На зеленото поле омеѓено со линии и знаменца

/, Литература, Блесок бр. 66/На зеленото поле омеѓено со линии и знаменца

На зеленото поле омеѓено со линии и знаменца

Како го украдов Багиќ

Го обожувам тој мирис на земја помешан со пот и сокови тукушто разбудени и свежо покосени треви втриен во секоја пора од дланката, мирис познат на секое дете и играч кој паѓал и на секој голман без ракавици; теренот е подготвен, мрежите се затегнати, недела е, фудбалски ден.
Иако можеби квалитативно слични, не ми се сите мириси исти ниту исто драги. Наместо на натпревар, фудбал веќе одамна престанав да играм, таквиот мирис повторно на некое време ми се вовлече во носниците и во дланките кога по којзнае кој пат вежбавме атомски од лево и атомски од десно, чисто од заебанција на новопечените десетари. Веќе педесетина денови во касарната животот ни се сведе на секојдневна дресура, при што самите бевме предмет на таа обука (колку се лизгави значењата на зборовите), и на задоволување на најосновните потреби. Во еден попатен разговор, како што тоа во добрите случаи се случува, дознав дека во тој луд комплекс од бесмисленост постои и библиотека. Тоа беше повеќекратно вредно откритие, единствено (освен стационарот, можеби) катче за бегство од глупавата рутина, единствено место со тишина која пружа неделно, речиси свечено уживање; без грлени гласови кои непрестајно мантраат на заповед, без мирис на испотени машки тела и засмрдени нозе, библиотеката беше оаза на потврдата дека мозокот сепак работи и дека човекот нешто чувствува, во краен случај, дека се чувствува како човек. Вистина дека библиотекарката ме праша дали сакам до крај да полудам кога ја зедов Камиевата Чума (а навистина, летото пржеше, во присилно порамнетото зеленило раснеа во саксии построени сини ириси, од кои би полудел и ван Гог), но и убаво ме упати на неколку книги поезија кои беа наредени на подот. Се наведнувам за подобро да видам што има, кога таму Секоја буква е курва, на Крешимир Багиќ и Борис Грегориќ.
Ками потоа уредно го вратив, но Буква без грижа на совест ја задржав за себе; во војска не стекнав доживотни пријателства, но од таму го понесов Багиќ, еден од своите поети за секоја оддалеченост. Зашто годината беше деведесет и осма, десет години откако е печатена таа збирка и Багиќ во меѓувреме ги објави книжевно-научните Четирите димензии на сомнежот (со Ј. Матановиќ, Р. Богишиќ и М. Миќановиќ) и Живи јазици, како и поетските збирки Меѓу два силни чада, Круна и Бршлен.

Чувство дека голот е преголем

Тешко е и невозможно, не само на некој трет туку најпрвин самиот на себе, да се толкува поезијата, и книжевните текстови воопшто, но во тоа и е нејзината заводливост, нејзиниот предизвик на игра, во ситуација еден на еден. При што напаѓачот е секогаш во предност, а кај голманот, баш како и кај читателот, се јавува чувство дека голот зад него е преголем; не од страв или губење на самодоверба, напротив, од едноставната свесност колку простор треба да се покрива, при што освен во освестеното искуство во голема мера треба да се потпира и на вродениот рефлекс.
Од првата збирка Багиќ сугерира (не тврди) дека еднозначноста е невозможна во кој било поглед. Веќе самиот наслов Секоја буква е курва укажува дека именувањето не е можно да се спроведе до крај, не само затоа што во секој нов контекст зборот добива поинакви и нови значења, туку и затоа што при селењето во други ситуации и самите зборови се подложни на промена, во непрестајниот процес на говорот се слуша како гласовите, и буквите како нивни слики, се селат од еден збор во друг. Како и гласовите и гласовните множества кои се како делови од зборот слични, и истите зборови како делови од различни контексти не можат повеќе отколку да наликуваат еден на друг. Отсликувајќи ги реалните ситуации како надреални со користење на севременскиот презент, време кое, божем, постулира и вреди во сите ситуации, Багиќ и Грегориќ токму тоа го доведуваат под знак прашање. Освен тоа, и границите помеѓу книжевните родови, кои би требало да бидат повлечени, во таа збирка се можеби не избришани, но наместо рамни линии се повлечени кохови криви – чија рамност се крши до бесконечна должина во внатрешноста на кругот – делови од Секоја буква се вклучени и во антологија на поезија, но и во избор проза, а една од консеквенциите на тоа спознание за неможноста од именување и јасно одредување на јазикот е и бришење на границите помеѓу идентитетот на авторот кои во нивното движење со јазик низ животот некои го викаат Крешо, а некои Борис.
После таа, можеби пред сè од лудизам водена книга, Багиќ повторно се јавува со Меѓу два силни чада, а значењата се и понатаму жилави, се измолкнуваат. Поетот/авторот, овде веќе лирски субјект, и понатаму го наслушнува јазикот, неговите гласови и вокали, но и неговата тишина и молк. Наспроти флуидноста на сенките, азбуката на снегот и ракописот на ветрот, на субјектот врз главата му паѓаат мотиви тули и оловни букви. Песните пишувани во прво и второ лице и понатаму го поткрепуваат сомнежот во сопствената интегралност, за и против секое значење, зборот убива со придружената смисла, а читањето е лажно прераскажување, и неможно е да се избега од таа офсајд позиција. Освен повторувањето на наведените мотиви низ збирката, во песните или, уште подобро, како рамка за песната, првиот стих се повторува како последен. За тоа Г. Рем ја наведе Плазибатовата напомена дека тоа би требало да ја сугерира перфорацијата на филмот; моето голманско читање во тоа би можело да види две гол линии, но порадо ја оставам, меѓу два силни чада, смислата да се вители, донекаде ослободена во тој органски процес на дишење.
А органското е исто така еден од незаобиколните означители на Багиќевата поезија, голема разгранета фрактална Круна. Поетскиот субјект е подискретен отколку во првите книги, а која друга позиција е можна за субјектот свесен за сопствената дисперзивност и кој со повеќе внимание ја наслушнува круната на дрвото. Во неа повторно, како во природните циклуси, се јавуваат флуидните мотиви на снегот кој има убаво име, ветровите дишат погрешни податоци, наидуваме и на подземни води и на море и на воздух, тука се и трговците со дишење, а како и секоја вистинска круна, и Багиќевата е полна дамки и шумови кои, како и Манделбротовите множества, се повторуваат, а во различните мерила пружаат слика на урнеци многу слични, но сепак со многу видливи, и чујни, различности. Ниту во природата не постојат два исти листа, па и во Круна на секој лист песните ги менуваат облиците, од двостих, речиси гномски или графитерски карактер, до прозни записи, до упатници, реченици, писма. Впрочем, секоја реч станува некоја друга во друг контекст, а и ритмите, кога ни се чини дека се повторуваат, тие се само навидум слични, по улицата јури полноќен трамвај.
Како што Анка Жагар ги стивнуваше своите извори, Багиќ се скри во Круна и Бршлен, за донекаде да ги смири брановите на јазикот кои ги заплиснуваат и ги носат со жестока сила. Во Бршлен, со сите пречки (помеѓу) телото и јазикот, можеби се најочигледни, а и овој збор треба да се сфати условно, Багиќевите автопоетички мисли. Неговиот лирски субјект – иако и овде вели јас не постои / постои цигарата / која се чадам – во оваа збирка е посмирен, пуштил корења, како во земјата така се разгранил и фатил врз дрвата, ѕидовите и карпите, врз јазичната и книжевната традиција врз која расне. И со обликот песните се – и понатаму полни органски мотиви кои непрестајно раснат и се преобразуваат – слични на бршлен, со релативно покус стих, враснуваат во земјата и се разгрануваат низ воздухот, а капиларите им се попроточни за говор, речиси до наративност. Значењата се полесно читливи отколку во претходните книги, но, секако, метафорички повеќеслојни и треба внимателно да се бараат, допрат и да се погледне и да се слушне што говорат разновидните ружини латици, зашто и понатаму лирскиот субјект го препишува дишењето.
Хрватскиот поет го зачнува Јазикот за секоја оддалеченост, тоа е окружување – и јазично и поетско – од кое Багиќевиот субјект во оваа книга тргнува, или бива фрлен, во свет, тој отвора очи во друг град, со пингвините уште од својата прва книга и со Блаж од Бршлен во париското сопче тој чита поезија и со тактилна носталгија ги насетува слоевите на јазикот од кој е изместен. А како може да функционира поетот на јазичното искуство кога тој јазик, да бидам попрецизен – говор, повеќе не го окружува? На далечина, веројатно, зашто и сонцето заоѓа во подземјето за да стигне до себе.
Со исповеден тон, повеќето во форма на поетска проза, субјектот во париските мотиви пронаоѓа аналогија со домашните, во Бернхартовите ги наоѓа сопствените, во тесното сопче на странскиот јазик го наслушнува сопствениот, било да ги пресликува ситуациите на физичкото говорно окружување, било да се обидува да најде аналогии или универзални гестови.
Интересно за поет кој тргнува од неможноста од именување во сопствениот јазик, а делумно на трагот од многупати споменуваниот интерес на најмладите хрватски поети за медиумите како едно од главните обележја на поезијата на деведесеттите, Багиќ во Франција во фудбалот го бара јазикот за секоја оддалеченост. По востановеното правило на површноста, хрватските медиуми – и не гледајќи ја топката, а камо ли насетувајќи чиј е во нејзе здивот, не прашувајќи се „кој бил прв: градината или градинарот?“ – не само што ја толкуваа, туку и ја најавуваа оваа збирка како книга за фудбалот. Без свест дека и со обидот за одговарање погрешиле.
Исклучително тежок е обидот да се толкува автор, особено оној кој се оградува од можноста за исчитување и доделување еднострано и постојано значење на прочитаното. Затоа ова читање и не е ништо друго освен обид за излез на тоа зелено јазично поле омеѓено со јасните граници на линиите и знаменцата, само условно повлечени за, колку што е тоа можно, да се одреди местото за игра, простор со непрегледни можности за маневрирање и комбинаторики, помеѓу неможноста со јазикот, како конвенција, нешто засекогаш и еднозначно да се именува и можноста индивидуата, како конвенција, еднострано да се одреди, од една страна, и еден органски, неосознаен и неконвенционален телесно условен рефлекс како што е дишењето, од друга. Секое игралиште барем тоа го овозможува, а игралиштето, треба ли тоа да се спомене, не е рамнина, игралиштето е простор.
Со нетрпение ја очекувам следната средба, следниот Багиќев напад. Познавајќи му ја играта, сигурно е дека нема да оди на сигурно само за да постигне гол – ни во смисла дека ќе шутира пенал, ниту дека ќе ја пласира топката, таман за ефектна голманска парада. Веројатно во бел дрес ќе истрча на теренот и ќе изведе нешто, некое лудо додавање и комбинација за паметење која ќе ја намачи целата одбрана, а не само голманот со напнати сетила. Во тоа е убавината на таа игра, за секој голман најголем предизвик е да игра против големи играчи. Пролет е, мрежите се затегнати, сезоната почна.

Превод од хрватски: И. Исаковски

2018-08-21T17:21:05+00:00 јуни 25th, 2009|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 66|