Компаративна книжевност, светска книжевност и етичка книжевна критика. Книжевната „инфра-другост“

/, Литература, Блесок бр. 112/Компаративна книжевност, светска книжевност и етичка книжевна критика. Книжевната „инфра-другост“

Компаративна книжевност, светска книжевност и етичка книжевна критика. Книжевната „инфра-другост“

Дали етичката книжевна критика е (единствената) праведна и точна?
民歌
RAHVALAUL
Народна песна


Градењето на аксиологија во која се присутни духовните вредности, тешко може да се постигне без етика. Широкиот спектар од аксиологија и етика, се чини дека има вродена врска со онтологијата на „себност“ и „другост“ и со неопходната потреба од еден вид на дијалог или основно разбирање меѓу двете. Идеално, тоа би го подразбирало „себноста“ да ја признае „другоста“ како поинаква „себност“, а традиционално „другоста“ да развие свест дека е „себност“.

Историјата на постоечкиот канон на СК нуди огромни можности да се разговара за поврзаноста помеѓу „себноста“ и „другоста“. Сосема сигурно би можело да се шпекулира и објаснува за различните „себносту“ и за различните „другости“. Така, Франческо Петрарка во својот трактат Secretum (средина на 14. век), напишан во форма на интензивна расправа помеѓу Франческо и Августин, го разоткрива конфликот на своето внатрешно „јас“, кое истовремено било управувано од Божја љубов и љубов кон млада земна благородничка. Мишел де Монтењ во своите есеи напишани во последната фаза на европската ренесанса елоквентно покажа дека човековото „јас“, базирано на разумот, не е конечно, бидејќи се менува под влијание на различни околности и во основа зависи од навиките и традициите на различни места и во различни временски периоди. Балтазар Грацијан во својата збирка на филозофски минијатури Oráculo manual y arte de prudencia (средина на 17 век или зрелиот европски барок) – до извонреден психолошки детаљ разоткри различни машки размислувања кои доведуваат до силно ривалство, а ова е нешто од секогаш било присутно во светот на политиката, било тоа западна или источна, мината и сегашна. И така натаму.
Сепак, мојата цел е да се фокусирам на односот меѓу „себноста“ и „другоста“ во најрадикалната смисла, во која првото („себноста“) се јавува како историски дериват од претежно машко расудување, што ги претставува политичко-економските воени структури на моќ, потпирајќи се во голема мера на напредокот на науката и технологијата, додека второто („другоста”) ја претставува генеричката другост (женскиот пол), етничко-лингвистичката „другост” (периферните и малцинските народи и народности во светот), како и расно или социјално обесправениот и лишен „другости”. Заедничката карактеристика на оваа традиционална„другост” со сите свои подвидови е тоа што тој не бил способено или немал волја да се прилагоди на историскиот „напредок” предвиден, и пред се испланиран од страна на западните центри на моќ. Напротив, наместо тоа, „другоста” е сојузник на природата во отпорот против оној „напредок” во чија суштина е да ја уништи основата на живот на земјата во име на целите за надмоќ и материјалистичка алчност.

Променливата и постојано присутна „другост“ на книжевното творештво во минатото и сегашноста

Многу работи се имаат променето во светот од времето кога било норма да се понижува „другиот“. Западните центри, со своите писатели, филозофи, интелектуалци и културолошки креативни луѓе на фронтот, имаат придонесено за болниот, но постепено сè пораспространет процес на демократизација. Да дадам неколку примери од (културолошката) историја на Естонија, мојата родна земја, една малцинска и периферна нација пар екселанс.

Таткото на Кристијан Јаак Петерсон (1801-1822), кого во Естонија го славиме како првиот автохтон поет од големо значење, за среќа успеал да избега од крепосништвото за кое нашите предци биле оковани долги векови од страна на балтичко-германските земјопоседници, со благослов и одобрение на руското царство. Па така, Петерсон израснал во првата генерација на Естонци ослободени од крепосништвото. Тој бил меѓу првите автохтони студенти на универзитетот во Тарту, притоа истакнувајќи се во лингвистика, филозофија и поезија. Во текот на својот неправедно краток животен век, тој успеал да објави само плодови од неговите лингвистички истражувања. Неговата поезија почнала да се издава постхумно сто години од неговото раѓање. За првпат била собрана во една книга во 1922 година, на стогодишнината од смртта на Петерсон.

Иако задоцнет и непоправливо отсутен од „западниот канон“, сега, на почетокот на 21 век, сфативме дека всушност Петерсон бил претходник на Волт Витман, бидејќи својата поезија ја пишувал исклучиво без рима на крајот, односно, во слободен стих. Тој пророчки ја бранел разновидноста на културата како продолжеток на разновидноста на природата и ја фалел убавината и поетскиот капацитет на својот мајчин естонски јазик. Во своите пасторални оди и еклоги тој прикажал пријателство и љубов кај обични естонски момчиња и девојчиња овчарчиња, кои ги надминуваат половите граници и табуа (Undusk 2012: 11-29, 103-122, Talvet 2015: 7-22).

Друг пример на книжевно творештво со слично морално јадро, како што може да се најде во делата на основачите на естонската народна книжевност, K.J. Петерсон, Ф. Р. Кројцвалд, – можеби и изненадувачки – е од Кина, од времето кое на западот, по налог на тамошните центри, било наречено „постмодерно” (од 1980-те до почетокот на 21. век). Инспирирано е од мојот неодамнешен естонски превод на избор поезија од Џиди Маџиа (роден 1961 година, неговата прва антологија се појавила во 1992 година, а до денес поезијата му е преведена на голем број западни јазици, вклучувајќи и два извадока во превод на англиски: Време (Time, 2006), во превод на Јанг Зонгже, и Сенката на нашиот планински венец (Shade of Our Mountain Range, 2014), во превод на Денис Мер (Џиди Маџиа 2006, 2014).

АвторЈури Талвет
2018-12-13T11:24:21+00:00 март 22nd, 2017|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 112|