МАГИЈАТА НА РАСКАЖУВАЊЕТО

/, Литература, Блесок бр. 126 - 127/МАГИЈАТА НА РАСКАЖУВАЊЕТО

МАГИЈАТА НА РАСКАЖУВАЊЕТО

Скица за портрет

Влада Урошевиќ е вистински класик во македонската литература, според грандиозноста на опусот или широчината на творечкиот зафат, но и според атрактивноста и заводливоста на писмото кое секогаш одново и одново повикува на читателска/толкувачка авантура и нуди (не)повторлива и (не)предвидлива возбуда и задоволство. Една од најоригиналните и најмаркантни фигури во современата македонска литература. Во книжевниот Пантеон влегува како поет со стихозбирката Еден друг град (1959), а во досегашното шестдецениско перманентно присуство на македонската книжевна сцена, освен како поет, Урошевиќ, со еднаков успех, се остварува и како: романсиер, раскажувач, препејувач, антологичар, патописец, есеист, книжевен и ликовен критичар. Пред неколку години (2013), се претстави и со самостојна изложба на дигитални колажи под наслов „Laterna magica“.

Во доменот на раскажувачката уметност, Влада Урошевиќ важи за „прозаист со интелектуален нерв, широка информираност и култивиран израз и стил“ (Милан Ѓурчинов), за „автентичен мајстор на фантастичниот расказ“ (Бранимир Донат) и за „еден од најумешните ‘приказничари’ во македонската литература“ (Владимир Јанковски). Уште од објавата на првите раскази во почетокот на 60-тите години на минатиот век, Урошевиќ ќе биде детектиран од нашата критика како нетипична фигура во македонскиот раскажувачки универзум, веројатно затоа што неговиот наратив е многу повеќе во дослух со наследството на европските книжевни (уметнички) тенденции, отколку со актуелните национални констелации. Со други зборови, Урошевиќ е еден космополитски, а не роднокраен автор во нашата литература. Етикетиран како „enfant terrible“ на модернизмот, во една пригода, говорејќи за својата пасија кон надреализмот, самиот изјавува: „Бев незадоволен со сето она што се објавуваше како литература во тоа време. (…) Барав нешто послободно, подлабоко, потаинствено“ 1. Денес, звучи по малку како куриозитет фактот дека неговата прва книга раскази – Знаци – е одбиена од македонските издавачи и првично е објавена на српски јазик (1963)! Неколку години подоцна, по успешната рецепција од страна на критиката во некогашната југословенска заедница, збирката го добива и своето македонско издание.

И така Урошевиќ започнува да ја трасира траекторијата на својот автентичен раскажувачки дискурс. Може да се рече дека трите основни постулати на живеењето/творењето, клучни за неговиот писателски профил во целина, се: слободата на имагинацијата, верувањето во чудото и правото на игра . Слободата на имагинацијата имплицира антимиметичност и непотчинување на законите на логиката и правилата на догматскиот реализам; верувањето во чудото е нешто што нашиот автор не го врзува исклучиво за творечкиот чин, туку го прокламира како животен став; а правото на игра2 не значи дека уметноста не проговорува за некои суштински нешта, туку дека необврзноста, десакрализацијата, хуморот, комбинаториката, алеаторноста, нарушувањето на канонизираните ограничувачки правила…, се елементи што ја спасуваат уметноста од претворање во инструмент кој треба да служи, пред сѐ, за педагошки, патриотски, идеолошки и утилитарни цели. Уметничкиот порив кон споменатата тријада е видлив и во неговата најнова прозна книга – Вишнов ликер.

Вишнов ликер е авторски избор од досега објавените пет збирки раскази на Влада Урошевиќ: Знаци (1963 г. на српски, 1969 г. – на македонски јазик), Ноќниот пајтон (1972), Лов на еднорози (1983), Седмата страна на коцката (2010) и Тајна мисија (2013). Во изборот е вклучен и расказот „Тајната на скопската Саат-кула“ објавен во списанието Манускрипт (МАНУ, бр. 1-2, 2015). Изборот содржи вкупно педесет раскази и тој е илустративен за типолошките константи и стилските иновации на авторот; за неговиот перманентен интерес за чудесното и фантастичното, необичното и необјаснивото; за довербата во сонот и мистеријата; за фасцинацијата од т.н. „раскази на атмосфера“ и од магијата на надреалното; за подготвеноста да се експериментира со наративните постапки и со некои нови обрасци и техники итн. Од денешна перспектива, старо-новите раскази на Урошевиќ, поставени во еден нов контекст, во една нова книга-свет, упатуваат и на развојната линија во неговиот раскажувачки опус: од комбинаторичкиот модел на поетскиот и прозниот дискурс (Знаци), преку моделот на фантастичниот расказ кој промовира една потрадиционална, класична нарација, сѐ до борхесовски интонираната (постмодернистичка) мистификација на стварноста преку моделот на „пронајдениот ракопис“ или моделот на „изместени светови“.

Градина со патеки што се разгрануваат

1. Наративни прошетки

„Оној што ја раскажува приказната е нејзин господар.“
(Стара турска поговорка)

Влада Урошевиќ важи за автор кој умее да раскажува приказни; кај него, сѐ е во функција на приказната! Приказната што лежи во основата на раскажувањето се одликува со едно суптилно, неопределено и неизречливо волшепство, на кое еднакво му подлегнува и оној што ја создава приказната, и оној што ја чита/толкува. Но дали раскажувачот господари со приказната или, пак, приказната господари со оној што ја раскажува?! Соочен со оваа дилема во врска со демијуршката улога на раскажувачот како творец и сопственик на световите што ги креира преку нарацијата, Урошевиќ признава дека „самото раскажување знае да завлече таму каде што не сте мислеле да одите“; „приказната почнува да се менува сама од себе, почнува да добива своја сопствена логика и постоење“ 3.


Влада Урошевиќ: „Скафандри и саркофази, созвучја“. Разгледи, год. ХХХ, бр. 2-3, февруари-март 1988, стр. 249 (тематски број: В. Урошевиќ).
Vlada UroševićVladimir Jankovski, „Sloboda imaginacije, verovanje u čudo, prаvo na igru.“ Sarajevske sveske br. 49-50, 2016.
3 Владимир Јанковски, Огледало на загатката (разговори со Влада Урошевиќ). Скопје, Сигмапрес, 2003, стр. 101

АвторЛидија Капушевска-Дракулевска
2019-08-06T13:00:07+00:00 јули 31st, 2019|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 126 - 127|