Душан Јовановиќ – Игра на судбината и на човечноста

/, Литература, Блесок бр. 55/Душан Јовановиќ – Игра на судбината и на човечноста

Душан Јовановиќ – Игра на судбината и на човечноста

Ослободувањето на Скопје на Душан Јовановиќ (Матица, 2007)
– есеј на приредувачот –

#1 Поглед насочен кон работата на Душан Јовановиќ (1939), до каде се тие граници барем засега, согледби за тој огромен и разноличен театарски и друг опус, неговата поврзаност и значајност со и за Скопје, се основната/појдовна идеја за книгата Ослободувањето на Скопје, со поднаслов Антологија – игра и судбина. Книгата, која го има насловот на најизведуваната и највреднувана драма на Јовановиќ Ослободувањето на Скопје (474 страни), ја поделив во четири дела: Душан Јовановиќ за себе: Кој сум сега?, брилијантен автобиографски запис и Дали театарот и политиката се иста работа?, есеј; Избор на драми: Ослободувањето на Скопје (превод на Гане Тодоровски), Карамазови (п. Илија Милчин), Воена тајна (п. Бранко Варашлија), Антигона (п. Маја Лапе), Ѕидот, езерото, Егзибиционист и Карајан Це (трите превод на Лидија Димковска); Тријалог: театролошките студии – Долг и искрен љубовен однос (Лилјана Мазова), Душан Јовановиќ, ослободител на Скопје (Јелена Лужина) и Театар кој зборува за човекот и само човекот (Аља Предан); Фактографија: Библиографија и театрографија на Душан Јовановиќ, Душан Јовановиќ низ фотографии и Драми на Душан Јовановиќ поставени во Македонија (седум претстави работени според пет негови драми). Издавањето на книгата финансиски го овозможија министерствата за култура на Р. Македонија и Р. Словенија, господинот Трифун Костовски и РИКО, д.о.о. Љубљана, Словенија.

Идејата за книгата е на Душан Јовановиќ, словенечки творец чии подрачја на работа се разновидни и многубројни: драма и театар, есеистика, хуманистика, сценаристика, педагогија… и многу друго што историјата допрва ќе го открива. Неговите драми се објавени на словенечки јазик, преведени се на десеттина други јазици, изведени се на словенечките, балканските, на европските и на светските театарски сцени. Наградени се и во Словенија и во други земји каде што биле поставени или прикажани на некое гостување. Најпозната, најизведувана, најпреведувана и најнаградувана драма на Јовановиќ е Ослободувањето на Скопје. На една средба во Скопје, едноставно ми ја кажа желбата да му излезе книга со драми, барем оние кои се изведени во Македонија. И одамна тоа требаше да се случи, но никој не се сетил! Јовановиќ уште пред три децении со својата драма Ослободувањето на Скопје го смести Скопје во театарската меморија на светот. Таа е и негово сеќавање на детството, на растењето во Скопје.
Душан е единственото дете родено во бракот на Љубомир (син на Ана Хрисафиду; Гркинка од Атина и на Риста Јовановиќ, Србин од Скуланово кај Липљан на Косово) и Емилија Гебер (ќерка на Фердинанд од Осиек и Марија Зеленко која е со германско-хрватско потекло). Роден е во 1939 година во Белград, растел по разни места, дефинитивно пораснал во Љубљана, таму се образувал како англист/романист и како театарски режисер, таму живее, работи, создава семејства, потомство. Како дете живее и во Скопје. Кон средината на Втората светска војна семејството на малиот Душан/Дуда се раздвојува а тој и неговата баба Ана доаѓаат во Скопје. Живеат кај Зора, ќерката на Ана која е омажена за Македонецот Георгија Потевски. Од таа денес сенишно празна куќа на Булеварот Свети Климент Охридски број 9, лево од комплексот на Владата на РМ која од пред некое време е нејзин сопственик и е најавено дека ќе биде некаков репрезентативен објект, се некогашните настани и личности/жители на куќата кои Јовановиќ ги сместува во драмата Ослободувањето на Скопје. Од под тој покрив, двор, порта (која е на насловната страница на книгата), улицата, раскрсница на Булеварот и Илинденска … се неговите сеќавања за настаните кои од визура на шестгодишник ги живее во тогашното Скопје. Тоа се оние сеќавања од кои Душан Јовановиќ во 1976/77 година ја пишува драмата Ослободувањето на Скопје. Во неа тој е шестгодидишниот Зоран, ја има баба му Ана, тетка му Зора како Ленче, тетинот Ѓорѓија, родителите, децата од маалото, Вардар…
За тоа свое време во Скопје и за она што се врежало во неговиот натамошен живот, Душан Јовановиќ (за книгава) напиша:

Скопје е градот во кој за време на Втората светска војна проживеав дел од моето детство. За Скопје ме врзуваат можеби најубавите, најинтимните спомени на моето растење и можеби најдраматичните искуства на војната, пријателството, животот. Скопје е град во кој првпат стапнав во театар. Мојата тетка Зора Потевска, која беше учителка по пијано, ме одведе во опера. Ги гледав Орфеј и Евридика. Тоа беше доживување што неизбришливо ме обележа за целиот мој живот. Надвор, во реалниот свет, дивееше војната, нè опкружуваа слики на разурнувања, од далеку се слушаше татнеж на топови, живеевме во страв, понижување и немаштија, а во театарот одненадеж доживеав некоја поинаква димензија на реалноста: хармонија на чудесни звуци, музика, духовност, светлина и убавина. Во тој миг ме допре божицата Талија и ми ја отвори вратата во волшебниот свет на уметноста. Тоа беше судбински миг, тогаш се роди мојот љубовен однос со театарот, кој сè уште трае. Ослободувањето на Скопје е сеќавање на моето растење и веројатно мојата најдобра драма.

Душан Јовановиќ официјално во и со театарот е од 1963 година, кога се појавува неговата прва драма Претстава нема да има, а следната година, во сезоната 1964/65, во тогашниот Студентски актуелен театар во Љубљана, ги режира Плуг и ѕвезди, Весела игра во темно и Тигар. Низ бројки, речиси фрапантен е податокот дека оттогаш напишал 23 драми, режирал околу 130 претстави, објавил 5 книги со есеи, еден роман, драматизирал 4 големи светски класични романи, неколку новели, напишал ТВ и радиодрами и сценарија, образувал десетици студенти по режија и глума… Театрологот Аља Предан (Словенија) во својот текст во книгава, констатира /… / Значи дека тој човек во тие 14.600 дена на својот творечки период ниту спиел, ниту јадел, ниту пиел, ниту бркал женски …, дека, накусо, воопшто не живеел. А тоа, се разбира, ни оддалеку не е точно /… /. Освен што често ги режира своите драми, тој е сведок и на преводите на истите кои се објавени на англиски, германски, француски, италијански, унгарски, полски, српски, хрватски, македонски и на други јазици.
Времето на етаблирањето во долгиот и искрен љубовен однос со театарот, Душан Јовановиќ како драмски автор и како режисер го започнува со радикални формалистички експерименти. Тоа е и време на светскиот анти-малограѓански бунтовнички бран, лоциран во шеесеттите години на минатиот век. И драмите и претставите, и сè она што паралелно го работи, го имаат бунтовничкиот дух на времето и животот на неговата генерација: јуришаат на табу-темите, ги отвораат просторите на слободата, ги проблематизираат идеолошките спојки и потребата за упростување на оптоварената стварност. На пример, неговата најпозната од тоа време Пупилија, тато Пупилио и Пупилчињата (1969) се занимава со популарната култура (како естетика и политичка субверзија) и како одговор на политичката вистина зад која стојат разни тривијалности кои ги има и во другите негови драми и претстави од тоа време: хороскопи, празни разговори, фото-романи, голотија и еротика.

2018-08-21T17:21:16+00:00 август 3rd, 2007|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 55|