Казанот наречен Скопје

/, Литература, Блесок бр. 33/Казанот наречен Скопје

Казанот наречен Скопје

Царство на носталгичарите
Град подигнат – во творбите
Граѓанинот наречен (стар) Скопјанец
Котел одново

#5 Скопје од онаа страна на 1963-та го има тоа својство во доживувањата да биде пресоздадено на најразлични начини. Веќе според особеноста и силата на носталгичарскиот копнеж.
Во својот роман „Вкусот на праските“ Влада Урошевиќ оној Град го доживува како чудесна, лека и прозрачна слика, создаден од лежерните превези на светлините, од еуфоријата на младешките ошумоглавености, од играта на сончевите зраци, од прозрачните слики на летно растреперениот воздух и од вкусови на драмската изненада на земјотресот. Во неговите „Скопски раскази“ Скопје и пред, и непосредно по земјотресот секогаш наново е еден сиреалистички град. На оној начин на кој за Димитар Солев е една модернистички раскажана, но реалистичка, интимистичка структура. Но и простор што крие необичност, во човечки судбини, чуда и тајни, како за Славко Јаневски од неговиот опсежен, ран и можеби најдоживеан, прозен скопски циклус, така и за Гого Ивановски и неговата меланхолична „Улица што била живот“, за Иван Точко во неговата интимистичка лирско-модернистичка прозна збирка „Премиера“…
Овој град е повод за поземјотресни морално-психолошки судири во „Парадоксот на Диоген“ или за травматични катарзи и лирски навраќања во „Куќа на четири ветра“ од Томе Арсовски. Скопје е разурнат сон во поезијата на Матеја Матевски, простор што пласти историски сеќавања во поетските, но и необичен и особен општествен центар во прозните доживувања на „Дневникот по многу години“ излезен од сеќавањата на Блаже Конески. Тоа е град што има сила неуморно да присвојува „Скопјани“, во истоимената збирка на Гане Тодоровски, метафизички паметник на столетните пластови во поезијата на Михаил Ренџов.
Горан Стефановски во својата драмска носталгија „Лонг плеј“ го доживува како град распнат помеѓу можностите на едно скудно штотуку отворено општество и желбите и фантазиите на една младост од ерата на „Битлси“, „Стоунси“, Хендрикс, Дилан и Том Џонс. Неодамна, во еден од „Личните ставови за Скопје“, Горановиот стрико театарскиот ветеран Ристе Стефановски ја излеа својата болка, по изгубената река на детството: „И сега ме влече Вардар – пишува тој – Понекогаш, и денес се нурнувам само да му ја почуствувам свежината на водата…“. Иако два пати во иста река не се влегува. Иако ова е некоја друга река.Таа потсетува на о н а а, на реката што ја нема. И на Хераклитовската судбина на едно време. И на Хераклитовската сушност на еден град.
#6 Скопје е чувар на топлите доживувања во префинета проза на „осамениот шетач“ по неговото минато, писателот и хроничар Данило Коцевски, потоа драг роден крај и простор на модернистички индивидуални преплетувања во прозата на Благоја Иванов, чудно место на севозможни пост-модерни тонирани еротички среќавања во прозните доживувања на Александар Прокопиев, сеќавање на недоживеаноста, а копнеено Скопје во прозните и поетските записи на помладиот етно-рокер и писател Сашо Гигов-Гиш, дури – ете – и една жива болна, социјална, драмска емигрантска метафоричка асоцијација на напуштениот Егеј во „Ние зад насипот“ на писателите по потекло од Егејска Македонија, Ташко Георгиевски или во „Дрвените мостови на Скопје“ на Иван Чаповски…
Да не зборувам за пастелните ликовни претстави на едно меланхолично некогашно Скопје создадено од македонските сликари ветерани Пандилов и Белогаски, темпераментноста на милјето, колоритноста на ликовите и мотивите од левата страна на Вардар избликнати од експресивните палети на Никола Мартиноски и Томо Владимирски, па и на поземјотресни сликари на сценографијата на она Скопје на платната на Бранко Костовски и Митрев, кои веќе исчезнатиот некогашен Град продолжуваа да го сликаат користејќи мотиви од старите фотографии и од – сеќавањата.
Со еден збор, она едно она исто исчезнато Скопје, е едно јадро што се пресоздава во делата, и еднаш е простор што добива децидирано автентични човечки, друг пат историски, некогаш вонвремени, еднаш маалски, често космополитски, напати сентиментални, дури национални, својства и значења. Скопје е еден мит, една трансцеденција, една имагинарна творба што секогаш ќе личи на оној што неа ја имагинира.
Конечно, Тоа е сонуван простор. И од моите сништа, што се појавуваа непрекинато, во едно необично, променливо, претопувачко, колективно, прозно сеќавање како во мојата збирка раскази „Пеперутка на детството“, па во сценаристичките „Скопски сновиденија“ или како трансендентен простор на сентиментот во кој заблеснуваат поранешните искри, како ова лето, во моите театарски „Светулки во ноќта“ во која исчезна некогашниот град.

2018-08-21T17:21:40+00:00 август 1st, 2003|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 33|