Заклучни согледби за поезијата на Јан Ондруш

/, Литература, Блесок бр. 74/Заклучни согледби за поезијата на Јан Ондруш

Заклучни согледби за поезијата на Јан Ондруш

Тематската ограниченост на песните значи многу малку, со неа се определува само просторната област од каде што пулсираат и се шират брановите на слободните, долги, богати асоцијации и смелите метафорични врски. Во песните во потполност се користи богатата сликовност и сугестивната метафора, која содржи и синестезиски споеви. Со таквите уметнички постапки, Ондруш нè потсетува на надреализмот, додека со тематиката е најблизок до егзистенцијализмот. Епитетот е кај Ондруш метафоризиран на сите начини: синестезија незвучен крик, жолто око, оксиморон црн снег, персонификација дрвјата плачат односно мртва вода или јајце негласно и слично. Метафоризиран е, значи, во служба на сеопфатната аналогија. Во поезијата на Јан Ондруш е доминантна аналогиската перцепција на семантичко ниво, а потоа таа се рефлектира и во синтаксата на кажаното, како и во композициските елементи на песната. Таа платформа важи и при создавањето на самостојните епитети. Нивната инверзија, сепак, е често функционална и во контекстот на подвојување или затемнување на лирскиот субјект, кој има флуидна позиција. Лирскиот субјект еднаш се појавува во „јас“ форма, потоа во „ти“ или во „ние“ форма, еднаш регистрира, другпат споменува. Тоа е не само емотивен, туку е и мисловен субјект. Извесна наративност донесува и самиот цикличен, континуален и епизоден ред на описи во песните. Интерпункцијата во оваа поезија е сведена на минимум. Со испуштањето на интерпункцијата е „запрено“ раздробувањето, блокирана е сегментацијата на означениот комплекс. Како доминантни структурни и стилски елементи и постапки во песните на Ондруш се појавуваат: реторичкото обраќање, повторувањето, асиндетонската, елиптизираната и полисиндентонската градација, понекогаш инверзијата и, секако, бујната метафоричност. Неговата песна се остварува во поуниверзалниот и посимболичкиот (асоцијативен) свет каков што е светот на интимноста односно светот на отуѓениот поединец, поуниверзален од декадентниот свет. Етиолошката перспектива овде се разоткрива преку призмата на субјектот, но првенствено со помош на неговите „егзистенцијални метафори“. Кај Ондруш затоа се случува „потполна идентификација на песната и поетот (…) мислам на видувањето на човекот од гледна точка на неговата субстанцијалност, од гледна точка на неговиот внатрешен сооднос, целосност или распаѓање“4F.
Песната на Јан Ондруш е полна со нарцизам, но истовремено е и плодна и естетски речита. Лирскиот субјект е тука и протагонист и антагонист, окован меѓу сопственото „јас“ и бесконечноста, меѓу сопственото „јас“ и светлината, осаменоста, љубовта и прогонството. Тука се случуваат внатрешни битки со самиот себеси, со неспособноста за доследна комуникација не само со себеси, туку и со другите. Јан Ондруш ја растајнил вистината за тоа дека длабокиот продор во самиот себеси значи многу често и растајнување на нешто темно и потиснувано во себе. За него секоја слика претставува портрет на духот, секој збор го претставува животот на поединецот. Тој ја има моќта да ја наслушнува музиката на растењето на растенијата (семињата, зрната), да оди во „растителна насока“ за да го дешифрира циклусот на настанокот на светот. Тој во себе го носи и го чувствува ритамот на духот и на зборот, како и големата семантичка моќ на своите пра-симболи: водата, земјата, дрвото, огнот, огледалото, ѕвездата… Често се идентификува со тие пра-симболи на светот, кои на тој начин и се менуваат во симболи на духот. Од уметнички аспект е многу ефективно како Ондруш го „ментализирал“ своето животно искуство. Ефективно е тоа како на авторот му успеало да направи суптилна врска на сооднос со животот во сопствената поезија. Затоа неговиот лирски јунак остро се врзува и ги повикува на помош внатрешните мисловни модели. Тоа е така, затоа што „поетскиот извештај на Ондруш е секогаш насочен кон стожерот, кон тканивото, кон оној најфиниот нерв, кон голите коски на човековата егзистенција, а за самиот автор пак – предметната песна претставува, во извесна мерка, хируршки зафат, но воедно и катарза со вкус на други опсесии и депресии“5F.
Јан Ондруш е во суштина конкретен, смисловен – чувствата скриени во песните ги остава да струјат низ мислите на читателот благодарение на мисловните агенси: обоеноста / сликовитоста, описот на ситуацијата и користењето на метафората како градежен елемент на песната. Неговите песни се восприемаат како големи моменти на чудесната имагинација. Не се предаваат лесно. Но затоа и читателското непредавање, како и набљудувачката трескавичност на песната на Ондруш го имаат својот најдлабок и најсуштински праисход и причина токму во поетовото лично и карактеристично убедување за внатрешната поврзаност на поезијата со битисувачките сили на човекот, со универзумот на човечкиот живот. Тоа е поезија со внатрешна тензија, со длабоки резонанци и со заплетени метафори. Патот на Ондруш и неговата лична судбина во никој случај не се лесни, така како што не е лесно ниту нашето читателско искуство од нив и со нив. Затоа сме „како читатели принудени да се препуштиме на ентропијата од емпатичноста, ако сакаме да го разбереме заветот на Ондруш. Инаку немаме шанса да влеземе во неговата песна, а да не се почувствуваме како разлутено животинче. Бидејќи токму нејзиниот начин на детронизација го предизвикува во читателот познатиот симптом на отпорот. Но, заправо, не се работи ли за тоа дека авторот токму тоа сакал да го постигне? Тој не ни поставува прашања што се граничат со непријатноста и со неприемноста со цел не да не понижи, туку да не воздигне на повисоко ниво. Мислиме дека токму за нешто такво овде станува збор; Ондруш има необична ама привлечна понуда – да не разлути во текстот, но затоа пак и за возврат да ни побуди – сознание. Сознанието на себеси во споредба со другите, сознанието на другиот“6F.
Јан Ондруш е поет – синтетичар. Секоја негова песна е компактна, води дијалог со времето и со смислата на егзистенцијата. Неговите стихови прозвучуваат автентично, со голема свежина, како откритие или откровение. Ондрушовскиот свет е побурен и во постојано движење. Затоа во право е Валер Микула кога тврди дека „можноста што ја отвори Ондруш во словачката поезија останува постојано отворена, бидејќи не е целосно искористена…“7F. Токму поради тоа, согласувајќи се и со ставот на Станислава Репар, навистина е „попусто да се табуизира она што со години се поврзуваше со вреднувањето на овој поет и на неговата поезија. Многу попродуктивно ми се гледа враќањето кон него со потполна отвореност, но и со поглед врз развојните движења во европското мислење за последниве дваесет-триесет години“8F.
Затоа и претпоставуваме дека ниеден словачки поет од поновиот период не ја претрпел толку интензивно болеста на секојдневието како што ја претрпел Јан Ондруш. Најверојатно кај ниеден друг словачки автор „не може да се почувствува толку длабоко и убедливо тоа, што Ондруш всушност го докажува во својот пев, дека јазикот на (личната) историја, нерастргнатоста на вистинскиот човечки идентитет, функционира надвор од егзилот и онаму каде што се оцртува лудоста. Поетот, во суштина, никогаш целосно не ја преминал границата, не преминал на другата страна, таму кај што владее неартикулирачката тишина на егзилот (кон / безгрижната / Луција во огледалото)“9F. Затоа пак поетот станува трагач по смислата на егзистенцијата. Во своите внатрешни стремежи, тој не се труди да опфати сè наеднаш, туку само постепено ги открива поединечните рамништа на тоа што значи човекот и неговото вечно искуство. Неговиот јазик сведочи за тоа дека сликата на космосот е, всушност, антропо-космосот. Во својата длабока психолошка проекција, космосот го симболизира она личното, пронајденото, како и она трансценденталното, осветленото со помош на субјектот – „јас“. И тогаш кога ја чувствува трагедијата, и кога мора да се мачи со човековата драма, и кога наидува на тага, тој чудесно и гордо се вознесува над нив и зборува за нив стоички како за човечка вистина, кога стои над болката и тагата. Поезијата на Јан Ондуш ги бара постојано корените на нашата внатрешност откривајќи го во секоја песна она што е за нас најинтимно, па затоа и смета дека најоправдано е човечкото гледање врз себе самиот, со пеколот во себе, со длабоките бездни на човечкиот ум.

#b
4. HAMADA, M.: Skutočnosť a básnická transcendencia. In: Slovenské pohľady, 82, 1966, č. 5, s. 8, 11.
5. HATALA, M.: Ak nie tak kritické, ako stanovisko. In: Literika, 1, 4.3-4, 1996, s. 132.
6. HABLÁK, A.: Takto ja čítam „V stave žlče“ Jána Ondruša. In: Romboid, 42, č. 4, 2007, s. 33.
7. MIKULA, V.: Ondruš slovenský (Diskusia). In: 5 x 5 a iné kritiky. Levice: L.C.A, 2000, s. 101.
8. REPAR, S.: Básnikovo zariekavanie nie/zmyslu: „samokázeň sebasekerou na sebakláte“ (Moje čítanie Jána Ondruša). In: Ohnisko reči alebo mlčanlivá hĺbka horizontu. Bratislava: Kalligram, 2007, s. 123.
9. SOLOTRUK, M.: Ján Ondruš – svár o slovo. In: Literika, 2, č. 1-2, 1997, s. 201

2018-08-21T17:21:01+00:00 септември 8th, 2010|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 74|