Компаративна книжевност, светска книжевност и етичка книжевна критика. Книжевната „инфра-другост“

/, Литература, Блесок бр. 112/Компаративна книжевност, светска книжевност и етичка книжевна критика. Книжевната „инфра-другост“

Компаративна книжевност, светска книжевност и етичка книжевна критика. Книжевната „инфра-другост“

Дали етичката книжевна критика е (единствената) праведна и точна?
民歌
RAHVALAUL
Народна песна


Како што се развивале и триумфирале природните и технолошките науки, кои предизвикувале чудесни промени во општеството наречени „напредок на цивилизацијата“, истиот принцип на објективност почна сè повеќе да се користи и во хуманистичките науки, вклучувајќи ја и историјата, како и историјата на книжевноста.

Меѓутоа, препреката во постигнувањето видлив напредок при овој потфат била тоа што предметот на истражување кај хуманистичките науки бил бунтовен, променлив, жесток и воопшто не бил физички и математички мерлив. Ова барем делумно го објаснува неуспехот на структурализмот на дваесеттиот век. Тој не можел да се справи со живиот и променлив предмет. Шемите, моделите и структурите изградени и обликувани од структуралистите биле добри, но најоргиналниот дел од книжевното творештво речиси секогаш успевал да го избегне нивниот дофат со помош на индивидуалноста, субјективноста и карактерот.

Заблудата подоцна била одразена во пост-структурализмот. Воведен во 1980-те, тој можеби сѐ уште има некое влијание, меѓутоа првичниот шарм, се чини, брзо исчезнува. Според мене, неговите нихилистичко-теоретски семиња се спротивни на природата на самото примарно книжевно творење. Постмодерната теорија очигледно ја потценила улогата и функцијата на книжевноста во општеството и во нашите индивидуални животи. Па така, едно од тврдењата на постмодернизмот било дека естетски возвишените и филозофски стремежи на модернистичките писатели биле старомодни и дека книжевноста не може да се стреми кон повеќе од пренапишување на веќе претходно постоечки текстови во парадигмата на интертекстуалноста. На книжевноста се гледало како на уште еден производ на економскиот пазар насочен кон профит. Згора на тоа, се тврдело дека авторите или писателите не биле способни да ја проценат вистинската вредност на својата работа, бидејќи вредноста всушност била создадена од страна на метатекстуалниот теоретски вид на критика, а не од самите автори.

Па така, имало видлив обид да се совлада примарното книжевно творештво и да се принуди покорно да ги следи теоретските правила и сигнали што ги поставиле академските установи во Париз и САД, а кои потоа се рашириле од страна на бројни експерти во централните и периферните области. Етичките и моралните категории ретко влегувале во тоа кралство; тие се сметале за наивни, инфериорни, па дури и за целосно несоодветни за интелектуално и теоретско расудување.

За разлика од лингвистичко-реторичката линија, социолошкиот тренд (оттука и постколонијалните теории, родовите студии) навистина обрнал внимание на етичките прашања, меѓутоа неговиот опфат бил ограничен главно на надворешните контури на книжевното творештво. Индивидуалноста, а особено естетската димензија на креативниот чин често била свесно занемарувана.

Предизвикот да се пополнат аксиолошките етички празнини и „другоста“

Според горенаведеното, мојот заклучок е дека во денешниов свет полн со бескрајни насилства, војни, економски и еколошки кризи, постои очигледна празнина во општествената и во приватната аксиологија. Празнината пред сè станува видлива во хуманистичките науки, во споредба со континуитетот од примарно книжевно творештво низ светот, кој со повеќе или помалку среќа се стреми кон новина (оригиналност) на изразување и слики. Постои континуитет и во тоа што со разгледување на основните аксиолошки односи и ставови на скоро секое исклучително книжевно дело на денешницата и на неодамнешното минато, се открива неговото цврсто етичко или морално јадро.

Спротивно на овој континуитет во примарното книжевно творештво, книжевните и културни теории во знакот на постмодернизмот во голема мера не успеаја да исполнат една од главните функции и задачи: да ги објаснат аксиологијата и моралната духовна димензија на книжевните дела. Наместо тоа, научниците најмногу си ја трошат енергијата на разгледување на различните формални аспекти во делата на популарната и тривијалната книжевност, навидум обидуваајќи се да нè убедат дека високите цели на книжевното творештво се застарени.

АвторЈури Талвет
2018-12-13T11:24:21+00:00 март 22nd, 2017|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 112|