Макромеметика

Макромеметика

Резиме
1 – Вовед и преглед
2 – Поделената западна философија
3 – Хиерархиската структура на мем-басенот и Поперовиот Свет 3
3.1 – Мем-басените и тоталниот културен апарат на општествата
4 – Културалната еволуционистичка школа во социјалната антропологија
4.1 – Еволуционистичка анализа на цивилизациите
5 – Меметиката и философијата на XX-иот век
5.1 – Мемите и прагматизмот
5.2 – Попер и еволуционистичката епистемологија
5.3 – Сосир и означувачите
5.4 – Фуко и епистемата
6 – Заклучок: Улогата на меметиката
Референци

Секогаш било тешко да се добие општоприфатлива дефиниција на „културата“ (види го прегледот на White (47) за историјата на контроверзата). Може да се идентификуваат две раширени насоки на мислење: оние кои веруваат дека културата е она што луѓето го мислат, прават и создаваат, и најважно од сè, ја гледаат културата како научен и повторно пренослив ентитет (Leach /24/ р.9); и такви, кои ја гледаат пред сè како напредна биолошка адаптација на околината. Вторава школа неодамна беше зајакната со подршка од социобилозите (Wilson /49/). Иако станува збор за голем спор во антропологијата, од гледна точка на меметиката можеби не е неопходно да се донесе конечна одлука во корист на некое од гледиштата. Социобиолозите ја посматраат културата како производ од селекцијата на однесувањето, но сметаат дека примарните консеквенци од неа се генетички, а само секундарно – меметички. За социобиолозите, ако погодната генетска база е веќе тука, културата, веројатно, ефикасно ќе се реплицира. На пр., социобиологот истакнува дека уверувањето според кое инцестот е непожелен случај, во крајна линија, можеби произлегува од несаканите медицински последици на оплодувањето помеѓу крвни сродници. Генетската предодреденост да се избегне инцестот (да речеме преку генетски афицирани чувства на одвратност), може да е толку високо делотворна, што нејзините носители ќе одгледуваат помалку деца од сродници, следствено поздрави деца на кои ќе ги пренесат своите гени за одбегнување на инцестот (инцест-одбегнувачки гени). Одбегнувањето на инцестот е речиси универзална (иако не сосема, на пр. во Стариот Египет – Hopkins /91/) карактеристика на човечките општества, што оди во прилог на сфаќањето дека во крајна линија се работи за адаптација со генетско потекло. Сепак, однесувањето кое резултира од одбегнувањето на инцестот, може да се третира и како мем: имено, некој може да ја научи забраната за инцест од личност која генетски го одбегнува, макар што самиот генетски не е предодреден за тоа. Мемот за одбегнување на инцестот, исто така е предмет на селекција и ќе се распространи, ако одбегнувањето на инцестот произведува поздраво потомство, кое потем самото го учи одбегнувањето инцест. Така, прашањето на учење наспроти социобиологијата се чини дека губи од својата тежина, гледано од меметичка позиција.
Обратно, налик на гените, идеите кои се неадаптивни кај поединци, сè уште може да се рашират во рамки на популациите. Мемите за одбенување на инцестот, слично на инцест-одбегнувачките гени, ја зголемуваат плодноста на своите носители, а оттука суицидните култови се очигледно високо контра-адаптивни кај поединците, кои под нивно влијание ги жртвуваат своите животи. Во секој случај, мемот на суицидниот култ може да се здобие со предност во културата во која се јавува: онаму, каде што случаите на самоубиство се под цврста контрола на културата. На пр., пилотите борци-камикази, беа опасното воено оружје во рано-модерната Јапонска култура. Масовното убиство во Гвајана на Џејмс Џоунс /James Jones/, од друга страна, беше уникатен настан кој ја елиминираше целокупната култура, во која се случи. Генетската предиспозиција за самоубиство може да постои (веројатно поврзана со некоја генетска форма на депресивна болест), но суицидалното поведение може, исто така, и да се научи по пат на индоктринација. Според тоа, и адаптивното и неадаптивното поведение може да се разгледуваат како селектибилни меми, без оглед дали имаат или немаат генетска основа. Сè до неодамна, генетиката, исто така, беше традиционално фокусирана врз поединецот како единица на селекцијата. Привлечноста на меметиката, делумно произлегува од нејзината компатибилност со гено-центричните модели на селекција (Dawkins /9/, Williams /48/). Сосредоточувањето врз распространувањето на мемите допушта објаснување на поведенијата, кои се неадаптивни кај поединецот.
Накратко, традиционалната поделба помеѓу културата-како-пренесена-информација и културата-како-напредната-адаптација и не е така сериозна, ако пренесената информација е воедно и предмет на селекција. Природното версус одгледуваното е дебата од минатото, која генерално се потпира врз претпоставката дека само природата е предмет на дарвинистичката селекција. Одгледуваното, т.е. пренесената информација, генерално беше набљудувана како независна од надворешни сили, како чист продукт на човековото празноверие и/или рационалност, или алтернативно, како предмет на дијалектика од хегелијански или марксистички тип. Според тоа, предлагајќи стриктно дарвинистичка обработка за негуваното, меметиката ја доведува во прашање поделбата помеѓу средината и биологијата, со оглед на тоа што обете се развиваат под истата динамика.
Мем-басените може да егзистираат во изолација илјадници години, каков што беше случајот со домородечките народи на планетава пред да започне европејската експанзија во доцниот XV-ти век. Како што илустрираше Бензон (3), изолацијата на малите миграциони групи луѓе би резултирала и со генетска и со културна дивергенција преку обете: и генетичко/меметичкото препуштање на околностите и селективното прилагодување на локалните услови. Како што Земјата стана понаселена, изолираните мем-басени повторно стапија во контакт. Кога Кристофер Колумбо зачекори на брегот на островот Ватлинг /Watling Island/ во 1492, беше воспоставен контакт помеѓу два мем-басени, чиј најблизок заеднички предок живеел најмалку пред некои 12.000 години во минатото. Од контактот на претходно изолираните мем-басени може да произлезат нови, или пак едниот мем-басен може практично да го порази и депласира другиот како што беше случај со пост-Колумбовата Америка. За „модернизацијата“ т.е. за последиците од културниот контакт, обично, помеѓу домородечкото општество и западната колонизирачка сила (Beattie /2/ р. 241) се превземаа мноштво антрополошки истражувања. Ако меметиката треба да придонесе кон проучувањето на општеството во целина, важно е да се процени во колкав обем може на дело се посматрааат меметичките феномени на ниво на мем-басен. Веројатно ова не е лесна задача: макроеволуцијата е сè уште најпредизвикувачкиот проблем во биолошката еволуционистичка теорија, а тој се влошува со фактот дека макроеволуционистите се ограничени повеќе на посматрање, отколку на експериментирање (Stanley /44/). Среќна околност за божемната (т.н.) „макромеметика“ е што многу проучувања веќе беа посветени на еволуцијата на културите како целини. За жал пак, доста од таа работа е веќе застарена, и на некој начин неупотреблива. Во секој случај, преиспитувањето од меметичка гледна точка е пожелно.

АвторДерек Гедерер
2018-08-21T17:21:48+00:00 август 1st, 2002|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 27|