Интернет на дело

/, Блесок бр. 01, Литература/Интернет на дело

Интернет на дело

Познато е колку Борхес влијаел врз поетичките ставови на пост-модерните книжевни теоретичари, а од друга страна евидентно е дека водечките, особено француски, пост-модерни мислители се широко прифатени на американските универзитети (со препознатливиот американски вишок на ентузијазам). Преку Интернет, пак, користењето на терминот постмодернизам влегува во глобална (условно, светска) употреба, со изразено зголемена можност за информирање кај просечниот корисник1F. Да се дискутира за пост-модернизмот станува природно и меѓу ткн. лаици, кои сосем слободно ги користат термините интертекстуалност, маргина, пачворк, набор, цитат… еден малечок арсенал за основно образование на постмодернизмот. Промената на вкусот, и така карактеристична за ХХ век (што Xило Дорфлес убедливо го покажува врз примерот на рецепцијата на модерната уметност2F), станува кон крајот на вториот милениум уште поконфузна. Од една страна е книжевната теорија, сè повлијателна и посамодоволна, со својот мета-јазик кој освен што има намера, и тоа на необврзан начин, да биде категоријален, постојано е склон да натрпува нови појмови, од друга, пак, се конзументите на литературата, читателите, кои и покрај завршените „прво и второ одделение“ на постмодернизмот, многу повеќе уживаат во голтање на освестувачките“ дела на Куељо, Мандино, Пек и особено – во гледање филмови.
Визуелната комуникација станува најпрактикуван и најексплоатиран дел на современата масовна култура. Конзумирањето на филмови, ТВ дневници, серии, спотови, политички, спортски, или музички спектакли, речиси секогаш миксирани со технолкошко пристојно спакувани реклами, е секојдневна навика на „просечниот“ гледач пред ТВ приемникот. Често е анализиран односот на тој гледач со ткн. „сапунска опера“, неговото соживување со главните личности на овие долготрајни предвидливи ТВ приказни. „Јунакот, на некој начин, е бесмртен… Тој е продолжено сега, односно ништо, тиква без корен. Од причина што ништо не му се случува (есенција), може да му се случи сешто (егзистенција). Често, во некоја серија, се случува, јунакот да биде убиен по неколку пати.
Дури и тогаш, кога, само во долни алишта, тој паѓа од авион во лет, не треба да се грижиме за него. Зашто тој сигурно ќе се врати веќе во следното продолжение, каде ќе прикажат како го застерлуваат некои лоши момчиња, по сè изгледа меѓународни терористи од лева провиниенција“3F. Фабулативната бесмисленост на „сапунската опера“ се покрива со нејзината комерцијалност, што се мери и по бројноста на снимените епизоди, а гледаноста, поткрепена со исто така бесмислени приказни „од животот“ на главните актери, со адекватната медиумска поткрепа, станува вистински и единствен адут за брза заработувачка.
Интересно е како филмот се снаоѓа пред ТВ експанзијата, освен што евидентно обилно ги пополнува ТВ програмите (најчесто преку бројни репризи).
Комерцијализацијата на филмот како да е поврзана со истакнувањето на технолошкитге квалитети. Најновиот американски, а под негово влијание и дел од европскиот филм, ги конзумира новите визуелни технологии (видео – игрите, Интернет), а наспроти тоа, ја стандардизира приказната до клише, и тоа најпоедноставено. Омасовувањето на филмската публика, против еден толку агресивен конкурент каков што е телевизијата, се должи и на ефектното „пакување“, извонредната технолошко-компјутерска обработка на филмот. Финанскиот ефект на еден таков добро дизајниран производ, тоа добро го покажуваат енормните бројки, е несомнен.
Но, дали е сосем оправдан негативниот став кон ваквото уметничко испоставување во современата ТВ и филмска индустрија, кога таа им обезбедува егзистенција на стотици илјади вработени и задоволство на стотици милиони конзументи? Утилитарната манипулација во медиумите отсекогаш постоела, само што денес е поагресивна и поефикасна. Во некои други сфери, таа можеби се чини посимпатична, иако ја поседува сличната глад за заработувачка. На пример, користењето на делата на познати ликовни мајстори (Леонардо, Дирер, Климт, Миро, Дали, Пикасо, Маргит) на порцелански чаши, часовници, маици, чадори, перници, коверти за писмо, дури и на туш – паравани, си има своја несомнено користољубива причина, иако дизајнерската умешност често остава впечаток на постмодернистичка интервенција. Иако, во случајов, дури и не станува толку збор за „применетата уметност“, колку за примена на уметноста во комерцијални цели, публиката со „основно постмодернистичко образование“ може, сосем оправдано, да ја прифати и да ја цени како уметност. Се чини дека е ова добар пример за постмодерната стратегија во освојувањето на пазарот.
Додека, модернизмот, со сета своја самоубеденост и скандалозност, сакаше да се наметне како елитен, постмодернизмот ги шири рецептивните платоа кон адаптабилните форми на масовна култура. Модернизмот, дури и оној најдопадливиот, е опозитен кон потрошувачкото општество, постмодернизмот, пак, и кога е „најоткачен“, го почитува.
Така гледано, и заразата на Западниот свет со Интернет почнува да наликува на потрошувачка грозница. Моменталниот пристап до знаењето, со што се рекламира интернетската ефикасност, сè повеќе се насочува кон широчината, односно потрошувачка (бизнисот), отколку кон критериумот. Во една типична интернетска дебата, не се пропагира една универзална правда, дури ни смисла, колку можностите. Сурфањето обезбедува едно такво слободно користење на можностите. Поединецот е навистина заштитен во својата осаменичка потрага. Бројните корисници на порното на Интернет се еден од добрите примери за безбедното и заштитено користење на „валканата“ стока. За разлика од купувачот на порно списание или видео-касета, тука, на Интернет, консументот и првиот контакт го остварува без непријатност, без ограничување. Интернет ја нуди таа слобода – секој може да ужива, да се занимава, или да го впишува она што го сака.
Интернет сосем се вклопува во визуелната акумулаторска култура на денешницата, секако поставувајќи сериозен проблем за класичните издавачи на книги. Од најраното детство, идниот консумент е преплавен со вистинска инвазија на визуелното – ТВ, филм, компјутерите – со која е лесно да навезе во визуелниот свет и во исто време, да се навикне на него. А сега, пред еден таков подготвен корисник, се отвора светот без граници – Интернет! Преку web page, отворена е и можноста за позитивна сопствена презентација пред светот. Со малку шармантна реклама, а зошто да не, може рамноправно да се вклучи во културната понуда пред заинтересираните консументи. Навидум, Интернет е навистина ефикасен борец против бетонирањето на културните специфики и разлики, што ги наметнува „глобалното село“. За разлика, на пример, од новата архитектура во источно европските метрополи, која и покрај сиот нагласен елан во градењето, најчесто, во резултатот, наликува на некој посиромашен американски кварт, содржините на Интернет се евидентно разнолики и шаренолики, со почит кон различноста.

Прашањето, во сета оваа обилност на понудата, може (малициозно) да се упати кон критериумот. Во таков еден енормен систем, со постојано натрупување, каков е Интернет, секоја цензура, па и автоцензурата спонтано слабее. Се чини дека културолозите имаат право кога влегувањето на Интернет „во игра“ го споредуваат со огромен општествен експеримент, без оглед дали учествуваме во него или не, дали сме навивачки или критички расположени кон него.
Тој, едноставно, го покажува пост-модернизмот на дело, во неговиот најконзументски облик.

#b
1. не можам, а да не го прокоментирам често користениот, помоден израз „да се сурфира по Интернет“ што етимолошката врска со „surfing“ = јавање на бранови може да ја оправда единствено преку забавното трошење нас времето, а во никој случај со начинот (особено со ризикот и физичката сподготвеност) на кој тоа се врши.
2. Gillo Dorfles: „Осцилације укуса и модерне умјетности“, Младост, Загреб,1963
3. Богдан Тирнаниќ, „Анимирани свет јунака без својстава“, Књижевне новине, Београд, 1.12.97, стр. 7

АвторАлександар Прокопиев
2018-08-21T17:22:17+00:00 март 1st, 1998|Categories: Есеи, Блесок бр. 01, Литература|