Зона, забранет град

/, Литература, Блесок бр. 51/Зона, забранет град

Зона, забранет град

Кога посакувам да размислувам за Балканот, сиот се следувам. И почнувам да се заплеткувам и да се свиткувам во себе. Некој страв што се крие во мене и не сака да се открие го запира движењето во мене и ме става во состојба на мирување, на статичност што воспоставува некој вид агонија на состојбата. Ваквата состојба ја забрзува и огорченоста што ја оневозможува желбата да се изразам на јасен начин. Имено, најлесно е да се послужиш со некој модел. Сведочењето може да биде единствено конкретно, а со тоа отвора опасно поле зашто ги пробива моделите што нè наведуваат на размислување. Во мене нешто се противи, прашањето е скриено предлабоко за да можам да го дофатам, а не пак да го опфатам од мојот сопствен тивок агол. Ќе се обидам да доловам неколку мисли што посегнуваат онаму кајшто не стапнува нога. Затоа ќе се обидам да стигнам таму одоколу, можеби дури и од обратна насока, а да не ја избегнам темата што ја одбрав за овој текст.
Моето искуство со Балканот не сака да зборува за место во кое можеби се огледува негативот на ликот на сликата на Европа. На секое прашање што моќно нè надминува, можеме да одговориме само самите. А што значи тоа да си одговориме или барем да се обидеме да си одговориме?
Во филмот „Сталкер“ на Андреј Тарковски Зоната е крајно сложен систем на стапици, сите смртни, нормално, тогаш кога во нејзиниот круг ќе се појават луѓе и кога просторот оживува. Значи Зоната е метафора за забранетиот град кајшто одеднаш се фаќаш изгубен во бесконечноста на просторот кој не го определува повеќе редот на стариот космос. Безбедните места наеднаш стануваат непоминливи. Можеме да ги следиме и еднозначно контролираме од безбедна далечина или да и се препуштиме на несигурноста на неописливото искуство. Ова искуство уште повеќе го има зацврстено својот израз по пат на иронија и хумор во музичкото творештво на југо-рокот. За жал, овде не можам да зборувам за тоа. Тоа искуство е посебно и понекогаш се граничи со чудаштво, а кога се изразува површно и со патетика. Приказната на Балканот е и приказна за човековата судбина која, како што велеше Достоевски, никогаш не се пои од вистината дека два плус два се четири туку од сопствената волја која не може да се измолкне, не може да се одрекне од страдањето, не може да се одрекне од деструкцијата и хаосот. Тоа е некој вид метеорит кој паднал на земјата и се завртел во нејзината длабочина. Кога треснува меѓу нас нè потсетува дека животот не е мравјалник зашто човековата слобода никогаш не допушта таков мравјалник воопшто и да настане; дури и кога се чини безнадежно се покажува дека слободата е зависна од волјата која не е самоволие туку однос кон Другиот кој пак не смее да стане заложник на оваа волја, зашто со тоа ја повлекува врз себе целата ситуација. Со тоа сме кај фаустовскиот договор кој наеднаш ни служи за оправдувачка икона (дотолку поопасна зашто нејзиното потекло е ирационално!). Не е спорно дека на секоја ситуација и останува некој „ирационален вишок кој претставува возвис на животот“. Но, во тоа се крие и стапицата која отаде создадените граници на себељубието води кон можност од стигматизација, кон негативни ознаки како лични проекции на другите, значи патолошки.

2018-08-21T17:21:21+00:00 ноември 27th, 2006|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 51|