Казанот наречен Скопје

/, Литература, Блесок бр. 33/Казанот наречен Скопје

Казанот наречен Скопје

Царство на носталгичарите
Град подигнат – во творбите
Граѓанинот наречен (стар) Скопјанец
Котел одново

#2 Ако само малку се задлабочи, како една од „најскопските“ категории, човек нужно ќе ги најде неговите романтичари, неговите мечтатели, неговите копнежливци, луѓето што и припаѓаат на големата скопска заедница на носталгичарите. „Ништо чудно“, ќе си рече скептикот, зашто носталгијата е неодменливиот декор на градовите, идеологијата на локал – патриотските традиционалисти, дури нужната поза, што старите градски шмекери кафеански и козерски, секогаш одново, умеат да одмеруваат во фина, продуховена доза… И ќе згреши! Затоа што носталгијата на скопските мечтатели е особена. Таа има често духовни и често персонални својства. Таа е од сосем нематеријален состав, зашто урбаната супстанција (што би ја поддржувала), едноставно престана да постои.
Кога Белграѓанецот носталгично мечтае за својот град, тој има конкретен повод и материјална инспирација во задржаните зданија и градби, чии што силуети – увеличано – го допираат имено со реалните градски обриси, паѓајки врз него во вид на тешки сецесиски сенки. Парижанецот, покрај нив, ја има и поддршката на севозможната литература. За Римјаните градбите и легендата за Вечниот град се допираат со погледот, а Атињанецот, кон сето тоа, речиси на очиглед го има уште и темелот на западниот дух и историја, потпрен на дорските колонади на сè уште постојниот Акропол и на непресушната сила на – митот…
#3 „Стариот Скопјанец“, за разлика од нив, својот носталгички копнежлив материјал го црпе од личните и колективните – спомени. Брчкајќи во сеќавањата. Тој не живее ни во вечен, а веќе, ни во долготраен град. Веќе три децении тој живее главно во еден изгубен град. За разлика од другите светски граѓани, скопјанецот својот град – го мечтае. А никако го нема.
На 26 јули пред 35 години, во земјотресна стихија исчезна Скопје создадено како град на еден потраен континуитет. По тој ден, започна историјата на еден поинаков град. На севозможен урбан(истички) дисконтинуитет. Кога пред пет години го пишував сценариото за мултимедијалната посвета на Скопје што ја насловив „Мементо за еден Град“, од главата не ми излегуваше една единствена реченица од (расказот „Древниот мост на детството“) на Димитар Солев: „Не ни сонуваш дека, иако во ист, ќе живееш во друг град.“. Тоа е темелната, онтолошка реченица на Скопје. Режисерот Димитрие Османли ја мултиплицираше и во актерските сценски искази и на видео – бимот за кој ги беше премонтирал секвенците од своите бројни (играни, документаристички, TV, репортажни) филмски посвети на Скопје, а неа ја прифати целата екипа составена од разнородните скопски носталгичари: и примадоните Љупка Апостолова и Милица Стојанова, и џезерите од нашата втора генерација Бранџолица и Александар Џамбазов, и рокерите од двете генерации, од историскиот бенд „Bis Bez“ и од младиот актерски круг, Ѓорѓи Јолевски, Сашо Микиќ и Магдалена Ризова, и сценографот Љубомир Чадиковски и протагонистот Ванчо Петрушевски, и актерите Емил Рубен и Славица Ковачевиќ-Јовановска… секој од нив на свој начин.Скопски. Секој од нив носејќи сеќавања за о н о ј Град. За исчезнатото Скопје пред 1963-та.
#4 На пробите на оваа сценска посвета на травматичните сеќавања за исчезнатиот град, поттикнати од документарниот материјал што неумоливо не соочуваше со една веќе непостојна, бивша реалност која се случуваше, течејќи на големите видео-бимови и проекциони платна, сите тие создаваа еден паралелен скопски „Мементо“ – во новите доживувања на севкупниот материјал, но и во сопствените бројни разговори. Зашто, како и сите скопјани од оној град, на јаве заживеаа во друг, полу-град. Тој расчекор помеѓу двата града од истиот простор, силно го доживуваа и најмладите од оваа екипа. Тоа е најважниот тренд што денес ни се слушува; едно препознавање, една драмска и суштествена урбана анагнореза: меѓу младите граѓани и вистинскиот Град. Едно сеќавање на непознатиот простор, еден мементо на недоживеаното, а свое Скопје!…
Таа богата и силна индивидуална енергија што ја зрачи изгубениот град, впрочем, и до сега се враќала на најразлични начини во вид на сеќавања, на лирски трепети, и на трепетливи посвети…

2018-08-21T17:21:40+00:00 август 1st, 2003|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 33|