Коленич и неговите инспирации

/, Литература, Блесок бр. 74/Коленич и неговите инспирации

Коленич и неговите инспирации

Пред неколку години ми побараа да преведам извадок од новиот роман на Иван Коленич, Daj zbohom básneniu или Збогувај се со поезијата. Веднаш сфатив дека си имам работа со едно посебно книжевно суштество познато како Проколнатиот поет. Како архетип, во земјите од англиско говорно подрачје Проколнатиот поет е еден од најпознатите поети. Најголемиот поетски собир што некогаш сум го видел се одржа во главната сала од Даблинското кралско здружение, огромен аудиториум што инаку се користи за конференции на поголемите политички партии, концерти на Тина Тарнер и слично; во оваа прилика беше натискан до вратите за поетско читање од страна на Најпроколнатиот Американец Ален Гинзберг. Парадоксално е што, иако Проколнатиот поет го презира конвенционалното општество, конвенционалното општество, кое инаку презира поезија, му оддава на Проколнатиот поет нешто налик на почит. Во некоја мера му го признава повикот. Како божем да го претставува општеството, јавно се опива до бессознание, зема необични дроги, има скандалозни врски, живее на раб на лудило, трпи неиздржливи болки и на крајот белки ќе го набере цвеќето на неговите зла, поезијата. Угледното општество барем покажува интерес. Најпосле може и ќе биде и благодарно – со исклучок на оние угледни луѓе кои се во роднинска врска со Проколнатиот поет.
Но каков ум има овој Проколнат поет? Има ли смисла за хумор? Ако има, каква е? Се води постојана дискусија дали овие поети воопшто знаат за шега. Голем број читатели мислат дека не знаат – не ни можат бидејќи премногу сериозно си ја сфаќаат задачата. Во некои поединечни случаи докази има во изобилие. Ако го земеме Гинзберг за пример, би се согласил дека хуморот не му е јаката страна.
Но Коленич го воскреснува Проколнатиот поет со неочекуван хумор, како и со креативна енергија. Уште на самиот почеток Коленич му ја дава совршената девојка која само сака да добие свој удел во поетското страдање: Ми рече дека ме сака како стихоклепално нешто, како нешто со огромна рунтава опашка, како нешто апсурдно прекрасно и истовремено безнадежно примитивно, старомодно, праисториско; те сакам како најизвонредно стиховно нешто, ќе прошепотеше Кларика низ усните завиени во бакнеж пред сите да заспијат и ништожноста да ја облее земјата, дотогаш бескрајна, те сакам како поетска тема, како јато живи честички, како толпа непоправливи уличарки… додека не беа уште сите заспани Кларика беше во свој елемент, бладаше кон синото небо како прецртана совест, го плукаше сладоледот по шутраци и паѓаше од смеење, правеше стој-на-раце и ѕвезди, ја слекуваше маицата на градски плоштади, им ги корнеше срцата на старци, беше прекрасна и раскошна, сонуваше со отворени очи за прогласување на владеење на лудоста, потоа веднаш ќе преминеше на мрачни и злокобни пцости – задевки за смртта, изобилие од живот!
Коленич започнува со значителна мера самодоверба; самоволно, дури и арогантно ризикува. Во напливот лирски асоцијации на страната едвај да има место за две точки, не се плаши да вметне банално ситно речениче во брзакот и намерно да предизвика комичен антиклимакс. На пример, кога приказната наеднаш од Кларика се префрла на поетот:
… кога доаѓаше автобускиот кондуктер, тискаше запалени цигари во џебовите, џиткаше подвиткани банкноти, смело повлекуваше од шишето како пијаничиште, купуваше четврт литар вотка и го истураше во занеси од чувства зад јаката, ќе ме зграпчеше силно за рака додека не останев без здив и ќе ми шепотеше дека ме сака, дека ме сака до пропаст… те сакам, поету мој, прекрасно е со тебе, со тебе сè е љубов и ужасно страдање!
Погоди во центарот. Оти поетот е необјасниво таинствено суштество, суптилно скриено, поетот е битие без време и место, богохулни ангели му лутаат низ жилите и се шират сè до неговите ѓаволски копита, па поетот е изрод на созданието, ексцентричен, нестереотипен, етеричен, астрофизички, измачен лик, во себе крие аскер од мака и ужасна болка кои постојано експлодираат во него како летни бури, а истовремено испраќа во светот полкови бескрајна радост, поетот е презрен, поплукан, закопан подземи, претворен во светец, исечкан на парченца, омразен и сакан, мрази и сака, оф! како само сака поетот…

Тоа е доволно за да се стекне осет. Според мене ова е успешен јазичен експеримент и интересна оригинална варијација на старата тема за Проколнатиот поет. Требаше да ги преведам првите десет страници и ги преведов, со ужасно преведувачко страдание зашто Коленич има неверојатно широк речник од високиот и нискиот словачки регистар. А потоа отидов да ја купам книгата. Едвај чекав да го прочитам и остатокот. Ме интересираше и дали може да го одржи темпово докрај.

АвторЏон Мојнахан
2018-08-21T17:21:01+00:00 септември 8th, 2010|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 74|