ИДЕНТИТЕТОТ Е ПРИКАЗНА…

/, Литература, Блесок бр. 136/ИДЕНТИТЕТОТ Е ПРИКАЗНА…

ИДЕНТИТЕТОТ Е ПРИКАЗНА…

Од друга страна, независно што станува збор за есеи во коишто доминанта се идентитетските прашања и дилеми, иако тие можеби имаат примарен реципиент, сепак, уште по првиот прочит може да се забележи дека адресатот не нужно се само Ние или Тие, туку и Ние и Тие едновремено, а неретко и оние што се надвор од тие идентитетски стереотипизирани рамки. Дури и кога станува збор за есеј-беседа напишан за конкретен настан, адресатот е и надвор од контекстот на настанот. Затоа, при прочитот на Горановиот есеј и се јавува дилемата дали според дефинициите на Умберто Еко, тој би бил отворен или затворен текст, или сепак за него би важела некоја друга категорија полуотворен или полузатворен текст.

Но затоа пак нема дилема дека станува збор за текст во којшто е присутна определбата за објективна субјективност. Горановиот есеј подеднакво е дистанциран и од адоптивната интерпретативна стратегија, и од стратегијата на системaтско негирање на Другиот, и од компетитивната интерпретативна стратегија, и од стратегијата на конверзии, и од хегемонистичката мегало стратегија. А тоа и дава можност во него да се препознае нешто ново по речиси неколкудецениската присутност на расправите за идентитетските наративи. Во отсуство на досегашна критичката рецепција на есеизмот на Стефановски[2], сега, тоа нешто ново, веќе треба и мора да биде препознато, истакнато, коментирано и вреднувано. Овојпат посочуваме само неколку напомени за особеностите на пристапот кон идентитетските прашања и дилеми во Горановиот есеј, коишто може да бидат едни од појдовните точки на исчитувањата преку коишто ќе се препознае тоа нешто ново

*

За есеистот Горан Стефановски, идентитетот е приказна, а создавањето на приказната е инстинкт за преживување. Во есејот „За нашата приказна“, тој напоменува: „Сите живи суштества се раѓаат со инстинкт за преживување. Пајаците, за да преживеат, имаат совршен вроден инстинкт за ткаење мрежи. Луѓето, за да преживеат, имаат совршен вроден инстинкт за ткаење приказни – за тоа кои се, што се, од каде доаѓаат и каде одат. За нас нема ништо поважно од овие приказни. Тие се срж на нашиот живот, столб на нашиот идентитет.“ (Стефановски 2005: 13-14) Или инаку кажано – за Стефановски, идентитетот е плод на човековиот инстинкт и потреба да се преживее – предуслов за да се опстои. Без него, без приказната којашто мора да е точна, не „можеме да преживее во суровиот свет“ (Стефановски 2005: 14).

Ваквата творечко-мислителска перцепција за есенцијалната важност на себеспознавањето и себеидентификувањето во приказната, се чини е и една од основните причини што идентитетот е водечка тематска преокупација во Горановиот есеизам. Зашто, „идентитетот е израз на ‘идентитетска стратегија’“ (Bayart 2009: 388), а приказната е конкретното остварување на стратегијата.

Но, иако овој есеизам се темели на определбата дека „ниедна култура не може да опстане без точна, снажна и автентична приказна“ (Стефановски 2005: 15) и на ставот дека насушна потреба е да „ја покажуваме нашата приказна – нашата вистина за тоа кои сме биле, кои сме и кои сакаме да бидеме за однапред“ (Стефановски 2005: 16), есејот на Стефановски не е глорификација на приказната. Тој е критика на односот кон неа и настојување да се сфати дека приказната треба да биде прикажана преку нејзиниот објективен одраз во стварноста, а не преку нејзиното отсликување во конкавните и конвексните огледала со коишто е опкружена. Зашто „сето ова лесно се голта како теорија, но тешко се спроведува во пракса.“ (Стефановски 2005: 16)

Токму со таквиот критичко-објективистички пристап кон приказната, Стефановски, во своите есеистички текстови ги отвора низата идентитетски прашања и дилеми:

  • Дали детството и домот се основата на личниот идентитет – основа на мојата приказна?
  • Колективниот идентитет е дел од нас или ние сме дел од него?

Нашата приказна е дел од мојата приказна или мојата приказна е дел од нашата приказна?

  • Зошто Другите го сведуваат Јас / Ние на нивната претпоставка за неговиот / нашиот идентитет?
  • Како реагира инферироното Ние на перцепцијата што за него ја има супериорниот Друг?

Дали можеби започнува некритички да верува дека вредностите на Другиот се поголеми од оние на нашата приказна?[3]

Но прашањата и дилемите коишто се идентификуваат со микропрочит на Горановите есеи, зад себе носат и потпрашања и дополнителни дилеми, коишто упатуваат  кон натамошни исчитувања и промислувања…

*

Заради фактографската доследност, се чини нужно е да напоменеме дека најголемиот дел од есеистичкото творештво на Стефановски во коишто се присутни идентитетските прашања и дилеми е создадено во деновите за коишто самиот тој вели дека ги минува „обидувајќи се да го пронајдам континуитетот меѓу моите две приказни“ (Стефановски 2005: 65). Поточно, во период, за којшто Стефановски би напоменал дека е време на промена на теренот, којашто бара уточнување на приказната – по промените на општествената реалност во коишто неговиот личен и колективен идентитет не успеваат едноставно да се прилагодат и по започнувањето на втората (животна) предесеистичка приказна. Зашто, „токму процесите на разградување на една идентитетска парадигма и формирањето нова, ќе го обележат крајот на 20 век на просторите на поранешна Југославија“, а „идентет(ите)от не (е)е постојана категорија, тој/тие (с)е резултат на културна, политичка или идеолошка разработка, тој/тие (с)е историска конструкција…“ (Крамариќ и Бановиќ-Марковска 2012: 15)


[2] За жал, есеистичкото творештво на Стефановски не го одминува проклетството на задоцнетото вистинско критичко вреднување коешто претходно им се случи на неговите драмските текстови. Досега, на есеите на Горан Стефановски, одделно внимание им е посветено само во два објавени труда: еден осврт за есеистичката книга „Приказни од Дивиот Исток“ (Младеновски 2005) и еден текст во којшто се анализираат и коментираат ставовите на Стефановски за идентитетот и за идентитетските наративи изнесени во неколку негови есеи (Смилевски 2019). Вториот посочен труд е адаптиран дел од претходно одбранета докторска дисертација за егзилот и уметноста на преместувањето во творечките опуси на Дубравка Угрешиќ и Горан Стефановски (Смилевски 2013: 145-157). Стефановски е застапен во една од објавените избори на македонскиот есеј, со есеистичкиот текст „Ноќните мори на европската културна политика“ (Џепароски 2008: 272-280). Просторните ограничувања за тој избор, како што посочува и приредувачот во предговорот (Џепароски 2008: 18) се и причина за застапувањето само по еден текст од еден автор. Најверојатно, (и) заради таквите ограничувања, избран е конкретниот, а не некој од другите есеи на Стефановски коишто се пообемни.

[3] Одделно на идентитетските прашања и дилеми во есеите на Стефановски се осврнуваме во магистерскиот труд „Идентитетските прашања и дилеми во есеите на Горан Стефановски“, одбранет во декември 2020 година на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Во трудот е поместен и мини-каталог на прашања и дилеми, во којшто се упатува и дополнителни прашања и дилеми идентификувани во есеистичкото творештво на Стефановски.

АвторИван Антоновски
2021-04-03T19:09:51+00:00 март 31st, 2021|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 136|