Заклучни согледби за поезијата на Јан Ондруш

/, Литература, Блесок бр. 74/Заклучни согледби за поезијата на Јан Ондруш

Заклучни согледби за поезијата на Јан Ондруш

Во целокупното творештво на Јан Ондруш се чини дека трагичноста на животот од една страна и убавината на животот од друга страна, како спротивности кои успешно се сместуваат во неговата поезија и стануваат суштина на нејзината структура, се во состојба на постојана нетрпеливост. Трагичноста, впрочем, и постојано го следи поетот. Таа е негово чувство, негов spiritus movens и spiritus agens. Затоа го сметаме за точно и гледиштето на Јан Штрасер за тоа дека „над поезијата на Јан Ондруш дури и болежливо го сфатив тоа – колку е лабилен терминот да се разбере поезијата. Не знам дали ќе успееме да го растајниме рационалното јадро во поезијата на Ондруш, но тоа и многу не ме загрижува. Сепак, можам да кажам дека со оваа поезија се идентификувам. Таа е, во прв ред, глас што зборува од мене за мене. Неговата поезија делува врз мене како сликарско или музичко дело. Во таквата идентификација се раѓа контактот помеѓу мене и поетот, независно од тоа што не успевам точно да објаснам врз што е заснован тој контакт“10F.
Поединечните мотиви и слики во поезијата на Ондруш се повторуваат и може прецизно да се проследува нивната прилично интензивна фреквенција односно периодичното навраќање на нив. Тоа го потврдува и девизата дека целото творештво на Јан Ондруш е обележано во знакот на кружењето, на кругот. Притоа не се работи експлицитно за неговиот облик, туку пред сè за неговите особини. Се работи за кружница без почеток и крај, за постојано повторување, за тоа што наоѓаме и внатре во кругот и надвор од него, значи станува збор за цикличноста. Или како што пишува Золтан Редеј: „Ондрушовскиот субјект онака како што е способен во сè да види загрозеност, тупаница, закана, потенцијално насилство, така успева во сè да види и извор на сладострастие. Во опозиција со често спомнуваната трагика на ондрушовската осаменост ни се покажува овде и една хедонистичка страна на ондрушовската осаменост“11F. Затоа поетскиот субјект на Ондруш ја избира попрво самотијата како средство за пресметка и со сопствената и со надворешната стварност. Јан Ондруш е поет на длабокото, а токму затоа и на трагичното, животно познание, како и на особената, а токму затоа и универзално прозвучувачка творечка имагинација. Со таков стил е конципирана неговата лирика во која првенствено преовладува резигнацијата, тагата и измореноста, која се раѓа пред несреќата. На крајот, сепак, трагичноста на животниот удел се зголемува, поетот нуди апликација на онтолошкото сфаќање за идентитетот на човекот и ја констатира сеприсутноста на болеста, која „ја проверува дали важи двонасочно: може ли да постои болеста без човекот и човекот без болеста? Дали човекот е неминовен трпител и носител на крстот?“12F. Болеста и трагичноста навлегуваат во порите на сите човечки активности, а Ондруш ги наоѓа и во состојбата лице в лице со себе: ги сретнува на моето место, во мојот момент (од збирката Во жолчна состојба). Трагичноста на животниот удел има и други облици, но никогаш не се појавува во форма на себесожалувачка нажаленост или во форма на патетичен долоризам.
Во поезијата на Јан Ондруш се испразнува содржината на поимите човек и свет. Човекот се губи, се скрива зад предметите, кои се често помали од него и така станува незабележителен: … толку луѓе ќе се сместат под секој шкаф, во секое / јаболко, во секоја фурна за леб, / во јамката на предлогот,… и повеќе не се гледаат, се скриваат под / лонецот, во двете влечки, зад показалецот, /… / сите зад него се сместуваат, со расклештена насмевка / се слеваат со светлоста и невозможно е да се видат, / да се распознаат, да им се најдат цртите / глеј, исчезнал светот“. Притоа е разбирливо и тоа дека крстот како доминантен метафорички елемент во таа насока не мора неизбежно да ја претставува болеста, туку може да се посматра и како надвременска идеја, како духовен размер, како метафизичко битие што си ја штеди својата сувереност. Затоа и со помош на атрибутите на метафоричното одделување и поврзување на болеста и човекот се доаѓа до конечната алегорија. Со таквата сложена метафора, Ондруш го манифестира и вистинскиот амбивалентен карактер на болеста. Нејзиниот интензитет знае да создаде и таков притисок што за болеста се размислува како за самостојно битие кое владее со некое друго битие. Сепак контрастот дека крстот триумфира, лагата губи ја засилува, во заемното мерење на силите, стратегиската позиција на човекот. Ако болеста може да биде поразена односно да изгуби, дури и кога тоа се случува само понекогаш, тогаш таа не е апсолутна, како што сака да нè убеди постојаното повторување на нејзината доминација.
Оваа поезија сака да нè потсети дека независно од тоа како би можела човечката цивилизација да се подобрува и да се развива, никогаш нема да се откине од човекот, бидејќи е дел од неговото битие. Ова е поезија на животот искусуван во целото негово мноштво и широчина, па затоа и погледите полни со восхит и меланхолија се насочени кон него. Во преден план на стиховите од Ондруш се наоѓаат егзистенцијалните состојби на разделеноста и на противречноста на битието како резултат од дејствувањето на ништожните сили. На крајот на краиштата, ова е и поезија на фрустрацијата која се надминува самата себеси и постанува надреден израз, уметност. Стиховите на Ондруш се, всушност, израз на стремежот за поцврсто зафаќање со комплексните ситуации на човечкото битисување. Затоа, осаменоста му нуди чистота на протагонистот на Ондруш. Затоа, тој е најавтентичен кога е сам, кога е дома (категорија која кај секој голем поет добива универзална, надвременски референцијална и покосмополитска положба: што значи – секаде и никаде). Осаменоста како болежливо чувство го спасува Ондрушовскиот протагонист од емотивните напливи што неминовно се остваруваат во комуникацијата со другите луѓе. Затоа парадоксално, неговото сопствено „бездомништво“, „прогонство – е неговиот најличен, интимно заживеан дом“’13F. Осаменоста станува предуслов, потреба, излез за авторската уникатност.

#b
10. ŠTRASSER, J.: Zápas o seba. In: Slovenské pohľady, č. 5, 1966, s. 28-31.
11. RÉDEY, Z.: Ján Ondruš. Bratislava: Kalligram, 2004, s. 396.
12. GAVURA, J.: Ondrušove hľadania ideálu (V stave žlče 1968 a 1966). In: S dlaňou v ohni (Básnické dielo Jána Ondruša a hodnotové kritériá v literatúre). Bratislava: Studňa 2002, s. 115.
13. RÉDEY, Z.: Ján Ondruš. Bratislava: Kalligram, 2004, s. 401.

2018-08-21T17:21:01+00:00 септември 8th, 2010|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 74|