Макромеметика

Макромеметика

Резиме
1 – Вовед и преглед
2 – Поделената западна философија
3 – Хиерархиската структура на мем-басенот и Поперовиот Свет 3
3.1 – Мем-басените и тоталниот културен апарат на општествата
4 – Културалната еволуционистичка школа во социјалната антропологија
4.1 – Еволуционистичка анализа на цивилизациите
5 – Меметиката и философијата на XX-иот век
5.1 – Мемите и прагматизмот
5.2 – Попер и еволуционистичката епистемологија
5.3 – Сосир и означувачите
5.4 – Фуко и епистемата
6 – Заклучок: Улогата на меметиката
Референци

Поперовиот хиерархиски концепт за Светот 3 води кон повисоко постулирање на фундаменталните логички искази како меметички нуклеотиди. Важно е да се истакне дека овде не сме засегнати од важноста на старите или модерните логички системи. Логиката се учи, и според тоа, е подложна на истиот селективен притисок како и сите останати меми.
За основните искази на логиката мошне беа заинтересирани англо-американските философи на преминот од веков. Бертранд Расел (1872 – 1970) и Алфред Норт Вајтхед /Alfred North Whitehead/ (1876 – 1947), творци на Principia Mathematica, opus magnum за логичките основи на математиката, сакаа да ја прошират оваа цврста база и врз целокупниот јазик. Нивното настојување познато како логички атомизам, беше насочено кон овозможување идеален јазик како основа за сите науки. Нивниот неуспех се должи на Вајтхедовото длабоко навлегување во мистицизам и Раселовото свртување кон други активности, како историјата и политичката кампања. Наспроти столченоста на Кембриџките философи, факелот на логичкиот атомизам беше преземен од младиот Австриец, Лудвиг Витгенштајн. Во неговото клучно рано дело, Tractatus Logico-Philosophicus /50/, Витгенштајн опишува логички свет, изграден од „атомски факти“ како конституенти на простите искази, кои се или вистинити или лажни. „Светот“ е тоталитет од вистинити искази. Исто така постојат и псевдо-искази благодарение на илогичката структура на човечкиот јазик. За меметистите „вистинитосната вредност“ има помала важност од неговата подложност на репликација; и изворните искази и псевдо-исказите може да се посматраат како меми.
На ова ниво на излагањето, би требало да се предупреди околу безрезервното вбројување на Витгенштајн и логичките атомисти меѓу претходниците на меметиката. Витгенштајновиот свет на искази е статичен, и моше малку зборува за промена, а камо ли за еволуција; додека мемите треба да се набљудуваат како содржински делови на еден развоен мем-басен, од кој (а ова мора да се запомни) голем дел може да е псевдо-пропозиционален. Витгенштајн (/50/, Section 6) ги третира логиката, а приори делот на науката, математиката, етиката и философијата како псевдо-пропозиционални. Интересно е што еден ран нацрт на Трактатот ја содржи фразата „музичката тема е исказ“ (Prototractatus 3.16-021, наведено кај Kenny /21/), која во конечната формулација е пропуштена; имено, Трактатот е ограничен во рамките на разгледбата за она што е или не е случај, така што го исклучува специфичниот карактер на симболичкото, етичкото или уметничкото како нешта кои не може да бидат кажани, туку само покажани, како што инсистира Витгенштајн. Сепак, меметистот може да возврати дека она што може да се покаже, може и да се пренесе, а според тоа и да се развие. Еден философ кој беше многу заинтересиран за еволуцијата на симболичкото е основачот на семиотиката, Чарлс Сандерс Пирс (1839 – 1914).

АвторДерек Гедерер
2018-08-21T17:21:48+00:00 август 1st, 2002|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 27|