уметници и драматурзи кои ја зазедоа националистичката позиција. Во нивните јавни активности, како и во текстовите и во продукциите, тие им се враќаа на националните вредности и етничките корења, се бореа за својата земја, гореа мостови, и буквално и фигуративно3F, стремејќи се да ја потврдат архаичната идеја за „крв и почва“. Со ваквата дејност станаа национални поборници кои ја реафирмираа романтичната идеја за нација-етнос. Следствено, во новото милје кое ја потврдуваше и величаше нацијата, идејата за зачувување на стариот модел на менаџирање на Народниот театар и создавање на театар со национално значење наиде на силна поддршка. Всушност, различните периоди на Народниот театар на повеќе начини им служеа на политичките елити. Во средината и крајот на деведесеттите повеќе театри во Босна, Хрватска, Србија и Македонија поставуваа претстави кое го возвишуваа херојското национално минато. Национално-романтични драми како Осман на Иван Гундулиќ во Хрватскиот народен театар во Загреб, или Максим Црнојевиќ на Лаза Костиќ во Српскиот народен театар во Белград, кои го величаат минатото и војните против секакви непријатели почнувајќи од Отоманската до Австро-унгарската империја, често се изведуваа во многу театри во новите држави.
Во истиот период, скриен зад рекламните паноа кои го рекламираа „новото време“, вистинскиот живот беше обележан со политичко угнетување, криминал и корупција, огромна невработеност и економска криза, како и незадоволство, огорченост, разочараност и изолација. Како одговор на оваа обесхрабрувачка атмосфера голем дел од националните фигури промовираа полесни жанрови, забава и популарни форми. Интересно е тоа што додека во Србија се случуваше преродба на старите српски комедии, во Хрватска често можеа да се видат оперети и американски мјузикли, а во другите региони најчесто се поставуваа домашни претстави. Поддржувајќи всушност театарска форма на бегство од стварноста, овие театарски уметници во исто време бескрупулозно почнаа да му слугуваат на светот на забавата и брзиот успех. „Сега имаме нов Бог – тоа е шоу-бизнисот“ одекнува луцидниот коментар на чешкиот писател Иван Клима околу интелектуалната травестија на Источна Европа во тоа време.
Во тие мрачни времиња, повеќето театарски авторитети се претворија во уметнички лицемери кои придонесоа кон создавање на загадената средина што однатре го изеде интелектуалното ткиво на пост-југословенските држави. Наместо да ѝ се спротивстават на воената лудост, на државниот и политичкиот терор, тие ги рекламираа „новите времиња“ и стоеја рамо до рамо со политичката елита во нивните веќе етички и морално загадени мали државички. Шокантно е тоа што во нивната подреденост кон политичката елита, повеќе високо образовани и добро информирани театарски автори и критичари во своите новинарски текстови ги негираа ужасите на војната. Некои отидоа толку далеку што дури го негираа масакрот во Сребреница или пак воените злосторства сторени од страна на „нивните момчиња“. Негирањето на војната, промоцијата на ескапизмот и поддржувањето на „идеологијата на расцепувањето“ (според Ихаб Хасан) како принципи кои преовладуваат во нивните текстови, продукции и јавни активности, им овозможија да продолжат да доминираат на новата културна сцена, истовремено спојувајќи ги своите комунистички и националистички мислења во нова сорта: воен профитер.
Се поставува интересно прашање: Зошто не постои Меѓународен суд за оние кои го посадија семето на омразата и извршија интелектуални злосторства врз човештвото?

#b
3. Слободан Праљак, хрватскиот генерал кој ја даде наредбата за бомбардирањето и уништувањето на Стариот мост во Мостар на 9 ноември 1993 година, има диплома по филмска режија.

АвторНаум Пановски
2018-08-21T17:21:19+00:00 април 14th, 2007|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 53|