Макромеметика

Макромеметика

Резиме
1 – Вовед и преглед
2 – Поделената западна философија
3 – Хиерархиската структура на мем-басенот и Поперовиот Свет 3
3.1 – Мем-басените и тоталниот културен апарат на општествата
4 – Културалната еволуционистичка школа во социјалната антропологија
4.1 – Еволуционистичка анализа на цивилизациите
5 – Меметиката и философијата на XX-иот век
5.1 – Мемите и прагматизмот
5.2 – Попер и еволуционистичката епистемологија
5.3 – Сосир и означувачите
5.4 – Фуко и епистемата
6 – Заклучок: Улогата на меметиката
Референци

Антропологијата се занимава со домородечките луѓе кои немаат пишана историја. Онаму каде што пишаните сведоштва се на располагање настапува историјата. Некои историчари зборуваат за обрасци на подем и пад на цивилизациите, кои може да се интерпретираат со меметичко-еволуционистички термини. Најистакнати претставници на овој пристап беа Освалд Шпенглер /Oswald Spengler/ (1880 – 1936) и Арнолд Тојнби /Arnold Toynbeе/ (1889 – 1976). Тојнбиевиот речник е експлицитно биолошки, со редовна употреба, понекогаш и во сосема слободен манир, на зборови како „видови“, „ген“ и „мутација“. Ако цивилизацијата се третира како голем софистициран мем-басен, тогаш слично на ген-басените на биолошките видови, цивилизациите може или да се обособуваат /speciate/ и да се развиваат директно како одговор на селекцијата, или да изумрат. Тојнби /45/ идентификува 34 цивилизации, меѓу кои 15 се издвоени како сè уште постоечки. Воочливо е дека тој во голема мера ја истакнува идеологијата како дефинирачка карактеристика, така што се наметнуваат строги паралели помеѓу неговата дефиниција на одделни цивилизации и концептот на мем-басенот. Животниот век на цивилизациите може да е краток – на пример Минојската цивилизација на Крит траела само 6 века, од 2000 г. п.н.е. до 1400 г. п.н.е. -, или да е многу долг – како цивилизацијата на Маите од Јукатан, која можеби траела околу 43 века, од 2500 г. п.н.е. до нејзиното конечно уништување од Шпанија во 1680 г. н.е. Токму како што ниеден вид не е бесмртен, изгледа дека и цивилизациите имаат ограничен животен век, после кој се исцрпуваат меметичките извори, и ако никаква „специјација“ не се случува, тогаш резултатот е изумирање. Понеочекувана екстинкција може да настане како последица на геноцидно уништување на мем-басените од страна на ривалски цивилизации.
Што се однесува до „специјацијата“ за некои цивилизации Тојнби смета дека се изведени од други. На пр., тој тврди дека од сумерската цивилизација на Еуфрат – Тигар делтата се родила вавилонската цивилизација меѓу 1700 и 1500 г. п.н.е. Вавилонската цивилизација е нагло уништена во 538 г. п.н.е. со падот на Вавилон под Мидјаните и Персијците. Сепак, мем-басенот на вавилонската цивилизација остави моќен меметички талог во форма на астрологија, кој во одреден обем преживеа до денес (и тоа голем дел од неа, на запрепастување на научниците). Поран изданок на сумерската цивилизација беше индиската цивилизација во северна Индија, која преживуваше до крајот на империјата Гупта, околу 475г. н.е. За Тојнби подоцнежната индиска цивилзација достатно се разликува од оваа, за да конструира различна цивилизација, која ја нарекува Хинду и која е сè уште жива. Според тоа, постои лимитиран континуитет помеѓу модерниот индиски мем-басен и оној на сумерските претци. Модерниот западен мем-басен се разви во Европа во Мрачното доба, но е изданок од хеленската цивилизација, која ја вклучува Римската империја, а почнува во Грција и Егејот околу 1300 г. п.н.е. Предокот на хеленската цивилизација беше минојската, која се роди на Крит околу 2000 г. п.н.е. Минојскиот мем-басен, според тоа, е нашиот последен предок.
Со оглед на тоа што станува збор за определени историски настани, специјацијата и екстинкцијата се полесни за откривање отколку насочениот развој преку селекција. Можеби високиот степен на технолошки развој во западното општество од средината на XVIII-иот век може да се види како насочена еволуција, во која селективниот притисок се економската и политичката сила, поврзани со новата технологија (Hull /20/). Друг пример може да биде прогресивната разработка на извонредно сложениот календар на Маите, во која селективниот притисок беше социјалната моќ и статус, поврзани со способноста прецизно да се предвидат еклипсите и други астрономски настани. Забележете дека селективниот притисок, утврден во овие случаи, е поврзан со ваква или онаква моќ која се натрупува во рацете на елитите (свештеници, научници), кои можат да генерираат нови меми или комбинации од меми. Ова е можеби наједноставниот, иако не и единствениот одговор. Алтернативи се предлагаат кај Бензон /3/ и во делото на американскиот философ од XIX век, Чарлс Сандерс Пирс, за кого поопширно ќе се изјасниме подолу.
Тојнбиевиот систем сугерира дека можеби имаме разумна основа да ги третираме мем-басените на ниво на видови во ген/мем аналогијата. Се разбира, може да се сомневаме во некои негови детални толкувања, а многумина би ги довеле во прашање и неговите дифузионистички тенденции (види горе), но неговата општа слика за линиите на опаѓање, изумирање и обособување е високо компатибилна со гледиштето кое ги третира мем-басените на ниво на видови. Сепак мем-басените се ретко тотално изолирани, како што беше претходно накратко споменато. Тојнби може да го гледа минојскиот мем-басен како последен предок на западот, но тука се заборава влијанието на јудаизмот, присутен во христијанството, врз средновековните меми, кои конституираат цврста компонента на западниот мем-басен. Не би можеле да најдеме биолошки еквивалент за ова екстензивно изливање на еден ентитет во друг, кои се на ниво на видови.
Останувајќи на оваа аналошка патека, би можеле да продолжиме со размислувањето дека како што е поверојатно да исчезнат малите мем-басени попрво отколку поголемите, така и помалите општества се поранливи на меметичко изумирање. Која е неопходната големина за мем-басенот да остане културно витален? Тикопија /Ticopia/, на пр., тематизарана во класичната антрополошка студија на Рејмонд Фирт /Raymond Firth/ во 1920г. (Leach /24/ р. 27), е популација од околу 1.300 поединци, кои живееја на еден атлантски остров со големина од околу три квадратни милји. Оваа популација опстојувала таму илјадници години: тотално изолиран, а сепак витален мем-басен. Единствениот контакт со европејските мисионери засекогаш го уништи. Сепак значително помали мем-басени како оној на Питкаирн /Pitcairn/ бунтовниците, или на Калифорниските Јаџи /Jahi/ (Diamond /13/, /14/), кои бројат само неколку десетини поединци – основачи, во моментов се наоѓаат во некоја форма на културно пропаѓање, кое аналогно на генетичкото оптоварување (Muller /28/), може да се нарече „меметичко оптоварување“.
Бензон /3/ презентира интересна шема за еволуцијата на цивилизациите низ четири „когнитивни степени“ на парадигматична софистикација: имено, 1 – прелитерарен; 2 – литерарен, но не-нумерички; 3 – нумерички / алгоритамски / научен; и најпосле 4 – компјутационален / информациско манипулативен. Секој од нив ја зголемува својата меметичка комплексност на сигмоиден начин пред да премине во следниот ред. Оваа анализа упатува кон мошне интересни насоки за истражување: на пример, на кој начин транзицијата од еден во друг когнитивен степен може да коренспондира на смената на парадигмите во науката (Kuhn /22/), или на социолошките феномени.
Накусо, меметиката нуди многу нови можности за анализа на цивилизациите. За модерните континентални философи примарна грижа е состојбата на модерната западна цивилизација и нејзините промени низ времето. Според тоа, во оваа точка релевантна е дискусијата за поврзаноста на меметиката со континенталната философија.

АвторДерек Гедерер
2018-08-21T17:21:48+00:00 август 1st, 2002|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 27|