Есеј за манипулацијата

/, Литература, Блесок бр. 76/Есеј за манипулацијата

Есеј за манипулацијата

(од „Есеј(от) како вежбалиште“, Блесок, 2010)

Манипулацијата е, несомнено, опака и разурнувачка категорија. Згора на тоа и категоријата од мрачно потекло, ама и од силен, такаречи тектонски потенцијал. Сите ја препознаваме веќе на прв поглед, сите за неа размислуваме, сите со неа имаме директен опит и сите ја имаме почувствувано, не еднаш, на сопствената кожа. Накратко, за неа сите би имале нешто за кажување! Заради нејзината постојана и неодминлива „вмешаност“ во речиси сите мигови од нашите животи и нејзиното наметливо присуство секаде, дури и во нашите сништа, многупати се чувствуваме не само немоќни или бесни, но и – директно изманипулирани! Од кого или од што? Се плашам дека ваквото прашање, само навидум просто и реторичко, тешко дека подразбира едноставен одговор. Мислам, се разбира, на одговорот кој би бил директен, краток и јасен.
Помислувате ли, некогаш, дека и самата манипулација – сениште што лебди насекаде – успеала да ни се наметне како една од последните „големи теми“ со кои нашава збунета култура сè уште умее и може да се занимава? Во овие не-многу-весели постмодерни времиња на општата деконструкција и фрагментација, времиња во кои – наводно – под големиот килим на глобализацијата веќе е сметено ама навистина сè што, колку до вчера, на сите ни се гледало релевантно (или вредно за сериозен ангажман), сите други „големи теми“ станале безнадежно излитени и неповратно поарчени, та неизбежно дотуркале до општа маргинализација. До сопствениот крај. Доколку треба да им се верува на познавачите и на оние што се сметаат за такви, сите ние веќе одамна – не од вчера! – живееме во фамозната крајологиска пандемија, за која Фукујама и компанијата веќе кажале и изнапишале такаречи сè. Цели легии, кохорти и фаланги на постмодерните теоретичари и пророци – сите тоа го знаеме, бидејќи не можевме а да не ги испрочитаме нивните разгласени текстови! – оваа катаклизмична крајологија (која денеска ги условува нашите мали животи) одамна ја имаат изелаборирано не само детално, но и мошне ефектно. Досега ни се дескрибирани сите нејзини темати, модалитети и вариетети: и крајот на идеологијата, и крајот на историјата, и крајот на метафизиката, и крајот на уметноста, и крајот на големите корпорации, и крајот на економскиот, политичкиот и образовниот систем… И крајот на светот, се разбира!
Крајот на сè и сешто, вклучително и на самиот човек, несреќниот hommo sapiens кој, во меѓувреме, на оваа мала и сè позагрозена планета успеал да се изнамножи до неверојатните седум-и-нешто милијарди примероци.
Доколку навистина треба да им веруваме на овие гласноговорници на катастрофата што нè снајдува, особено на некои од нив – можеби на оние хиперпопуларни, во медиумската смисла хиперекспонирани крајолози со тапија, милите ни Нострадамуси на XXI век… – треба веднаш да ги земеме предвид неколкуте најкритични факти што тие ни ги сугерираат како дефинитивни:
Дека сето хумано околу нас и во нас е отидено по ѓаволите (и тоа дефинитивно и непоправливо); дека, последователно, нашите хумани/хуманистички перспективи сосема се истанчиле; дека, како човечки суштества и како мислечки единки, стигнавме до онаа соблазнива граница на здравиот разум, после која одвај дека има нешто. Особено надеж.
Ги читав, неодамна и не без интерес, неколкумина од наведениве. Еден ми се виде особено индикативен. За малку ќе напишев: бизарен. Се вика Џералд Челенте, Американец со италијанските корени.
Овој Челенте ми се виде мошне амбициозен и соодветно бистар. Вистински пророк од кариера, кој бргу и лесно успеал да стане директор на нешто што самиот го измислил и го втемелил, а се вика “The Trends Research Institute”. Можете ли, воопшто, да замислите некоја попрестижна, потрендовска или попотребна фирма? Според редот на нештата, Челенте неа ја укотвил на супер-престижната њујоршка адреса (Park Avenue), бидејќи – добога! – на секому треба да му е јасно оти некое подобро и посоодветно место од кое еден од најдобрите и најпрецизните аналитичари на рецентната стварност би морал да проповеда не може да се замисли. Ниту да постои.
Доколку ја отворите неговата добро спакувана интернет страница, не се сомневам дека молскавично ќе бидете шармирани а потоа и восхитени од стилот со кој наведениот аналитичар-пророк себеси се (само)рекламира како најсигурен и најверодостоен визионер на нашата иднина. Сè понеизвесна, впрочем! Страницата не може а да не ве импресионира. Од неа ќе дознаете дека човекот се дружи само со светската елита: руча и вечера со бившите претседатели, милува да се фотографира со државната секретарка Клинтон, Опра Винфри го вика во своите емисии… Неговото виртуелно кралство, соодветно распеано и разиграно, сето ова го покажува со зборови, сликички и музика.
Бидејќи (наводно) го сметаат за најпознат светски прогнозер на трендовите, заради што (наводно) и го ужива статусот на суперстар меѓу останатите колеги-катастрофичари, овој Челенте – барем така му пишува на страницата – успеал до сега да предвиди цело купче фатални настани кои битно влијаеле на севкупната судбина на светот. Меѓу нив се: распаѓањето на Советскиот Сојуз, распаѓањето на Југославија, глобалната финансиска криза, катастрофата на глобалниот капитализам што лани-оломлани сериозно се затркала…
Попатна, ама не и неважна дигресија:
Не се обидувам да бидам цинична кога велам оти не сум премногу импресионирана од прогнозирањето на распадот на Советскиот Сојуз или на онаа жална социјалистичка Југославија. Се осмелувам да претпоставам дека во таа своја „неимпресионираност“ не сум осамена ниту единствена. Речиси сум сигурна дека ваквата „неимпресионираност“ ја споделуваме сите кои во тие несреќни држави ги живеевме своите обични/мали животи, успевајќи, како што вели хрватската писателка Славенка Дракулиќ, не само да го преживееме социјализмот, туку и да го живееме смеејќи се. Впрочем, од таквото преживување, лично и колективно, Кундера и Хавел составија цела една библиотека, преполна смеа и заборав. Сите што ова го подзаборавиле, нека ги прочитаат, одново, нивните книги. За да се убедат дека таканаречената стварност не мора секогаш да ја по(т)кажуваат само глупавите политичари и/или дибидус урнисаната економија, туку истото може да го прави – дури и поуспешно, подуховито, несомнено и поубедливо – и добро пишуваната литература.

2018-08-21T17:20:59+00:00 март 1st, 2011|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 76|