За двете последици од епистемолошката револуција

/, Литература, Блесок бр. 31/За двете последици од епистемолошката револуција

За двете последици од епистемолошката револуција

и за уште една нивна последица

Во 1962 г. професорот по философија и историја на науката на Институтот за Технологија (Масачусетс), Томас С. Кун, ја објави книгата The Structure of Scientific Revolutions, која предизвика неверојатно бројни коментари, полемики, реакции од стручен и дилетантски тип, па дури и отвори можности за нова периодизација на епистемолошката наука. Авторот стана основач или иницијатор за “new philosophy of science” (Дадли Шејпр), или за “new image” на науката (Јан Хекинг), или за нова методолошка парадигма. Без сомнение, во редот „востаници“ можат да се вбројат и други величини какви што се Тулмин, Лаудан, Фаерабенд, Лакатош, а пред нив и Александар Коаре, кои се бунтуваат против пертинентноста на науката, сциентолатријата и инволвираноста на науките (посебно природните), како последен и одлучувачки арбитер во сите сфери на „модерниот“ живот. Исто така, без сомнение, и нивните жалби се претвораат во тесно стручни аргументирани елаборации. Но, на Кун му го доделуваат местото на „војводата“, затоа што на експлицитно радикален начин ја формулира потребата од gestalt смена на старата методолошка парадигма. За оваа, имено, се оценува дека се наоѓа во состојба на растечка криза, а тоа значи дека нејзините можности се веќе исцрпени, од каде што потребата по нов пристап се појавува со неизбежна неопходност, особено ако се земат предвид деструирачките и контаминирачките реперкусии од тврдоглавото опстојување на истрошената парадигма врз поширокиот медиум (забележливо поширок од тесните рамки на „научната заедница“).
Старата слика е аисторична, констатира тој, и таква, која ја употребува историјата на науката само за да обезбеди егземпларни логички поенти, произведувајќи на тој начин анахронизми, кои добро „функционираат“ како помали или поголеми апроксимации во замислениот ортолинеарен прогрес на знаењето во целина. Фундаменталниот исчекор од неа е настојувањето да се претстави знаењето како вткаено во мрежата историски субјекти, обременето со целокупниот товар на културната констелација. Кун, имено, регистрира смена во очекувањата, кои ги негуваат новите историчари на науката: тие, in flagranti, поставуваат прашања во нова димензија. „Не барајќи од историјата на науката трајни придонеси за нашата сегашна позиција, тие се обидуваат да го покажат историскиот интегритет на таа наука во нејзиното сопствено време“. (Kun, T.S.: Structura naucnih revolucija, Nolit, Beograd, 1974, str. 42)
Некои од поважните ставови кон науката, кои произлегоа од историографските испитувања врз поединечни научни епизоди од минатото, а кои наедно се релевантни за ова пишување се концентрирани во зборови од типот: парадигма, инкомензурабилност, инкумулативност. Со првото се тврди дека беспредрасудно знаење (во најпозитивната замислива смисла на зборот „предрасуда“) е наивен рационалистички идеал, затоа што постои нешто како парадигматско дефинирање на она што може да биде проблем (модел-проблеми) и она што е прифатливо како метод на негово разрешување (модел-решенија). Со второто се тврди дека успешните корпуси знаења со различни парадигми се тешки за споредување, до таму што најчесто еден пред-револуционерен проблем не може да се дефинира со категоријалниот апарат на пост-револуционерната нормална наука (дури постои неможност адекватно да се изрази на што точно се однесувала поранешната наука). Сепак, од причина што старите знаења секогаш се пре-обмислуваат (а не до-обмислуваат) со средствата на ново-етаблираната парадигма, се добива впечаток на континуирано праволиниско напредување на знаењето. Тоа, меѓутоа, како што се тврди со третото е вистински привид, зашто кумулативноста има смисла, ако и само ако се има одредена севажечка основа за надградување и неутрално јадро за проценување; но, концептот на „сите можни светови“ нема легитимно место во философијата на науката, затоа што контингентноста на фактот и значењето е сфатливиот произлез од историскиот пристап кон несомерливите научни парадигми (конвенционалистичката деструкција на фактот или цврстиот податок, како симулакрум на традиционалната визура на едниот, вистински и неутрален реален свет влезе во интегралната слика на новајлиите).

* * *
Овие забелешки, иако во голема мера грубо селектирани, и на ист начин скицирани, сепак се доволни да се согледаат две мошне значајни, концепциски втемелени, последици. Првата е во поглед на релативизмот, кој како недопустлив проблем го идентификуваат и некои философи на науката (Дадли Шејпр), кои се обидуваат да ја играат новата игра и при тоа да сочуваат некои вредности од старата епистемолошка игра. Овој заклучок е апсолутно конклузивен од ставот за значенска, или парадигматска, или интер-теориска инкомензурабилност, сè додека не се воведе некое независно-од-парадигмата (или теоријата) начело за проценување. Втората се однесува на релацијата наука – не-наука. Заклучокот е дека треба да се отфрли „сциентистичката“ предрасуда дека науките и „исправното знаење“ се ко-екстензивни (Лари Лаудан). Науката не поседува некое интринсично својство, како оправдување на нејзиниот преферирачки статус; со тоа a fortiori се дестабилизира човековиот однос кон оваа активност, однос, кој се здоби со безмалку култни особини.

Во прилог на рецидивите од старата свест (кои можеби треба да се здобијат со посериозен третман, како нужни особини на депендентното човеково мислење, а не како нешто акцидентално, кое може и треба да се надмине со долготраен тренинг) може да се забележи магичниот круг во резонирањето: сепак, потребни ни се научниците како релевантни референци, за да се ослободиме од сциентолатријата.

АвторСилвана Димитровска
2018-08-21T17:21:43+00:00 март 1st, 2003|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 31|