Некои црти на индијанскиот карактер

/, Блесок бр. 06, Литература/Некои црти на индијанскиот карактер

Некои црти на индијанскиот карактер

„Се повикувам на секој бел човек да каже дали некогаш гладен стапнал во колибата на Логан, а овој да не му дал да јаде; дали некогаш дошол премрзнат и гол, а овој да не го облекол“
Од говорот на еден индијански поглавар

Има нешто во карактерот и навиките на северноамериканскиот дивјак што е поврзано со пределите во кои што тој обично битисува, со нивните големи езера, бескрајните шуми, величествените реки и беспатните рамници, а што е, по мое мислење, извонредно значајно и величествено. Тој е создаден за дивината, како што Арапот е создаден за пустината. По природа е строг, едноставен и издржлив, способен да се фати во костец со тешкотиите и да ја поднесува немаштијата. Изгледа како во неговото срце да има малку место за негување на благородни чувства; меѓутоа, ако само малку се потрудиме да проникнеме низ таа горделива рамнодушност и вообичаена молчеливост, кои што ја сокриваат неговата природа пред површниот набљудувач, ќе согледаме дека со неговиот ближен од цивилизираниот свет е поврзан со повеќе наклоности и чувства отколку што обично му се припишува.
Имало во Америка, во првите денови на колонизацијата, многу несреќни домородци на кои што белците им нанеле двојна неправда. Наследните имоти им биле грабнати во ограбувачки и често многу сурови војни, а догматичните и пристрасни писатели им го оцрниле карактерот. Колонистот со нив често постапувал како со шумски ѕверови, а писателот се трудел да го оправда неговото насилството. На првиот му било полесно да истреби отколку да цивилизира, а на вториот полесно да клевети отколку да пофали. Се сметало дека името дивјак или паган е доволно да го озакони непријателскиот став на обајцата; и така тие клети шумски скитници биле прогонувани и клеветени, не затоа што биле виновни, туку затоа што биле непоучени.
Белците ретко кога исправно ги ценеле и почитувале правата на дивјакот. Во мир, тој често бил жртва на подмолна трговија; во војна на него гледале како на диво животно, чиј што живот или смрт зависат само од неговата претпазливост и нивната добра волја. Човекот немилосрдно уништува живот кога му е загрозена личната безбедност, и тогаш не подлегнува на казна; не треба од него да се очекува многу милост кога ќе го почувствува каснувањето на влекачот, а свесен е за својата моќ да го уништи.
Истите предрасуди, вкоренети така одамна, широко се распространети и до ден-денешен. Некои учени кругови, за волја на вистината, со трудољубивост што е за пофалба, се потрудиле да ги испитаат и забележат вистинските особености и обичаи на индијанските племиња, и американската влада мудро и човечно се заложила да предизвика благонаклонето и трпеливо чувство кон нив и да ги заштити од измама и неправда1F. Вообичаеното мислење за индијанскиот карактер, меѓутоа, многу лесно се создава врз основа на оние бедни толпи што навалуваат на границите и постојано се прикрадуваат околу населбите.
Тие толпи се најчесто составени од изопачени суштества, кои се расипани и ослабени од пороците на друштвото, а при тоа не почувствувале никаква корист од неговата цивилизација. Таа горда независност која претставувала главна основа на доблеста на дивјаците, е скршена и целата морална градба лежи во урнатини. Душите им се навредени и понижени со чувството на помала вредност, а вродената храброст заплашена и совладана од надмоќното знаење и силата на нивните просветени соседи. Општеството налетало на нив како еден од оние ветрови кои носат суша и понекогаш сакаат да опустошат некоја плодна област. Тоа им ја исцрпило снагата, ги умножило болестите и на нивното првобитно дивјаштво му ги придодало ниските пороци на извештачениот живот. Го избркало пред себе дивечот за лов, кој бега од звуците на секирите и од чадот од населбите на луѓето, и бара прибежиште во длабочините на далечните шуми и сè уште неиспитаните дивини. Од тоа, премногу често гледаме дека Индијанците на нашите граници се само руини и бедни остатоци на некогаш моќните племиња, кои се задржале во близина на населбите и се предале на несигурниот скитнички живот. Сиромаштијата, очајната и безнадежна сиромаштија, таа рак-рана на умот, непозната во животот на дивјаците, им ја гризе душата и ја убива секоја слободна и благородна црта во нивната природа. Тие стануваат пијаници, мрзеливци, слабаци, крадци и кукавици. Талкаат наваму-натаму околу населбите, помеѓу комфорните куќи, преполни со грижливо одбрани удобни предмети, кои ги наведуваат само на тоа да ја увидат и со тоа да ја споредат својата бедна положба. Раскошот ја простира пред нив својата богата трпеза, ама тие немаат пристап до гозбата. Изобилството царува на полињата, но тие умираат од глад опкружени со сето тоа богатство; целата дивина се претворила во расцветана градина, ама тие се чувствуваат како влекачи коишто ја пустошат.
Колку беше поинаква нивната положба кога уште беа неприкосновени господари на тој крај! Потребите им беа малубројни, а средствата што ги задоволуваа им беа на дофат на раката. Видоа дека сите околу нив ја делат истата судбина, ги поднесуваат истите тешкотии, ја јадат истата храна, се облекуваат во истата едноставна облека. Тогаш не беше подигнат ниеден дом кој не бил отворен за туѓинецот без покрив над главата, ниту меѓу дрвјата се издигал чад, а тој туѓинец да не бил срдечно поканет да седне крај огнот и да се придружи на ловечкиот оброк. „Бидејќи“, вели еден стар историчар од Нова Англија, „нивниот живот е толку ослободен од грижи, а самите се така љубезни, што со сите оние нешта кои ги уживаат се користат како со заедничко добро, а притоа се така чувствителни што попрво сите би умреле од глад отколку што ќе страда еден од нив; и така весело го поминуваат времето, не обѕирајќи се на нашиот раскош, зашто се задоволни со своето, кое понекогаш луѓето така го потценуваат.“ Такви биле Индијанците додека ги краселе нивната вродена гордост и снага: личеле на оние диви билки кои најдобро успеваат во шумската темнина, ама се повлекуваат пред раката на цивилизацијата и пропаѓаат под влијанието на сончевите зраци.

#b

1. Американската влада неуморно се труди да ја подоби ситуацијата на Индијанците, меѓу нив да заведе цивилизација и да ги запознае со граѓанскиот ред и религија. За Индијанците да се заштитат од измамитре на белите трговци, не е дозволено поединечно купување на земјата, ниту е кому било дозволено од нив да прими земја на подарок без посебно владино одобрение. Овие мерки на предсотрожност строго се спроведуваат.

АвторВашингтон Ирвинг
2018-08-21T17:22:12+00:00 јануари 1st, 1999|Categories: Есеи, Блесок бр. 06, Литература|