Наоѓајќи слобода, разбирајќи што е неопходно

/, Литература, Блесок бр. 87/Наоѓајќи слобода, разбирајќи што е неопходно

Наоѓајќи слобода, разбирајќи што е неопходно

– околу изразите на слобода во претставата Пер Гинт во Србија, Ужице, 2000 год. –

Овој есеј ги истражува начините на кои желбата за слобода беше пренесена преку една театарска претстава инспирирана од едно од делата на Хенрик Ибзен. Претставата Пер Гинт (според Peer Gynt) во Ужице, Србија, беше адаптирана на начин кој ја критикуваше војната, како и неодамнешната брутална историја и грубата политичка, културна и економска реалност на луѓето кои живееја во рамките на она што, во 2000 г., беше останато од Југославија. Претставата беше оценета како успешна во времето на изведување. Текстот на Ибзеновиот Peer Gynt беше употребен на начин кој го мешаше мотивот војна со мотивот барање на Себе-то и сопствената слобода на отворен и секуларен начин. Земајќи ги во предвид главните и доминантни културни, политички и социјални трендови во Југославија по Втората светска војна, претставата силно го отсликуваше минатото и сегашноста на државата низ разни сценски, аудио и визуелни медијации.
Есејов е обид да се развие разбирање за тоа како слободата, или пак потрагата по слободата би можела да се помири и да постои на начин кој не предизвикува конфликт со неизбежноста на моќта и сложеноста на нејзините пројавувања. Моќта се манифестира себе си низ ограничувачки, но неопходни агенти, додека потрагата по моќта, како и она што се подразбира како моќ, може да се развие во разни правци и да биде мотивирана на безброј начини. Есејот намерно се надоврзува кон акции мотивирани од желбата за воспоставување на внатрешна слобода во ситуации кога единката е надвладеана од надворешни агенти.

1. Вовед во блиската историја на Србја и Балканот

Ќе го започнам есејов со еден краток социо-антрополошки и политички вовед во најблиското минато на Србија, бидејќи претставата Пер Гинт беше составена на начин кој јасно го отсликуваше ова минато. Јас сум родена, и живеев во поранешната југословенска Република Македонија првите 25 години од мојот живот, со исклучок на една до две години студии и патувања во странство. Бидејќи припаѓав на една поширока заедничка социјална, политичка, економска и географска мрежа со административен центар во Србија, ја имам искусено оваа реалност од близина, и таа, делувајќи врз мене ме има оформено во голема мера, па затоа и ми се познати нејзините многубројни посебности. Истовремено, моите сопствени околности ме имаат принудено да ја разберам оваа реалност како да е надвор од моето постоење. Ми беше пружена привилегијата да се образувам во институции оддалечени од мојот роден крај, како и да дојдам во контакт со многу идеи кои доминираат со глобалниот интелектуален свет, но најчесто потекнуваат од други региони. Тоа што го имам оддалечено чувството за себе си од ситуацијата во регионот од кој потекнувам е исто така еден израз на слобода, бунт против идентификацијата со закоравените политики или институции кои ги искусував како ограничувачки или пак насилни. Уште од периодот кога наполнив десет години бев сведок на тоа како луѓето насилно го уништуваа заедништвото, идеалите и идентитетот кои беа создадени од моите предци и кои ги оформија младоста и животот на моите родители. Бидејќи бев премногу млада за да ги прифатам овие идентитети како мои сопствени, слично на многу млади луѓе од регионот, бев оставена да создадам песимистичен став кон влади и законски системи, силно чувство на недоверба кон сè што се поврзува со моќ, авторитет и политика, страв од иднината, незадоволство од минатото и сегашноста, како и многу истенчено чувство за неправдите на кои сите сме подложни. Постигнувањето на некаква слобода од моќта која е хиерархиски распределена во светот е неопходен проект за оние кои се чувствуваат немоќни. Начинот на кој единката му приоѓа на овој проект зависи од нејзината желба за моќ, страста за слобода, како и од сопствената храброст и себе-чувство на постоење и вредност.
Започнав со овој себе-рефлективен, но многу обичен антрополошки наратив бидејќи сакам да посочам кон регионот на Југославија како една специфична нестабилна мрежа која има предизвикано толку многу недоразбирања и погрешни толкувања, како и конфликтни и збунети акции, не само за своите сопствени жители, туку и за најмоќните воени и политички сили во светот. Ова е исто така регионот во кој сум родена и израсната. Како што Мајкл Салинс (Michael Sahlins) истакнува,

Како структурирани односи на симболична слобода, културите се релативни и историски форми на живот, и секоја од нив има посебна вредност без некаква универзална неопходност. Затоа е таков и карактерот на нашите космографски објаснувања, нивната доволност без неопходност, тој се состои во нивната природа која потекнува од низа логичко-значајни мотивации и определува одредена пракса (…) Ако кажам нешто како: канибализмот на островот Фиџи може да се разбере преку неговите логички мотивации во рамките на Фиџијанската култура, тоа сепак значи дека логиката, нивата логика, е исто така нешто што се случува и во мене. Повторно, ова не е некаква првобитна опсервација, туку нешто кое јас го практикувам: особениот карактер на антрополошкото знаење се состои во тоа што тоа вклучува едно значајно единство меѓу субјектот кој спознава и она што се спознава. (Sahlins 2000:29)

Во специфичниов случај кој го претставувам, за мене е излишно да се обидам да ја усвојам логиката на југословенската, или српската култура, бидејќи јас самата бев функционален дел на оваа специфична мрежа во периодот за кој пишувам. Логиката на оваа мрежа е сè уште дел од моето постоење, и, затоа, слободно можам да служам како свој сопствен информант. Верувам дека доколку успееме да ги посматраме како антрополози нашите сопствени постоечки личности, како и социјалните, културните и природните мрежи на кои им припаѓаме заедно со други единки, стекнатото себе-знаење за сопствената ситуација уште повеќе ќе го продлабочи „значајното единство,“ помеѓу самите нас и светот на кој му припаѓаме. На овој начин се стекнуваме со еден друг вид на витална моќ – моќта да ги промениме и преобразиме сопствените индивидуални околности. Овој процес допушта единката да се чувствува слободна во сопствената ситуација, дури и доколку ситуацијата се доживува како ограничувачка, и, доколку е потребно, може да придонесе до стекнување со една од најголемите слободи што, верувам, еден човек може да ги има, имено, слободата да се променат внатрешните релации со Себе-то (идентитетите), како и надворешните релации во кои сме вмешани, но кои имаат негативен ефект врз нашето комплетно здраво постоење. Процесот на менување на сопствените околности, вклучувајќи ги внатрешните убедувања и идентитети се состои од постојани чекори по патот кон слободата, чекори кои секој од нас би можел да ги преземе во ситуации на лишеност, или чувство на лишеност од слобода.

***

Изворот на човековата морална енергија е надвор од него, како што е и изворот на неговата физичка енергија (храна, воздух, итн.) Во најголемиот број случаи тој [човекот] го наоѓа овој извор, и затоа ја има илузијата – слично на физичкото постоење – дека и ова постоење ги содржи принципите за зачувување само по себе. Единствено лишувањето прави тој да чувствува потреба [за морална енергија]. И, во ситуација на лишување, тој е беспомошен и трага по било каков извор на храна.
За оваа ситуација постои само еден лек: хлорофилот кој ја овозможува особината да се храниме од светлина.
Не можам да судам. Сите грешки се исти. Постои само една грешка: невозможноста да се исхрануваме од светлина, зашто каде што оваа способност е изгубена, возможни се секакви грешки. (…)
Мора да се стремиме кон заменување на што повеќе од насилството на овој свет со ефективно не-насилство. (…)
Би требало да се стремиме кон тоа да станеме такви, што би можеле да бидеме не-насилни.
(Weil 1987: 3-77)

***
Србија беше административниот центар на социјалната и политичка мрежа што до скоро време беше нарекувана Југославија – федерацијата на јужнословенските народи, како што и самото име објаснува. Антрополошки, етнолошки, лингвистички, социјално, културно, економски и историски, сите југословенски народи имаат комплексно заедничко минато и многу слични обележја, и, по завршувањето на Втората светска војна, под водството на Јосип Броз Тито, се соединија во федерација основана врз марксистичката идеологија на братство, еднаквост и индустриски модернитет, создавајќи унија на шест независни и економски различно развиени републики: Србија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Македонија, вклучувајќи и две независни покраини како дел од Српската република: Војводина и Косово.
Како и најголемиот дел од Централна и Источна Европа пред Втората светска војна, скоро целиот југословенски регион беше рурален регион, кој освен тоа беше навистина опустошен од војни и разни окупации во текот на неколку стотици години. Џеф Прат (Jeff Pratt) не потсетува дека:

Југославија долго време служеше како театар [сцена] за војни: тоа е една територија која периодично беше окупирана од две големи империи [Отоманската и Австро-Унгарската], потоа уништена за време на двете светски војни [додека одделни региони беа дел и од балканските војни], и потоа уште еднаш во 1990-те години. Никој роден во последните два века во овој регион не би можел да ја достигне староста од 45 години без да биде зафатен од војна, и повеќето ја искусиле војната многу порано, и повеќе од еднаш во текот на животот. Овие луѓе не беа зафатени со војни како цивили во општество кое гради кампањи против некаков далечен непријател, туку беа подложни на масовни и деструктивни војни за територија, кои минуваа низ нивните домови. (Pratt 2003:131)

Така, луѓето од регионите на она што беше Југославија беа постојани жртви на војни, за кои слободно може да се каже дека не беа нивни војни. Тројца од четирите родители на моите родители се бореле во туѓи војни кога биле тинејџери – една од моите баби избегала од дома за да може да се бори за слобода на возраст од тринаесет години. Го сретнала својот сопруг, мојот дедо, во ситуација на војна, насилство и недостаток. Мојата друга баба, единствената која не била борец, била принудена на тешка работа, како и на осамен живот без маж за време на војните, стравувајќи од можноста да биде силувана или убиена, и морала да обезбеди доволно храна за своите браќа и сестри, како и за сопствената болна мајка. Сите четворица родители на моите родители живееја доволно долго за да бидат сведоци на уништувањето на Југославија, земјата на која и ја посветија својата младост, борејќи се и градејќи: фабрики, патишта, градови, образовни, социјални, политички, економски и безбедносни системи. Тие ги посведочија и почувствуваа последиците на распаѓањето на сопствената визија и напорите за подобра иднина во своите возрасни години. Ова е сосема вообичаен и нормален наратив кој може да опише многу семејни дрва од бившиот југословенски регион; запечатен од надворешно насилство, ограничен од моќта на оружјата што дојдоа заедно со сите горделиви мажи кои ги бранеа своите идеи или пак беа дошле да пустошат за добивка. Многубројните напади предизвикаа насилни миграции меѓу населението, кое, бидејќи во најголем број случаи беше составено од селани, имаше силна врска со почвата од регионот, чувствувајќи се безвредно и очајно при преселбите. Ова исто така значи изгубен извор на храна. Како што Џеф Прат споменува, овој двоен наратив на продолжување и уништување, на потребата да се припаѓа и миграциите, на постојаност и промени, на неопходност и слобода, на потребата за стабилност и постојаниот флукс, е типичен за регионот и клучен за да се разбере појавата на националистичка политика и движењата во последната декада на дваесеттиот век, „бидејќи националните идентитети во голема мера се повикуваат на селската култура, додека војната е еден начин на кој национализмот се консолидира.“ (Pratt 2003:132)
Политиката и дискурсот на другоста го окупираа регионот во 90-те години, и национализмот стана главната политичка насока. Иако во текот на многу генерации сите југословенски републики беа измешани културни мрежи во рамките на кои луѓето разменуваа, живееја и делеа заедно, процесите на медијација и хибридизација меѓу луѓето и културите од регионот беа целосно маргинализирани, не се споменуваа, не им се обрнуваше внимание, и тоа не само од страна на локалните политички радикалци, туку и од страна на западните медиуми, политичари и културни и воени сили. Овие неверојатно уништувачки и разделувачки модерни идеи, кои го поларизираат мислењето во навидум несогласни концептуални дихотомии и насилно ги прескокнуваат постоечките процеси на хибридизација и медијација, не беа само една особена карактеристика на Југословените кои беа заглавени во својата модерност, туку и на целиот прогресивен постмодерен свет кој ги подгреваше истите овие идеи и идентитети преку форсирањето и етаблирањето на етнички чисти и соединети политички и географски единици, преку политички договори, како и со фрлање бомби врз овие и онака осиромашени региони.

Војните од 1990 години не беа предизвикани од спонтани изблици на омраза туку од политички стратегии. (…) Во говорите на западните водачи и во медиумите, доминантната претстава на настаните во Југославија се состоеше во тоа дека насилството е директен продукт на етничка омраза, која имаше длабоки историски корени и која експлодираше по распадот на комунизмот. (…) Овие објаснувања се потпираат на лажна историја (‘некои нешта не се менуваат’) и лажна психологија (’војната е продукт на агресија’). Тие ни кажуваат нешто во врска со тоа како западните водачи стекнуваа домашна согласност во врска со нивната сопствена политика; или пак за тоа како САД и ЕУ имаа инструментална улога во формирањето на политичките сили кои се појавија при распаѓањето на комунизмот. Растечките националистички влади на републиките ги развија своите политички и воени стратегии во релација со директните интервенции од страна на западот, толкувајќи ги западните намери. (Pratt 2003:151)

Ситуацијата во Југославија е типичен пример за она што се случува кога не се следи политичката порака на Фуко (Foucault): „Политичките дискусии треба да се водени од конкретните проблеми кои ги предизвикуваат нашите прашања, а не од етаблирани теории кои тврдат дека се нивен одговор.“ (Gutting 2005: 27). Секое отворено поддржување на национализмот е имплицитно поддржување на конфликт, исто како што и секое насилно спротивставување на национализмот и обидите за целосно искоренување на национализмот се конфликтни. Национализмот не мора да е предизвикан исклучително од омраза, но омразата се поткрепува кога оружје и бомби се додаваат на еден регион каде што веќе цутат националистички идеи. Национализмот е комплексен мотив кој често се користи од страна на политичарите за да се постигнат исклучувачки и многу често насилни дејства, иако резултатите на овие дејства не и помагаат многу на нацијата. Тој е втемелен во потребата да се дефинира колективен идентитет низ наратив кој е фокусиран во почетоците, во одредено време и простор, една племенска дефиниција на човечката супстанција, како есенцијалната супстанција да се наследува преку потеклото. (Burke 1969:27) Ваквата дефиниција на идентитетот особено добива на моќ кога се претставува како да е под закана на некои други во сегашноста. Иако есенцијалистичкото теоретизирање е скоро целосно академски отфрлено од постмодернистичкото теоретизирање на културните процеси и процесите на идентитетот како променливи, порозни, многубројни, хибридни и нестабилни, јас сакам да посочам, во дослух со истражувањата на Џеф Прат (Jeff Pratt, 2003), дека пред-модерни, модерни, анти-модерни и постмодерни инстанции, дефиниции, сфаќања и односи се присутни во светот истовремено. Оваа мешавина се манифестира себе си во вид на комплексности (сложености) кои може да се истражуваат единствено како особени. (Mol и Law 2002: 1-23) Секоја индивидуа е комплексност, со свои сопствени идентитети и искуства, додека исто така поседува и некои особини кои се општи и се делат со други во рамките на разни групи. Идентитетот на една единствена личност е комплексност, и не е исклучително врзан за нацијата, или државата, или родот. Тоа е комплексен хибрид на сфаќања, на толкување на односи. Националниот идентитет е само еден од идентитетите кои ги поседуваме, и овој идентитет може да стане ригиден и исклучувачки доколку е принуден, или пак поттикнат да стане таков. Политичките и културните теоретичари исто така создаваат групи и целосно отфрлаат концепти, идеи, полиња на проучување, итн., создадени од некои други, на тој начин однесувајќи се ексклузивно и исклучувачки. За да избегнам ригидност во мојата анализа, без разлика на тоа дали таа ригидност лежи во мислењето низ дихотомии или пак во идејата за еден целосно нестабилен и непредвидлив флукс, се одлучувам за еден немодерен пристап кој ги зема во предвид и процесите на прочистување (поделба) и хибридизација (мешање, флуктуација) како истовремени, постојани, неопходни и природни процеси (Latour: 1993).
Она што не би смеело да се заборави е дека национализмот е толкување на разликите меѓу луѓето кои им припаѓаат на одредени групи, и дека тој се етаблира себе си како толкување – понекогаш негативно – на културата на други луѓе. Но, национализмот не се состои во самите разлики. Начинот на кој ги мотивираме толкувањата на разликите зависи од секоја индивидуална единка. Слободата лежи во овој избор. Така, наместо да ги толкуваме етничките разлики како закана, можеме да ги толкуваме и како нешто позитивно. Или пак би можеле да го тргнеме фокусот од разликите и да го насочиме кон сличностите. Исто така, националистичкиот начин на размислување има тенденција да заборава дека разликите меѓу луѓето се менуваат бидејќи и луѓето постојано се менуваат, исто како што се менуваат и толкувањата и нивната употреба. Преку инсистирање на насилство и националистички размисли, групите ја отфрлаат својата моќ на социјализација и комуникација, на слободно минување преку граници. Така се гради атмосфера на страв и етничко единство, што отвора можности за стеснети граници и затворени општества, каде што етаблирани политичари или пак воени лордови и криминалци можат да владеат и беснеат. Можноста да се искусат промени предизвикува страв, бидејќи промените се сметаат за некаква национална загуба, а не за нормални и природни процеси.
Посветив доста простор на проблематиката на национализмот и ексклузивното (исклучувачко) мислење бидејќи сакав да посочам дека „доказите од Југославија, кога една индустријализирана економија имплодираше, покажуваат на драматичен начин дека модернизацијата (и модернитетот) се реверзибилни. Во Југославија и на други места, луѓето беа рециклирани од руралното во урбаното и потоа повторно назад, вшмукани и исплукани. Во секој од случаите, руралниот свет претставува стабилност и континуитет – корените кон кои се враќаме во кризни времиња.“ (Pratt 2003:190) Ова враќање кон руралното, колку и да им се чини страшно на модерните и постмодерните општества, не е само по себе негативно. Единствено нашето толкување, како и причините за ваквото враќање во рамките на Југословенскиот регион го прават да биде негативно. На нивото на културниот идентитет, ваквото враќање уште повеќе ги зацврснува чувствата на потекло и припадност кон почвата. Доколку прифатиме други мотиви за едно вакво враќање кон почвата, ќе разбереме дека почвата и Земјата се нашата најголема граница и она што најмногу не ограничува во сегашноста, без разлика дали се прокламираме како модерни, пост-модерни или пак пост-пост модерни индивидуи. Секогаш мора да јадеме, и Земјата ни обезбедува храна. Досега, големи подрачја кои служеа за произведување храна се бескорисни и претворени во пустини заради модернизирачките процеси кои се фокусираат на „прочистено“ садење, и уништуваат сè што е друго, што не е планирано да расте за профит, на тој начин занемарувајќи ја разноликоста на природата и медијациските односи меѓу видовите како незаменливи за одржување на планетата. Колку е повисок летот во иднината за оние кои поседуваат моќ, толку е подлабок падот во минатото за оние кои се лишени од моќта. Модернитетот е мотивиран од визии за иднината, индустријализација, прогрес и распространување, но во исто време се фокусира врз формирањето на нации, на собирање на етнографски материјали и на градење на наративи околу идентитети кои се лоцирани во минатото. Слободата може да се најде само во сегашниот момент, во секоја единствена единка и нејзиното опкружување, и првиот фактор и чекор кон нејзината реализација е определен од начинот на кој ги мотивираме нашите акции.
Откако го артикулирав ова, можам да продолжам со дискусијата на продукцијата на Peer Gynt – Пер Гинт, во Србија, Ужице, 2000 година, ставена во перспектива на слободата, а мотивирана од недостатокот на леснина и изобилието тежина во животите на бившите Југословени во последната декада на дваесеттиот век.


2. Пер Гинт како национален културен продукт.

Би сакала да ја започнам мојата анализа на изведбата Пер Гинт со тоа што ќе споменам еден извор кој ме мотивираше да ја испитам легитимноста на одредени видови секундарна медијација на културите и културните вредности. Второстепените медијации на културата, особено во јавните медиуми, многу често во суштина го ограничуваат нашето разбирање на културите како сложени и постојани процеси и ја ограничуваат нашата слобода на културно изразување, претворајќи ја во средства – најчесто политички и економски. Еден од првите текстови на кои наидов на почетокот на моето истражување беше еден оптимистичен и пофален текст во Dagbladet1F, каде што прочитав дека проектот Пер Гинт бил поддржан од норвешката амбасада во Србија и дека 2000 г. била многу успешна година за Ибзен во Србија, со дури четири изведби на Ибзеновите дела. Во тоа време, Србија сè уште беше во унија со Црна Гора, и сè уште го носеше името Југославија. Југославија беше во војна и под санкции уште од 1991 г., и во граѓанска војна во Косовскиот регион од 1998 г.. Во 1999 г., обединетите сили на НАТО ја бомбардираа Југославија и нејзините воени сили, но конфликтот во Косово не заврши со ова, исто како што и страдањето на народот во регионот не беше завршено. Една година по бомбардирањето, Љубиша Раиќ (2000) го напиша следново околу активностите сосредоточени врз Ибзен на државно ниво, во весникот Dagbladet: „Ова се случува истовремено со силните напори кои Норвешки ги вложува во полето на хуманистичките дејности. Норвешка повторно ја стекнува својата репутација во земјата. Јас гледам дека овој процес ќе резултира со значајно зголемен интерес за Норвешките студии, кои сега привлекуваат повеќе кандидати, отколку, на пример, студиите по германски јазик.“
Оваа изјава на Раиќ ја поставува норвешката култура како некаков натпреварувач во однос на германската култура во Србија, и со тоа го поддржува разбирањето на културата како арена за покажување на моќ и доминација меѓу нации. Оваа фантастична Ибзенова година во Србија се случи истовремено со силните норвешки напори во областа на хуманистичките дејности, и овие напори не значат ништо друго освен финансии. Би сакала да посочам кон еден услов кој не беше споменат во Dagbladet – кон тажниот факт дека било која театарска група во Србија, на среде финансиската, економска и хумана криза, веднаш по граѓанската војна и бомбардирањата од 1999 г., најверојатно би поставила на сцена што било, доколку некој би го финансирал. Театарската публика мора да има средства за да може да оди на театар, и навистина е тешко да им се продава култура на осиромашени луѓе кои изгубиле толку многу. Создавањето претстави е професија, и професијата исто така е мотивирана од профит, не само од уметничка инспирација и големина на текстови, нации, фолклор или интеркултурни елементи, итн. Војната и последиците кои таа ги имаше врз сите живи суштества беа реалноста на Србија во овој период, и луѓето страдаа од разни видови на недостаток. Големата Ибзенова година во Србија беше многу тешка година за српскиот народ, вклучително и театарските работници. Во еден наратив кој ја поставува српската театарска култура како модерна арена за националистички културни политики на богати нации постои многу малку вредност и големина на културите, слободата и разбирањето.
Рустом Баруша (Rustom Bharucha) исто така изјави, коментирајќи ја сопствената продукција на Пер Гинт: „Универзалноста на Пер Гинт за мене е една лажна премиса, бидејќи, ако можам тоа да го кажам малку провокативно, тој секогаш веќе бил Индиец.“ (Bharucha 2000: 71-72) Љубиша Рајич напиша: „Според реакциите на публиката, се чини оправдано да се прашаме дали Пер исто така потекнува од Србија.“ (Rajic 2000) Изјави за Пер како човек од секоја нација се појавуваат доста често, и тие се добро прифатени, и дури и поттикнувани. Тој е универзален – се совпаѓа со сечиј модел, но тој е исто така и национален – прво и основно тој е Норвежанец, но и Индиец, Србин, итн. Сличните изјави ја земаат во предвид функцијата на Пер како културен медијатор, но се обидуваат да ја разберат оваа медијација низ ексклузивни, модерни, прочистени и национални претпоставки. Размислувањето за Пер, или пак троловите, како еден ексклузивен и примарно норвешки, т.е., национален културен продукт, само го поставува наспроти, т.е. го реформулира него и ибзеновиот текст како продукт на некоја друга нација. Сметам дека ваквиот тип на анализи се исклучувачки и дека работат против вистинска интеграција и разбирање меѓу групи на луѓе. Државата или пак нацијата му пренесува есенцијални, не-физички атрибути на ликот кој физички е претставен пред публиката како глумец. Така, кога Пер е индиски глумец во Индија, тој е Индиец. Кога е српски глумец во Србија, станува Србин. Така, неговата есенција е индиска или српска, додека неговата универзалност е прифатена како сопствената националност, низ една прочистена слика. Инсистирањето на овој вид на теоретизирање и употреба на Пер или пак било која друга културна агенција укажува на присутен страв од другоста во рамките на одреден дискурс. Лесно би можело да се рече: Пер е еден од нас, при што под „нас“ се подразбира човештвото од сите времиња и сите локации. Ова ја гради и збогатува можноста за креативна слобода на еден филозофски, а не исклучително националистички начин. Националните граници би можеле да се преминат лесно, и нови хибридни концепти би го крунисале нашето заедничко постоење, како и понатамошното постоење на употребата на Ибзеновите текстови како заеднички скапоцени камења, без некој да посака да ги присвои овие богатства како некакво вечно и непроменливо национално богатство.

***

Причината за војни: во секој човек и во секоја група на луѓе постои чувство дека тие имаат основано и оправдано право да бидат господари на вселената – да ја поседуваат. Но ова поседување не е разбрано на правилен начин, заради незнаењето дека секој има право на неа (колку што тоа е во рамките на возможното за човечкото суштество на оваа земја) низ сопственото тело.

***

Разбран низ не-модерните премиси кои јас ги применувам, Пер Гинт е природно-културен хибриден агент кој, поставен во особени мрежи на простор-време, се здобива со различни есенции низ своите употреби. Овие есенции не се стабилни, туку конструирани, можат да се потврдат само низ време, и ние можеме да се запознаеме со нив преку проучувањето на тоа како се претставени во Ибзеновите текстови, како и преку проучувањето на други физички и дијалектички манифестации на дадените и посебни употреби на имагинарниот хибрид Пер кој во еден даден временски момент бил лингвистички изразен од човекот со име Хенрик Ибзен кој се случило да биде роден во Норвешка. За да се разбере секоја од особените употреби на Пер, наместо користење на некакви генерализирани наративи, не-модерниот простап би ја исцртал мрежата и начините на кои особената употреба се материјализирала, или актуелизирала. Пер Гинт не е човек „меѓу нации,“ или пак „меѓу култури.“ Тој воопшто не е човек. Тој е една прекрасна, вешта, и мудра имагинарна конструкција инспирирана од посебните мрежи во кои Ибзен бил вмешан, или пак со кои бил во контакт. Тој не припаѓа никаде особено, но може да се искористи за да пренесе различни и многубројни употреби и есенции на разни публики. Ова би можело да го ослободи Пер од минатите модерни наративни синџири, а може и да ги ослободи креативните работници и интелектуалците од ограниченост. Фокусирањето врз Пер Гинт како некаков носител на идентитет на начин кој го ограничува овој фокус во нацијата не е нешто што треба да се отфрли, ниту пак е нешто што секогаш, и само по себе, е штетно. Моето истражување е насочено кон наоѓање на решенија за слобода во особениот случај на оваа претстава, и самото истражување ме мотивира да имам критички став кон случаи кои создаваат можности за конфликт. За да ја поддржам оваа мисла, би сакала да го цитирам Мишел Фуко (Michel Foucault): „Мојата поента не е дека сè е лошо, туку дека сè е опасно.“ (Foucault во Gutting 2005:20). Фокусот на еден агент го има потенцијалот да се движи меѓу микрокосмосот и макрокосмосот – може да биде тесен како Себе-то или широк како Вселената, и слободно може да флуктуира меѓу овие мрежи, низ секоја единствена употреба. Јас само посочувам кон некои опасни процеси на кои особените случаи на второстепено пренесување на информација кои ги споменав погоре би можеле да им послужат како агенти.

3. Војна и слобода

Хелге Ронинг (Helge Rønning) го истражува текстот Пер Гинт како драма за индивидуалецот и развојот на неговото разбирање на светот, како тој да „го поставува како тема односот меѓу распнатиот модерен човек и светот кој го опкружува, но кој не дозволува да биде контролиран.“ (Rønning: 165) Тој ја разгледува драмата како драма на циклично враќање, при што наративот започнува во домот, се развива во ситуација на разделеност од домот, и потоа завршува во ситуација на враќање кон истиот дом, при што ликот е збогатен со спознанието стекнато преку размислувањето околу односите кои ги гради со себе си и со околината. (Rønning: 163) Ова контемплирање може да се оствари како позитивно или негативно – и да резултира во мир или пак целосно разочарување во општествените и семејни односи. „Пер Гинт има структурална блискост со едукативниот роман [dannelsesroman], но тематски сличности со романот на разочарување [disillusionsromanen].“ (Rønning: 165) Истовремено, драмата има структура слична на приказните, со тоа што на крајот сиромавиот, но лукав херој не ја добива принцезата и земјата и не станува крал. Пер Гинт е драма за ориентирање на Себе-то во реалноста, и драмата исто така може да се разбере како еден долг монолог низ кој Пер ги изразува своите проблеми на идентитетот. (Rønning: 164-165) Според Ронинг, овие проблеми на идентитетот доаѓаат од несоодветните и нереални очекувања кои Пер ги поставува за самиот себе, како некаков напор кон слобода, како желба Себе-то да биде сеопфатно. На крај разбира дека Себе-то е ништо. Фантазиите за слобода на Пер кулминираат во сликата на Царот, но се пародирани, исмевани и карневализирани низ целата драма. Драмата е структурирана околу проблемот на наоѓање на сопствениот идентитет и место во светот, и со оглед на тоа, може да се смета за егзистенцијална драма. Но, истовремено, драмата ги рефлектира процесите на историската модернизација и градењето на нации.

Првите три чина покажуваат два односи во овој развој. Како прво, старото селско општество е претставено токму во мигот кога е спремно да се распадне заради конфликтите кои доаѓаат од притисокот однадвор, но и од недостатокот на внатрешна сила. Потоа, тоа е зајакнато преку шемата која ја разоткрива визијата за норвешкото хармонично селско општество, раширена од романтичарите. (…) Целата идеологија на националните романтичари е претставена како да е оддалечена од реалноста и доволна сама за себе, без вистинско јадро или капацитет за достојно толкување на тогашните времиња. (Rønning: 176)

Структурата на драмскиот текст, како процес на враќање кон домот, е фокусирана кон еден специфичен рурален дом, и е слична на процесот на „националистичкото враќање“ на Србите и другите националности кон нивните корени и земја во текот на југословенските војни. Прат посочи кон процесите на југословенското враќање кон земјата како извор на храна и стабилност за време на декадата на дезинтеграција на Југославија. (Pratt 2003: 190) Многу високо образовани луѓе беа принудени да им се вратат на старите семејни куќи во селата, бидејќи економијата беше во криза уште од 1980-те г., и целосно се распадна во 90-те г.. Слободан Милошевиќ, толку презираниот српски националистички државник, насилно креираше еден историски настан, косовската битка, како фокална точка за српскиот национален идентитет, како некаква приказна за неправедноста нанесена кон српскиот народ, кој во минатите времиња бил под закана на еден муслимански освојувач, исто како што во доцните 90-ти години беше под закана на муслиманското население кое сакаше независно Косово. Според националистичката реторика, Косово и припаѓа на српската нација бидејќи еден многу романтизиран, но навистина важен историски настан се случил на истата територија. Косовската битка беше еден клучен воен настан од 1389 г., кога Србија го загуби Косовското поле кое им припадна на Отоманите, и кој се случи близу Приштина, главниот град на она што денес е независната држава Косово. Вековите на страдање на српскиот народ под феудалната организација на Отоманската империја започнаа по оваа битка. Косовската битка беше доста потенцирана како симбол на српскиот патриотизам и желбата за независност во текот на револуциите против отоманите во текот на XIX век и романтизмот од овој период, и потоа повторно во 1990-те г., кога националните митови беа оживеани. Затоа, јасно е дека наративната линија на Пер Гинт може да служи за истата цел која и Ронинг (Rønning) ја истакнува, и затоа беше и доста соодветна за да служи како медијатор на себе-рефлексивно знаење кон српската театарска публика во 2000 г.. Исто како што текстот Пер Гинт беше критички поставен кон норвешките национални романтичари, така и претставата Пер Гинт беше критички поставена кон илузорната природа на српските националистички романтизирани наративи од 1990-те г. Тие го воспеваа минатото како некаков пат кон иднината, која е некако замрзната во една херојска визија, или пак е одредена како време кога нештата ќе се одвиваат подобро економски, бидејќи нацијата ќе се здобие со етничка сила.
Ронинг (Rønning) исто така укажува на фактот дека во целосниот опус на Ибзеновите дела постојат теми кои се повторуваат, но кои се изразени низ различни ситуации. Клучен проблем во целото творештво на Ибзен е проблемот на наоѓање лична слобода во општество кое пропагира идеали, но во суштина е владеено од пари. Моќта артикулирана низ економија е претставена како пречка за индивидуалната слобода, и служи само како ограничувачки и конфронтирачки агент. Единката која е мотивирана да бара слобода во некакви идеали, но делува во општество кое е основано на економска моќ може да ја најде слободата единствено во изолација, во Себе-то. (Rønning: 51-63) Во сегашноста, оваа ситуација на светот кој е владеен од економска моќ не е прикриена низ метафори, ниту пак некаков величествен идеал се труди да ја замени. Оваа ситуација, како и нео-либералната политика се добро прифатени, насекаде. И ова се факти кои секој од нас секојдневно ги доживува, што можеби најдраматично може да се согледа низ опсервацијата дека неодамнешната ‘светска економска криза’ беше претставена како најголемата опасност и ги засени најголемиот број други проблеми и разлики во светот, опустошувајќи милиони луѓе и цели државни системи.

И двата [стариот и новиот либерализам] го користат концептот на слободата како некаква мантра и ги обвинуваат сите оние кои се залагаат за ограничувања во трговијата, како тие да се против слободата. (Тоа што богатите земји во пракса ги заштитуваат своите активности е друга тема – тие се залагаат за трговија, но не и за увезување.) И тогаш, како и сега, многу малку од столбовите на општеството посакуваа да бидат претставени како да и се спротивставуваат на слободата.“ (Hylland Eriksen 2006: 17)

Сепак, секакви идеи се истовремено присутни, заедно со, и во рамките на глобалното знаење за моќта на економијата. Се чини дека единките кои се занимаваат со идеалистични концепти се, исто како и сите други, подложни на тоа да ја гледаат глобалната економија како моќен агент кој треба или да се одбегнува и да се промени, или пак треба да се посакува и да се стреми кон него како кон најголемата моќ. Групите на луѓе кои се обидуваат да најдат слобода низ избегнување на глобалната економија се често нарекувани антимодерни, или сонувачи, обично не се врзани за нацијата или државата и се изолирани во мали групи заинтересирани за екологија, благосостојба и fair trade, но сепак фунционираат во рамките на поголемите општества кои се тешко вмешани во светската нео-либерална структура. Другиот вид на групи се почесто присутни на национално ниво, и употребуваат националистичка реторика додека се повикуваат на моќта на економијата за да ги покренат луѓето во процеси кои се претставени како да ќе и обезбедат моќ на нацијата и слобода на луѓето. И двете групи имаат идеалистична позадина, но различна мотивација.
Ако ја земам во предвид продукцијата на Пер Гинт во Србија, темата за индивидуалната слобода најочигледно беше спротивставена на ситуацијата на војна, национализам и корупција во регионот. Реториката која политичарите ја користеа за да ги потпалат конфликтите во Југославија беше базирана врз критика на комунистичката и социјалистичката идеологија, и беше насочена кон сето она што го величаше комунистичкиот водич Јосип Броз Тито и неговиот сон за заедничка држава за јужните Словени – Југославија. Комунизмот беше толкуван како пречка за станување признаен дел, и агент на највисоката моќ – глобалната либерална економија. Истовремено, пофалби на демократијата, национализмот и капитализмот ги преплавуваа медиумите, додека владејачките политичари и нивните најмени водачи на банди ширеа насилство и омраза како средства за правење профит. Многу луѓе профитираа од војните во Југославија, луѓе кои и припаѓаа на државата, но исто така и луѓе од други држави, и идеологијата и економијата беа реторично и масовно употребувани за да се прикријат криминални и воени злосторства, додека мотивите на луѓето кои ги ширеа овие комплексни и конфликтни пораки беа насочени кон личен профит. Во претставата Пер Гинт, ова беше критикувано низ употребата на иконографија на локални политичари и нивните телохранители, водачи на банди. Мотивот на војната беше најдиректно пренесен како доминирачки мотив низ троловите како агенти, и секако, низ наративот за момчето кое си го пресекло прстот за да избегне да оди во војна. Приказната за оружјата кои требало да бидат продадени за битката меѓу Грците и Турците само го зајакнува овој комплекс. Последните две ситуации, момчето кое си го сече прстот и дискусијата околу дистрибуцијата за оружје која е мотивирана исклучително од профит се поврзуваат кон конкретната српска и балканска реалност за време на вековите отоманска окупација.
Турците насилно собирале машки деца кои требало да се исламизираат и потоа да се обучат како војници, јаничари, или пак помошници во дворовите и други јавни институции. Оваа пракса била нарекувана „данок во крв“ и одбегнувана од страна на христијанското население. Девојките исто така често биле грабнувани и силувани од отоманските војници. Некои родители ги осакатувале своите деца, буквално отсекувајќи им дел, или пак ги повредувале на друг начин, и понекогаш крстови им биле тетовирани на челата за да не бидат грабнати од Турците. Овие приказни беа присутни во книжевноста, историјата и медиумите за време на моето детство. Турците го колонизираа Балканот и беа присутни сè до почетокот на дваесеттиот век, кога се случија Балканските војни. Токму затоа, овие две приказни имаат посебна тежина за Балканската публика, која е запознаена со приказни за тоа како отпорот кон тоа буквално да се стане непријателот, значи буквално осакатување на себе си. Овие два особени наративи од Пер Гинт – наративот околу дистрибуцијата на оружјата која е мотивирана само од профит, и приказната за момчето кое си го исекло прстот, се лоцирани во историјата и отоманскиот период за српската публика, истата историја која беше користена како мотив за најнеодамнешните вооружени напади во Србија. Овие наративи сценично, и на многу сложен начин, им ги пренесуваа мотивите на војната и национализмот на гледачите на претставата.
При создавањето на мотивот на војната за оваа претстава, најсилната медијација на некаков генерален концепт за војна се јавува низ начинот на кој троловите беа материјализирани на сцената. Како што беа претставени во изведбата, троловите и припаѓаа на една група која беше очигледно мотивирана од разни аспекти на војната и национализмот. Тие беа претставени како една група која бара целосна верност и посветеност, но и жртва, тие беа сакати, оштетени од бруталната реалност на војната – еден беше во инвалидска количка, друг на патерици. Облеката им беше мешавина од воена облека и партали, и тие поседуваа оружје. Живуркаа во какофоничната атмосфера на војната – грди, гласни, осакатени, уништувачи на природата и животот, лишени од хармонија. Обидот на Пер да стане еден од нив, и опасноста од тоа да се биде физички повреден со тоа што ќе се стане дел од кралството на троловите може да се разберат како обид да се стане дел од воинствената толпа, проследен од опасноста да се биде повреден во војната, или пак дури и од припадниците на сопствената банда, при обидот за дезертирање. Никој не добива во војната, но секој губи еден дел од себе.
Троловите се поврзани со колективното наследство, со минатото, со природата, со несвесното, тие се митски суштества, непостоечки, еден вид на дијалектична, а не вистинска супстанција. Тие не и припаѓаат на културата, и, изобличени, но сепак слични на човекот, го претставуваат сето она што се подразбира како ‘анималистично’ кај човекот. Во текстот Пер Гинт, Ибзен реферира кон троловите не само како природа, туку како човечка природа, како лудило, или насилство. Човекот треба да биде верен на себе си – што и да значи ова. Еден трол е доволен на себе си, се грижи за себе си и сопственото постоење, но нема повисока амбиција да манифестира некаква прочистена есенција. Разликата меѓу тоа да се биде верен на себе си и доволен на себе си се состои во себе-спознанието. Човек не може да биде верен на нешто кое не го разбрал, но лесно е да се биде доволен за нешто, дури и ако ова е непознато. Да се биде доволен значи да се биде жив – да се преживее, но да се биде верен на себе си значи да се знае зошто се живее, да се знае сопствената цел.
Обидот на Пер да биде само себе си и ништо друго освен себе си е навистина модерен, пречистен концепт за себе-то. Овој концепт е исто така привлечен за националистичкото сфаќање на себе-то како чист национален генитив. Една личност е Србин, или Бошњак, или Норвежанец, и иако оваа личност можеби живее во границите на друга земја, и е во постојан контакт со сите други националности и култури, националното себство се разгледува како да останало недопрено, чисто. Во сегашните времиња, националистичките струи се здобиваат во сила низ политичките дискурси, иако нашите секојдневни животи се исполнети со информации и медијации од сите делови на светот и нашите продукти кои можеби изгледаат европски се во суштина изработени во Азија или Африка, и обратно. Навистина е невозможно да се стекне посакуваната и идеализирана национална држава бидејќи ниту една единствена единка, ниту една држава не постои сама, сите луѓе се преполни со слоеви на различни есенции, на сите им се пренесени многу искуства, сите биле агенти и причини за многу различни видови акции, и сите се во постојана размена. Додека свесноста за антрополошките, културните, етнографските и социјалните карактеристики на сопствената околина, како и запознавањето со историјата и идентификацијата со нацијата се само позитивни и збогатувачки искуства, размислувањето за минатите процеси и идентитетот како нешто кое не се менува може само да осиромаши и да доведе до конфликт. Доколку ги прифатиме троловите, ја прифаќаме природата како дел од културното себе, но доколку ги негираме, дури и доколку ги ставиме на негативна скала, се обидуваме да се прочистиме. Разбрани како човечка природа, троловите имаат една особено длабока улога, и тие исто така пренесуваа една длабока порака до српската публика.
Војната е легална состојба, состојба на договор меѓу политичарите, создадена како прв чекор кон избегнување на искуството на чисто насилство како некој вид на природна експлозија на конфликт меѓу луѓето. (Serres 1998: 8)

Војната е моторот на историјата: историјата почнува со војна и војната ја има започнато историјата. Но, бидејќи, во лудачката кошула на законот, војната ја следи повторувачката динамика на насилството, резултирачкото движење, кое секогаш ги следи истите закони, имитира едно постојано враќање. Во суштина, ние секогаш сме вмешани во истиот конфликт, и одлуката на претседателот за пуштање на нуклеарен товар го имитира чинот на римскиот конзул и египетскиот фараон. Само средствата се сменети. (Serres 1998: 14)

Војната и војувањето се едни од најстарите антрополошки факти кои се заеднички за сите мрежи на луѓе. Доколку целото човештво, без разлика на националната припадност, би ја изразило својата есенција преку темпорализирање на мотивот на војната, би морале да признаеме дека војната е присутна во секој од нас. Во едно интервју изведено од Латур (Latour), Серес (Serres) ја изрази својата „силна ненаклонетост да „и припаѓа“ на некоја група, затоа што изгледа дека тоа секогаш бара исклучување и убиство на оние кои не и припаѓаат на сектата.“ (Serres 1995: 20) Тој го разгледува нагонот за припаѓање на групи како нагон кој му припаѓа на либидото, и кој опасно ги поддржува сите амбиции, сложејќи му на најраспространетиот вид морал. Изгледа дека војната, или нагонот да се припаѓа на некоја група, опасно ги поддржува сите амбиции и му служи на најраспространетиот вид морал. Спортските и културни натпревари се исто така видови на војна, или нејзини симболични компензации. Многу често тие ескалираат во физички конфликти. Да се остане социјален и отворен за комуникација додека истовремено се припаѓа на некоја група е сложен потфат кога групата е насилна, и ги исклучува, оценува, опкривува и изолира другите, и живее во лутина и страв кон нив. Да се остане интегриран и да не се дозволи да се биде понесен од нагонот за припаѓање значи да се биде здрава и ненасилна единка, која може да биде дел од здрави и ненасилни групи, формирани не заради нагонот на припаѓање, туку заради свесни одлуки и избор.
Епизодата од царството на троловите ја искусив како некакво ослободување. Средбата меѓу Пер и троловите пренесуваше едно поинакво разбирање на војната кое не беше лоцирано исклучително во српската географија, култура, или природа, туку и во еден вид европска, или нордиска природа, или пак во природата воопшто. Спојот, допирната точка на она што Ибзен го проблематизирал во својот текст и она што српските театарски работници решиле да го постават како проблем во својата продукција е потентна точка на размена, разбирање и спојување во една поголема и поотворена група. Припаѓањето на „насилните“ Срби веднаш имплицира опасност од војна, постојана можност за конфликт. Но припаѓањето на насилните луѓе воопшто не става пред еден друг вид на сознание, во ситуација на себе-преиспитување: дали секој од нас е, или би можел, да им стане непријател на сите други луѓе. Ако е ова вистина, и ако ја следиме националистичката логика на исклучување, тогаш секој од нас би можел да се обиде да се прочисти од сите други луѓе, и сигурна сум дека мал е бројот на оние кои би го прифатиле ова како можност. Наместо ваквото размислување, решението се наоѓа во сфаќањето и чувството на припадност кон човештвото на оваа планета – што е едно навистина не-модерно чувство. Сфаќањето дека војната е заедничка „тролска природа“ која е хибридизирана со „човечката природа,“ но активирана од групата, ја остава личноста која не сака да го активира тролот сама, одвоена од групата на екстремен идеолошки начин.
И оваа состојба на самотија, ова одвојување, може да се доживее како криза. Драмата Пер Гинт започнува со една ваква криза, со една војна која Пер будалесто ја предизвикува кога бега со невестата на еден друг човек. Бидејќи се чини дека и онака не бил омилениот меѓу селаните, тие ја користат приликата и фрлаат анатема врз Пер и го бркаат сакајќи да му го одземат животот, создавајќи заеднички непријател од неговото постоење. Тој бега, исплашен за својот живот, напуштајќи си ги корените, домот и мајка си. Тој е сам во текот на целата драма. Навистина посакува физички односи со жени, но некако секогаш успева да воспостави односи на конфликт, измама и војна со нив, односи од кои нема друг избор освен да избега. Побожната и трпелива Солвеј е единствениот исклучок. Но дури и таа е одбегнувана, тој и приоѓа на заобиколен начин, како зближувањето со неа да е некаква закана. Дури на самиот крај на дејството Пер Гинт собира доволно храброст за да и се врати.

Кога немаш никакви сојузници и пред сè би сакал да ги одбегнеш, кога немаш дом и не можеш да живееш на едно место, обврзан си да започнеш со некаков проект. Во текот на целиот живот ме следи вознемирувачкото чувство дека талкам низ пустина или пак на сред бура. И кога си загубен и времето е бурно, веднаш мораш да составиш некаков сплат или чамец и да го населиш со личности … Зарем филозофијата не се состои од една ваква серија на домашни поправки? Подоцна, секој на кој тоа му е потребно, може да се засолни таму. (Serres 1995: 20)

Пер си гради куќарка во планината за да може да го создаде своето ново себе кое е одвоено од првобитната група. Сепак, во првиот момент откако Солвеј се појавува како сојузник и посакува да го насели неговото скришно место заедно со него, тој мора да избега и да и го остави својот осамен остров, за таа сама да го насели. Таа со леснотија се пресоздава, на не-комплициран начин, вклучувајќи го Пер како дел од својата личност и постоење иако тој физички не е присутен, и така, кога тој се враќа кон своето засолниште, таа сосема природно го смета за добредојден. Тој, од друга страна, гонет од стравот да припаѓа, е принуден да помине преку еден процес на создавање кој му ја покажува опасноста од групите – опасноста при нивното водење, идеализирање, или пак снабдување – неколку пати, секогаш на различно ниво.
Во епизодата во царството на троловите, Пер бргу спознава дека припаѓањето на нивното кралство бара жртва, и тој бега од нив, но веднаш потоа се среќава со големиот Бојг. Оваа сцена од претставата Пер Гинт уште повеќе посочуваше кон потребата да се конструира некакво ново Себе во ситуација на недостаток на група. Бојгот беше претставен како едно огледало кое се движеше и ги следеше сите движења на Пер. Така, аморфниот, мистичен и темен Бојг од Ибзеновиот текст стана едно геометриско, конкретно и рефлектирачко огледало кое го соочуваше Пер со Пер – што е многу отворена алузија на гледање на себе очи во очи.
Оваа сцена е како стегнат израз на една од главните есенции на Пер – употребена за да го наслика создавањето на Себе-то на дијалектичен начин. За да може едно создавање да започне, мора да постои некаква празнина, некаков недостаток. Така, недостатокот на едно цврсто, создадено Себе резултира во проект на негово создавање. Но бидејќи Себе-то никогаш не е едно целосно непроменливо себе, иако има многу цврсти и постојани одлики, процесот на создавање е постојаниот процес на доживување и учење. Припаѓањето на групи е исто така дел од Себе-то, и од создавањето. Исто како што Себе-то расте и се развива, така и спознанијата околу групите може да растат и да се развиваат. Можеме да го посведочиме создавањето на Пер низ неговото патување низ време и различни простори, низ начините на кои тој се става себе си во дејство – низ неговите активности. Секоја главна точка на пресврт е како ова огледало – Бојг, во секоја сцена Пер се погледнува себе си како во огледало, рефлектира, коментира, но успева да избегна отворен конфликт, отворено насилство, успева да оди по заобиколен пат. Тој секогаш ги одбегнува групите како цврста точка на конечно стасување, дури и групата од двајца луѓе – тој го избегнува бракот, крајниот мировен договор. Јас го разбирам ова „заобиколено однесување,“ или размислување, како обид да не се стане ниту објект (предмет), ниту субјект (агент) на војната, на конфликтот. Секогаш одбегнувајќи ја групата, секогаш инсистирајќи на индивидуализам, може да доведе до тоа што создавањето на Себе-то и сопствената меморија и рефлексија може да ги засени сите други лични процеси. Враќањето кон Солвеј на крајот од претставата наликува на позитивен обид и прифаќање на сознанието дека е возможно да се припаѓа на една група без да се создаде војна, без да се развие отпор кон другиот. На овој начин, групата од двајца станува дел од создавањето на Пер, и го враќа во ситуација слична на онаа кога започнува целото дејство: утешен во прегратката на другиот, во прегратката на една осамена жена, токму онаков каков што е.
Новото создавање започнува, и загатката продолжува: како да не се стане ниту објект, ниту субјект на војната – како за Пер, така и за сите луѓе на планетава. Ако секој од нас го прифати сознанието дека секогаш постојат пошироки групи на кои можеме да им припаѓаме, дека секоја единствена единка е нивен дел, при што Вселената е најголемата група за која сме свесни, ова знаење може да служи како фактор на рационализирање, кој би можел да го отвори разбирањето за тоа дека единствениот непријател со кој што секој од нас од постојано се соочува – сме самите ние, и начинот на кој ги создаваме сопствените односи, на сите нивоа. Себе-рефлексијата на овој начин станува средство за разбирање и вршење ненасилни дејства, создавање на личноста како не-насилно суштество и формирање на не-насилни групи.

Употребена литература:

Bharucha, Rustom. The politics of cultural practice: thinking through theatre in an age of globalization. Hanover, N.H. : University Press of New England, 2000.
Burke, Kenneth. A Grammar of Motives. Berkeley: University of California Press, 1969.
Gutting, Gary. Foucault. A Very Short Introduction. Oxford: Oxford University Press, 2005.
Hylland Eriksen, Thomas. ”Renting World Citizenship.” Said about Ibsen – by Norwegian Writers. Transl. Robert Ferguson. Oslo: Gyldendal, 2006.
Latour, Bruno. We Have Never Been Modern. Transl. Catherine Porter. Herfordshire: Harvester Wheatsheaf, 1993.
Mol, Annemarie and Law, John. „Complexities: An Introduction.” Complexities. Ed. John Law and Annemarie Mol. Durham: Duke University Press, 2002.
Pratt, Jeff. Class, Nation, and Identity. The Anthropology of Political Movements. London & Sterling, Virginia: Pluto Press, 2003.
Rajic, Ljubisa. „Ibsen-feber I Serbia.” Dagbladet – Monday, 17 juli, 2000. http://www.dagbladet.no/kultur/2000/07/17/211748.html
Rønning, Helge. Den umulige friheten. Henrik Ibsen og moderniteten. Oslo: Gyldendal, 2006.
Sahlins, Marshall. Culture in Practice. Sellected Essays. NY: Zone Books, 2000.
Serres, Michel and Latour, Bruno. Conversations on Science, Culture, and Time. Transl. Roxanne Lapidus. Ann Arbor: The University of Michigan Press, 1995.
Serres, Michel. The Natural Contract. Ann Arbor: The University of Michigan Press, 1998.
Weil, Simone. Gravity and Grace. London & NY: Ark Paperbacks, 1987.

#b
1. Dagbladet е еден од најчитаните дневни весници во Норвешка.

АвторЈасмиинка Марковска
2018-08-21T17:20:51+00:00 декември 16th, 2012|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 87|