Есеј за манипулацијата

/, Литература, Блесок бр. 76/Есеј за манипулацијата

Есеј за манипулацијата

Кога веќе зборуваме за прогностиките во кои почитуваниот Челенте се занимава со актуелната ни економска катастрофа од глобални размери, помислив – којзнае зошто – дека кон нив би требало, можеби, да се однесувам со малку повеќе респект. Да се обидам да ги читам и толкувам децентно, да не речам кооперативно, дури и мртовечки сериозно. Можеби знаењето и умеењето на човекот може да ми се најде, особено мене и нам кои во глобалистичките прашања се чувствуваме сосема инфериорни а од економските Сцили и Харибди хередитарно се плашиме, свесни дека ги разбираме само колку што ни е нужно за елементарното преживување. Или, најпросто кажано, за планирање на наједноставниот домашен буџет, кој би требало да нè држи на нозе од први до први во месецот. Нам што навистина се чувствуваме фискално и формално-правно несигурни, да не речам беспомошни, здравиот разум ни наложува дека, во ваквите несолидни/нестабилни констелации во кои во моментов живееме, ќе да е – сепак! – неизбежно да се потпреме на некои докажани светски авторитети, кадарни да нè советуваат како да се справуваме со маките што нè снаоѓаат. За да ги преживееме, евентуално, со некоја спасоносна доза на смеа и заборав.
Ете, признавам дека славниот Челенте го читав токму со вакви сериозни намери. И со полна доверба. За малку ќе речам: идолопоклонички. Читав и длабоко се замислував поради неговите Десет упатства за обичниот човек, кои ги разбрав како некои метонимиски десет заповеди. Доколку цврсто се фатам за нивното кормило, можеби и ќе успеам да ја надитрам катастрофата која, еве, заканувачки се тркала низ нашите улици.
Што е сокриено во тој спасоносен декалог на Челенте?
Читајќи го, забележав дека дури половината од неговите цврсти максими ултимативно се залагаат за строго и целосно штедење: не троши, не летувај и не зимувај, не купувај, не влегувај во долгови… Добро, реков, ова го знам. Го научив уште во детските години и тоа од својата практична и рационална мајка која (меѓутоа) никогаш не студирала економија. Ако не се лажам, и досега живеев токму вака – штедливо и дисциплинирано. Колку што гледав, на истиот рационален начин живееле и сите мои блиски пријатели, ама тоа сепак не им помогнало целосно да ја превенираат катастрофата со која сега сите се соочуваме.
Во што е, тогаш, финтата? Најверојатно во оние вторите пет максими. Тие се, значи, клучни. Треба целосно да се концентрирам токму на нив.
Еве што, во нив, Челенте мудро кажува и советува:
Дека треба да се преселам во најнепосредната можна близина на некој извор на пивка вода, бидејќи – мошне скоро, колку уште утре-задутре… – нашиот постмодерен свет ќе престане да војува заради нафтата и гасот, ами ќе завојува заради водата.
Дека треба да имам сопствено парче земја и итно да го претворам во бавча во која ќе произведувам органска храна, бидејќи светот – мошне скоро, колку задутре-прекутре… – ќе остане без здрава храна.
Дека своите деца (добро, своите внуци) морам да ги насочам исклучиво кон студиите по медицина или кон оние студии кои што едуцираат за алтернативните извори на енергија, бидејќи само медицината и алтернативната енергија можат да го спасат човештвото.
Дека секогаш и во сите ситуации, ама навистина во сите, треба да размислувам позитивно, бидејќи е потврдено и докажано дека, по сите големи депресии, времето на општиот процут настапува со гаранција.
Дека, во меѓувреме – додека тој општ процут не настапи – сите свои пари (кои пари?) безусловно треба да ги инвестирам во купување златни прачки, бидејќи, заради шпекулативните политики на неспособните светски влади, сите хартиени пари наскоро ќе станат помалку вредни дури и од хартијата врз која се испечатени. Та (затоа) сета светска економија ќе мора да се пренасочи кон златото. Само и исклучиво.
Да, за малку ќе го заборавев најважното:
Челенте е сигурен дека актуелната криза не само што нема наскоро да поздапре, туку и ќе ескалира. За да кулминира во 2012 година, која тој ја нарекува Годината на дното. Или, поточно, годината на крајот на светот што го познаваме. Таа година и не може да биде поинаква освен фатална, бидејќи токму на нејзиниот крај – на 12 декември – треба да заврши циклусот на календарот на Маите, заради што целокупната галаксија ќе треба да се избалансира и преуреди. Поклониците на Њу ејџ филозофијата велат дека токму во тој миг – на 12 декември 2012 – неизбежно ќе се отворат нови и сè уште непознати/неистражени канали на свеста, заради што човештвото, сакало-не-сакало, ќе мора да помине низ невидена трансформација. Тоа, горе-долу, значи дека веќе за две кратки годинки сите ќе доживееме некоја вистинска и апсолутно радикална ренесанса, која треба да ја пречекаме копајќи ја својата градина, пиејќи ја водата од бистрите планински извори и – најважно – купувајќи златни прачки.
Не знам за вас, ама мене ова ми мириса на ординарна медиумска манипулација. Дали затоа што – информирана и начитана по професија, ама (токму заради тоа) недоверлива/скептична од раѓање – имам некое матно претчувство дека Челенте и неговите учени колеги-пророци колективно нè влечат за нос? Не е само најстрашно, туку е и најнавредливо што тие, притоа, бесрамно ја потценуваат нашата колективна интелигенција. Или, ајде да бидам пообјективна, интелигенцијата на барем некои од нас.

* * *

Дека во овој наш свет слични манипулации веќе се случувале – и тоа во далеку поиновативни и покреативни форми – потврдуваат, мислам, цели купишта респективни уметнички дела од минатото. Не само книжевни уметнички дела.
Ќе потсетам на едно до нив, ингениозно по својата идеја, манипулативно по својот резултат, ама и апсолутно артифициелно/естетизирано по своето битие.
Пред седумдесетина години, точно на ден 30 октомври 1938, младиот актер, режисер и сценарист Орсон Велс (1915-1985) силно ги возбудил Американците (милиони Американци!), во тој миг медиумски сè уште наивни. Тие, наивците, токму на тој ден на своите радио-апарати налетале на неговата очудена драматизација на легендарниот научно-фантастичен роман Војната на световите. И – се вџашиле.
Напишан уште 1898 година, како автентичен производ на имагинацијата на Херберт Џорџ Велс (1866-1946), овој ингениозен роман во кој Марсовците ја напаѓаат планетата Земја до денес има доживеано цела серија адаптации и екранизации. Ако не се лажам, последната ја потпиша Стивен Спилберг, пред некои пет години (2005). Се разбира, ниту една од тие отпослежни медиумски транспозиции не успеала да го произведе застрашувачкиот (и поткажувачки) реал-ефект со кој трајно ќе се гордее само онаа првата, онаа на Орсон Велс.

2018-08-21T17:20:59+00:00 март 1st, 2011|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 76|