Ерос/Танатос – Фрида/Славенка

/, Литература, Блесок бр. 118/Ерос/Танатос – Фрида/Славенка

Ерос/Танатос – Фрида/Славенка

Ерос/Танатос – Фрида/Славенка


Помеѓу Лилит и Ева
(Фрида Кало во романот за болката на Славенка Дракулиќ)

Неодамна беше преведен романот на Дракулиќ (Фрида, или за болката, Икона, 2015) кој ја содржи биографијата на Фрида Кало. Фрида е звучно име на жена која оставила жиг во историјата и уметноста. Нема да ја потенцирам како уметница, бидејќи со самото тоа што е жена, се подразбира дека е и уметница. Секоја жена, на себе својствен начин е уметница, оти од почетокот на историјата, па сè до денес и којзнае до кога, преживувањето и истрпувањето на една жена постојано во стеги и ограничувања, речиси секогаш на работ на маргините, подразбира уметност. А жените, кои успеале да се ослободат од тие стеги, или да ги направат невидливи за себе, слободно можат да се наречат маестрални. Ги имало многу, некои се спомнуваат и денес, а на некои историјата им ги заборавила имињата или намерно ги сокрила.
Една од тие жени, која историјата не можела да ја сокрие и заборави, е Магдалена Кармен Фрида Кало Калдерон, позната само како Фрида Кало. Личност која светот ја знае како жена-борец, љубовница, развратничка, комунист и сликарка. За неа, дискутабилно е дали болката ја направи позната сликарка, или сликањето ѝ ја направи позната болката. Дали во идеологијата најде излез или ѝ беше само влез до животот на Диего?

Познато е дека Eросот (спознанието на телото и телесноста и искусувањето на сексуалноста) го предизикува Танатосот (смртта). Будењето на Еросот го предизвикува будењето на Танатосот. Но во случајот со Фрида е обратно, Танатосот ѝ го разбуди Еросот. Прво ја почувствува близината на смртта па потоа ѝ се создаде копнежот по Еросот и таа нескротлива сексуална жед, која на почетокот лакомо ја задоволуваше. Ѝ се разбуди еросот, но не во правец само на таа еротска љубов, туку како копнеж и желба по сè што може да добие од животот. Во сè оставаше свој белег и душа, но нејзината појава е погрешно толкувана. Ликот на Фрида асоцира на болка и страдање, што е сосема погрешно. Тоа што прво го разбуди Танатосот, не значи дека помалку живеела и помалку била среќна од некој друг, бидејќи ако се погледне подлабоко во историјата на нејзината болест, ќе сфатиме дека вкусувањето на танатосот го направи уште поголемо тоа препуштање во еросот. Не за џабе се смета дека еден од изворите на филозофијата се „граничните ситуации“. Фрида сама по себе е една филозофија чие архе не е ниту сликањето, ниту Диего, туку болката. И свесна за значењето на болката уште од дете, своеволно се наваќаше и запаѓаше во неа.
Случајно или не, една жена ќе се пронајде речиси сосема во болката, а можеби и животната судбина на Фрида Кало. Но, како и секоја жена, жедна по својата оригиналност, таа својата болка нема да ја прикаже преку сликање. Нема да слика поради болката, туку ќе пишува за неа, а можеби и од неа. Таа жена ќе напише роман за животот и преживувувањето на Фрида Кало, која со физичката болка се соочува уште како дете, а со психичката и порано. Романот кој ќе го напише Дракулиќ, зборува за една реална и одблиску набљудувана животна приказна. За тоа, со што и како се соочувала Кало – за нејзината приказна да биде позната. Пишувајќи за очигледното и познатото, на суптилен начин ќе го прикаже и тоа помалку очигледното, што всушност е поважно за судбината на Фрида. Точка на совпаѓање, која ги поврзува овие две жени, таа од романот и таа што го пишува романот e болката, па оттука и романот (во оригинал) носи наслов „Фрида или за болката“. Тој искрен и близок опис на болката, Славенка го прави бидејќи и самата таа (а зарем не сме сите?), честопати седела сама, во иста просторија со болката. Изморена од тоа да биде сама со својата болка (има неколку операции, развод и абортус зад себе), ќе се инспирира од болката на Фрида и нејзиниот лик, да ја покаже на светот сопствената болка и неподносливоста да се живее сама со неа. Без разлика дали се доживува како афект или како насушна сушност, болката е во постојан допир со битието. Најчесто како неизбежна компонента од суштествувањето. Иако свесни за нејзината минливост, понекогаш нејзиното присуство делува како вечност. Ублажување на болката често наоѓаме во помислата дека не сме единствени кои се соочиле со неа. Дека постои некој, со кој можеме да го споредиме интензинтетот на болката. Помислата дека не сме сами во лудилото, ја прави минлива вечноста на болката. Поубедлво е кога сме набљудувачи на туѓа, нечија болка; кога сме сеприсутен набљудувач на нечиј живот па можеме да го видиме почетокот, за да знаме дека ќе дојде крајот. Така и Славенка, преку раскажуањето на туѓата болка, ја ублажуваше и забораваше својата. Важно е да се спомене дека двете жени овде, Кало и Дракулиќ, гледаат на болката од привилегирана положба, исто така и двете имаат можност (и време, а тоа е нешто што на жената секогаш недостига) на еден, аристократски начин, на изразување на болката. Затоа што имало многу жени во историјата, кои својата болка и пониженост едноставно немале шанса да ја покажат, а на тој начин и да ја намалат, што не значи дека не постоела.

АвторДијана Петрова
ПреводЕлизабета Баковска
2018-09-25T09:53:13+00:00 март 27th, 2018|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 118|