Несоницата и поезијата на сведоштвото

/, Литература, Блесок бр. 63/Несоницата и поезијата на сведоштвото

Несоницата и поезијата на сведоштвото

Слика, сеќавање: стојам во фоајето на прекрасната стара палата Казина во центарот на Љубљана каде што се сместени канцелариите на двонеделното студентско списание Трибуна, чиј што уредник бев во почетокот на осумдесеттите години. Самото списание, во тоа време еден од неколкуте независни интелектуални форуми во Словенија, настана како комбинација на младешката наивност и својот автентичен дисидентски став којшто ги побеснуваше комунистичките власти. Така, Трибуна беше ставена под строг надзор на државните цензори; на уредниците им беа доделени „сенки“, тајни агенти коишто требаше постојано да нè застрашуваат со своето присуство.
Крај мене во фоајето стоеше поет со очила и црна брада, и кимаше со главата во знак на разбирање и одобрување како на мојата уредувачка политика во Трибуна, така и на моите лични креативни амбиции. Дури и денес живо се сеќавам на нежниот и смирен тон на неговиот глас и на уверливите а сепак ненаметливи зборови. Тој зборуваше како човек со искуство и верба, како човек кој ги следел „моралните императиви во себе како и ѕвезденото небо над него“.
Со благодарност го слушав овој поет, бидејќи го знаев не само преку неговите книги и преводи туку и од многуте неформални критички групи коишто го создадоа цивилното општество и преку кои словенечката „политичка пролет“ започна спонтано да расте во раните осумдесетти. Неговото име е Борис А. Новак. Ниту неговите политички гледишта ниту неговите философски придонеси не беа безначајни во создавањето на прогресивното движење. По неговата збирка песни „Стихоживот“ (Stihožitja, 1977), со непреводливиот наслов којшто метафорично ја спојуваше оддалеченоста помеѓу мртвата природа и магијата на стихот, следуваше поплава од поетски збирки, од кои осум за возрасни. Сите негови книги наидоа на воодушевување како кај критиката така и кај публиката. Заедно со овие поетски збирки, тој напиша и завидно голем број на книги за деца, куклени претстави, радио драми и театарски дела. Беше ангажиран како драматург при поставувањето на бројни драми во најзначајните театарски куќи во земјата, а неколку години беше вработен како драматург во Словенечкиот Народен Театар.
Во својата поезија, Борис А. Новак, користејќи го класичниот еквилибриум, формалната дисциплина и естетски привлечни лингвистички методи, имагинативно ги истражува длабочините на својата централна опсесија: потрагата по мистериозната поврзаност помеѓу „звуците“ и „значењата“ на зборовите. Со други зборови, тој единствено го бара вистинскиот извор на поезијата. Неговиот поетски јазик успешно ги прилагодува секојдневните зборови, користејќи ги во нови комбинации и извлекувајќи од нив несогледани можности. Така, поетот ни овозможува да видиме како ширењето на границите на кажаното може да ги прошири границите на познатото. За една од неговите стихозбирки, иновативна парафраза на добро познатата арапска бајка – „1001 стих“ (1001 stih, 1983) – авторот го доби највисокото книжевно признание во Словенија: Наградата Франц Прешерн, именувана според романтичниот поет, основачот на модерната словенечка поезија.
Во втората половина на осумдесеттите, Борис А. Новак стана експлицитно политички ангажиран. Несомнено е дека бил инспириран од својата отвореност кон две култури и два јазика, производ на неговото детство минато во Белград, каде што е роден во 1953, и неговото враќање во Словенија каде што морал одново да го открива мајчиниот јазик. Но, пред сè, бил поттикнат од богатата семејна традиција на урбана толеранција и од татковото искуство во партизанското движење, коешто го укотви во космос обоен со универзалните и утописки вредности на солидарноста, еднаквоста и братството.
Во средината на осумдесеттите години, Борис А. Новак ја прифати позицијата на главен уредник на тогаш водечкото дисидентско списание во Словенија, Нова ревија. Собрани околу списанието беа, ако не сите, тогаш поголемиот дел од најдобрите и најумните во словенечката интелектуална заедница. Така Борис А. Новак го презеде кормилото на списанието на коешто самиот му помогна да се етаблира во раните осумдесетти и коешто стана најважен форум за критичките гласови на цивилното општество и за сериозни интелектуални анализи на комунистичкиот режим.
Раководењето на Борис А. Новак се поклопи со периодот на најжестокиот репресивен удар против Нова ревија, која поради критичката уредувачка политика и артикулираното одбивање на постоечките методи на републичката комунистичка влада стана трн во ногата на владејачката класа. Сепак, уредникот на Нова ревија, и покрај постојаниот притисок врз него, остваруван и преку неформални канали и преку јавни медиумски кампањи, никогаш не ги напушти своите политички идеали, вклопени во концептот на „отвореното општество“ и демократското уредување.
Исто така, Борис А. Новак никогаш не ја напушти својата заложба за идиосинкретичната естетика на „звукот“ и „значењето“, којашто ја издигна до уште поубави височини. На овој начин, тој играше значајна улога во уништувањето на книжевната естетика којашто доминираше во шеесеттите и седумдесеттите: односно, естетиката на нео-авангардната книжевност каде што содржината не претставува ништо а експерименталниот стил е сè.
Колку што ова движење беше важно во однос на отфрлањето на вредностите на сентименталниот хуманизам, вредности коишто беа целосно поддржани од комунистичката партија, литературната програма на нео-авангардата го имаше истрошено својот креативен потенцијал. До почетокот на осумдесеттите години, таа стана слаба, бесрамно повторувајќи ги старите формули и живеејќи од стара слава.
Денешниот поглед на нештата кажува дека не е случајно што по враќањето од Америка (каде што беше професор по општествени науки на Универзитетот на Тенеси во Чатануга), Борис А. Новак стана претседател на Словенечкиот ПЕН Центар. Тој раководеше со оваа престижна организација токму во периодот на ескалирачките конфликти помеѓу југословенските републики и растечките тоталитарни амбиции на српскиот водач, Слободан Милошевиќ, којшто сакаше да доминира со целата федерација. Желбата за доминација доведе до ерупцијата на Десетдневната војна во Словенија, летото 1991. Потоа, со еден удар на опашот на злата ламја, војната се префрли во Хрватска, а потоа, со особена жестокост, во градовите и селата на Босна и Херцеговина.
Следната случка многу добро го илустрира јазот што се отвори помеѓу словенечкиот одбранбен став и милитаристичката политика на српската национална митологија. Во кусиот период кога колоните тенкови на ЈНА ги напаѓаа словенечките градови и села, Борис А. Новак испрати писмо до седиштето на Српскиот ПЕН Центар во надеж дека ќе добие барем вербална поддршка за оправданоста на словенечкиот отпор против агресијата. Одговорот што пристигна од неговите книжевни колеги од Белград во текот на судбоносното лето во 1991 година беше првото, но секако не и последно, големо разочарување на Борис А. Новак додека претседателствуваше со Словенечкиот ПЕН: „Ова е војна“, му одговорија, „Во војна, луѓето умираат“. Етичкиот револт против ваквиот вид на цинизам го натера Борис А. Новак, и покрај личната болка, неуморно да им помага на сите оние коишто во опсаденото Сараево не можеа да си помогнат самите на себе.
Набрзина и успешно го организираше Словенечкиот ПЕН Центар како главна дистрибутивна точка за целата меѓународна помош собрана од ПЕН центрите од целиот свет а наменета за олеснување на страдањата во окупираното Сараево. И повторно, не беше изненадување што Борис А. Новак, со својата поетска имагинација и изразената чувствителност делуваше како „очевидец“ и ѝ одговори на војната на Балканот. Најпрвин во неговата книга „Стихија“ (Stihija, 1992) а подоцна во врвот на неговата креативна кариера, во елоквентно насловената збирка „Мајстор на несоницата“ (Mojster nespecnosti, 1995), тој ги испиша трогателните слики за личниот очај во соочувањето со агресијата и злото. А сепак, во исто време, една аура од кршлива надеж извира од книгата; без неа, читателите би можеле да бидат поразени од апатијата и моралната незаинтересираност. Таквата морална незаинтересираност беше забележлива кај многу од западните влади, брутална реал-политика којашто веќе беше позната од Минхенскиот договор во предвечерието на Втората светска војна: уште една епизода во која западните лидери не успеаја да се соочат со историскиот предизвик. Се чини дека само поетите, зборувајќи од свое лично име и од свое лично искуство, се кадарни да одговорат на ваквите предизвици со естетска убеденост и етички интегритет. Поетското искуство станува наше во процесот на читање, а овој сојуз помеѓу писателот и читателот е основата за воспевање, идентификација, па можеби дури и катарза.
Борис А. Новак е поет којшто знае дека и надежта и стравот овозможуваат индивидуален и колективен пристап до наративниот метод со кој „душата на генерација по генерација си го бара патот“. Затоа, значењето на разумното пишување за минатото е клучно за разбирање на општеството денес и утре. Сепак, постојат два различни наративни методи: сторијата на историјата и визијата на поезијата. Поезијата, како највисока персонификација на сета уметност, секогаш ја кажува приказната на специфичното. Затоа е повистинита од историјата, односно повистинита од приказната за не-специфичното, за општото, закон којшто го знаеме од задолжителната традиција на Аристотеловата „Поетика“.
Не можам да смислам ниедна причина да се сомневам во оваа античка вистина. Затоа не е чудо што, наместо да се давам во неутралноста на политичките економии и променливите национални реторики, претпочитам да истражувам низ поезијата. Возможно е во поетските лирски метафори да се открие треперливата убавина на посебната светлина којашто значајно ја осветлува третата Балканска војна на ист начин на којшто трагедиите драматично ги одбележуваат нашите сопствени животи. „Мајсторот на несоницата“, најновата книга на Борис А. Новак, во себе носи таква светлина. Во чудесно измазнетите стихови од оваа книга, поетот ги освојува на места претераните нагласки на формата и ги спојува формата и содржината во магичен еквилибриум. Скриен меѓу страниците лежи клучот за една од големите историски енигми што Борис А. Новак полека ја открива пред нашите вчудовидени очи. Додека реки босански бегалци истекуваа во несигурноста на странските земји, додека Пилатското миење на рацете на европските дипломати стана симбол на денот, додека воените криминалци бескрупулозно се ракуваа со водачите на „слободниот свет“, Борис А. Новак – како претседател на Мировниот комитет на Меѓународниот ПЕН, позиција на која беше назначен во 1994., но поважно – како поет, напиша лично сведоштво за среќното детство, едната и единствена уметничка татковина. Во ова дело тој не само што чекори по највисоките врвови на поетскиот јазик, туку задира и во горливата болка на визионерството. Во исто време, тој му дава облик на стравотното пророштво на Касандра. Навистина, поетот престојува во своето стаклено ѕвоно но не, како што може да се помисли, за да избега од бруталниот терор на историјата, туку за да си обезбеди подобра позиција за сведочење: „од овде можам далеку да видам: со подарокот на птиците – ќе бидам првиот што ќе знае, кога наоружаните банди навалуваат. – Нештата имаат толку мирно, страотно лице“.
Поетовата лична сторија е попрецизна и открива повеќе од која било од историите напишани во стратешките институти или политичките кабинети. Поетскиот глас е единечен и не се двоуми да ја изговори егзистенцијалната вистина дека индивидуалната сторија е исто така и сторија на светот. Поетот пее со едноставната убавина на зрелоста: „Брзината на светот во распаѓање сум јас“.
За Борис А. Новак потрагата по различни формули за структурата на стихот не е ништо помалку од потрага по естетски провокативен начин за показ како создавањето на совршена песна е најречитото откривање на крвавото, трагично и потресно несовршенство на светот. Моќта на поетот да сведочи за Сараево и за Далмација, за својата детска соба и за својот пензиониран татко, за незагриженото минување на времето и очајната болка од загубата, сведочи за меланхоличната визија на Волтер Бенјамин кој рекол дека суштинското се крие во маргиналните, запоставени и тешко воочливи детали. Секој што се обидува да ја види „големата слика“, секако ќе го превиди суштинското.
Поетот воопшто не е заинтересиран за „големата слика“. Токму така и треба да биде. Одамна не спиел. Ги прибира кон себе сите заборавени детали од минатото и сите неискажливи грубости на денешницата и се обидува да ги спаси од заборав. „Мајсторот на несоницата“ постои бидејќи разурнувањето не му дава да заспие. Поетот не го знае спиењето бидејќи тој е сведок на светот: не за долго, и тој ќе биде вовлечен во магичниот круг на сништата. Неговите ширум отворени очи мораат да бдеат и врз убавината на овој живот и врз ужасот на неговото уништување.

Превод од англиски: Игор Исаковски

2018-08-21T17:21:09+00:00 декември 29th, 2008|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 63|