За хуморот

За хуморот

(извадок)

Комедијата и нејзината спротивност потекнуваат од истото чувство и се заточени во процесот кој резултира од истото. Во неговата необичност ваквото чувство е горко комично, претставува состојба на човек кој е постојано неусогласен; човек кој истовремено е виолина и бас; имено, кај еден човек во кој не може да опстои една мисла, а да не биде оспорена во истиот момент со друга – суштински спротивна на првата; на човек кој за секоја причина поради која би рекол да, моментално му искрснуваат уште две, три причини коишто го притиснуваат да каже не, па така, тие „да“ и „не“ го одржуваат во состојба на постојана збунетост; на човек кој не може да не се препушти на чувството, без притоа да не препознае дека нешто однатре го вознемирува, го прави да се чувствува бесен.
Комедијата е посебен психички феномен, и апсолутно е неосновано да ја препишеме на каква било крајна причина. Таа може да биде резултат на горчливото животно искуство – искуство кое не дозволува да се развие наивно чувство на слободно летање кон сонцето, бидејќи истото те влече за опашката секогаш кога си спремен да летнеш, а од друга страна ти укажува дека човечката тага најчесто е предизвикана од животната тага, од злото кое е толку големо што не секој знае како да го поднесе. Комедијата нè упатува да размислуваме дека животот, иако нема крајна и јасна цел во човечкиот разум, не нè принудува да талкаме во мрак, размисла која е лична и заводлива за секој човек, голем или мал. Но не е важно бидејќи не се и не може да бидат вистинските цели она што сите се обидуваат да го најдат, а што никој не го наоѓа – можеби затоа што не ни постои. Важната работа е да му се придаде важност на нешто, колку и да е тоа залудно. Тогаш нештото ќе биде оценето како сериозно и, на крајот, ниту едното ќе биде задоволувачко, затоа што вистината е дека силната жед за знаење секогаш ќе трае и никогаш нема да биде изгасната – иако не може да се каже дека човечката среќа се состои во неговиот прогрес.
Нашата духовност е фикција, а делата предизвикани од чувствата се предмет на хуморот; ќе видиме како мислата станува ѓаволеста, со што се расклопува машината на секоја слика, на секоја фантазија создадена преку чувствата; хуморот ќе ги расклопи за да види како се создадени, ќе ја одвитка пружината и сета машинерија грчевито ќе се распадне. Можеби хуморот ќе ги стори сите овие дела со уживање кое им е достапно само на оние коишто се способни да видат како говори добриот хумор. Сепак, не треба да му се верува…
Ако некој во хумористичното гледа особен контраст помеѓу идеалното и реалното, значи дека го согледува површно и само од еден аспект. Идеал може да постои – тоа зависи од личноста на поетот – но, ако постои, мора да се анализира, одреди и претстави на овој начин, како и сите други елементи во духот на еден поет. Тој влегува и се чувствува во кое било хумористично дело, давајќи му одреден карактер и вкус. Но, не е предодреден услов. Токму спротивното: тоа е карактеристика на секој хуморист, преку неговиот посебен начин на рефлексија кој креира чувство на нескладност, не знаејќи чија страна да ја заземе среде збунетоста и колебливоста на неговата свест.
Оваа карактеристика веќе ги разликува хумористичното од комичното, ироничното и сатиричното. Во овие не се јавува чувство на збунетост а, ако се јави, тогаш би било горко, односно не би било повеќе хумористично. Кога се јавува смеата од првата импресија на дадената необичност, секоја чиста вербална контрадикција помеѓу она коешто е кажано и она коешто треба да се разбере станува ефективно, суштинско и поради тоа не е повеќе иронично; презирот повеќе не постои, барем не во самата испревртеност на реалноста што е причината за секоја сатира. Реалноста не го задоволува хумористот, дури и ако му се допадне за момент; рефлексијата, која му е наменета на ова задоволство, ја уништува. Рефлексијата која силно и суптилно се влева насекаде, сè растура: секоја слика на чувството, секој идеал на фикцијата, секој блесок на реалноста, секоја илузија.
Човековата мисла, рекол Ги де Мопасан, „оди наоколу како мува во шише“. Сите феномени се или лажни или, пак, нивната цел необјасниво ни бега. Нашето знаење за светот и себеси одбива да биде зацврстено во една објективна вредност што постојано се обидуваме да му ја наметнеме. Реалноста е конструкт на континуирана илузорност.

Превод од англиски: Горјана Јордановска

АвторЛуиџи Пирандело
2018-08-21T17:22:00+00:00 ноември 2nd, 2000|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 98|