Границите на јазикот – граници на светот?

/, Блесок бр. 05, Литература/Границите на јазикот – граници на светот?

Границите на јазикот – граници на светот?

Меѓу клучните и најчесто цитирани ставови од делото на водечкиот мислител од областа на логиката и философијата на јазикот во дваесеттиот век – Лудвиг Витгенштајн, спаѓа и ставот 5.6 од неговиот Логичко-философски трактат, кој гласи: „Границите на мојот јазик ги означуваат границите на мојот свет“1F. Овој кус есеј претставува обид да се развијат извесни консеквенци имплицирани од овој прочуен филозофски диктум, кои напати ги пробиваат границите наметнати од строгата архитектоника на Трактатот – „библијата на логичкиот позитивизам“.
Една од најпровокативните поенти кои произлегуваат од идејата за идентичноста на границите на јазикот и светот, е фокусирањето на вниманието врз т.н. трансцендентална димензија на јазикот. Locus classicus во поглед на дефинирањето на поимот на трансценденталното, како и неговото воведување во супстанцијалниот корпус на подоцнежните философски теории, претставува Кантовата формулација од Воведот кон Критиката на чистиот ум, која гласи: „Трансцендентално го нарекувам она сознание кое не се занимава со предметите, туку со нашето познание на предметите, доколку тоа е можно а приори“2F. Освен моментот на априорноста, односно независноста од конкретните објекти на познанието, трансценденталните форми поседуваат уште еден исклучително значаен капацитет: имено, тие го овозможуваат и омеѓуваат севкупното човечко искуство, на тој начин што вршат систематско поврзување на емпирискиот материјал во суредена и осмислена сознајна целина, наречена „свет“. Кантовите анализи се концентрирани врз просторот и времето како чисти форми на сетилноста („интуицијата“) и категориите (на квантитет, квалитет, релација и модалитет) како форми („чисти поими“) на разумот. Според Кант, „сите сетилни интуиции потпаѓаат под категориите, како единствени услови под кои е можно нивната мноштвена содржина да биде обединета во една свест“3F. Тој, исто така, му посветува особено внимание на судот, чија логичка функција ја согледува токму во „обединувањето на мноштвената содржина на дадените претстави во една аперцепција“4F.

Но доколку го поместиме изворниот епистемолошки контекст на Кантовата формулација на проблемот на трансценденталното, и неа ја екстраполираме врз нивото на јазикот сфатен како комплетен симболички систем, интелектуалниот потенцијал на оваа идеја започнува да се открива на неочекуван начин. Имено, термините „категории“, исто како и „судови“ („искази“, „пропозиции“) претставуваат елементи на основниот логичко-лингвистички концептуален апарат, уште од времето на Аристотел5F. Контроверзата околу вистинската природа на категориите – имено, дали тие претставуваат ментални, или чисто лингвистички ентитети, или обете истовремено – оставила длабоки траги во историјата на логичко-философските идеи. Без претензии за нејзино повторно отворање, сепак би го потенцирале фактот дека компликуваната структурна мрежа на јазикот може да биде конструирана и оспособена да ги извршува своите многубројни функции единствено благодарение на лингвистичката формулација на категориите, како најопшти поими под кои се подведува и систематизира целокупноста на она што е, на човековото внатрешно и надворешно искуство.
Во светлината на овие сознанија, употребата на јазичниот систем се покажува како неопходен услов за самото практикување на човековата сознајна моќ. Од аспект на когнитивната димензија на јазикот, се чини дека сето она што воопшто може да влезе во хоризонтот на човечкото искуство е веќе лингвистички посредувано, прекршено низ сложената категоријална мрежа на јазикот, определено од нејзината пропусна моќ да изолира и именува определени феномени, подарувајќи им го привилегираниот статус на „постоечки нешта“. Во својот брилијантен есеј „Кантовите анализи на трансценденталното како антиципација на лингвистичкото толкување на светот“, проф. Ферид Мухиќ ја разоткрива суптилната мисловна патека која неизбежно води од Кантовата трансцендентална философија до лингвистички инспирираните интерпретации на фундаменталните философски концепти. „Повеќе нема потреба да го истражуваме светот, бидејќи тој е веќе посредуван преку формите на нашата сетилност. Доволно е да ги истражуваме овие чисти форми, или, доколку сакаме комплетно знаење, мораме да ги истражуваме поимите, бидејќи тие се супстрат на манифестираната сознајна моќ. А поимите се веќе обликување на зборовите, нивно ‘ртење, тие се дури и самите зборови.
Така, откритијата за светот стануваат мошне блиски со откритијата за јазикот, или, што е едно исто, за поимите… Бидејќи светот на поимите повеќе не реферира на некаков објективен, независен свет, туку на нашата „верзија“ на тој свет, структурата на јазикот може наполно да се подведе под структурата на светот, и обратно“6F. Иако, според проф. Мухиќ, оваа варијанта на идејата не следува директно од Кантовите тези, таа сепак е заснована врз прифаќањето на неговите фундаментални резултати.
Тезата за структурната сродност на фундаменталните елементи на светот и клучните елементи на јазикот, како што истакнува проф. Мухиќ, е вградена во текстуалното јадро на Витгенштајновиот Трактат, на мошне маркантен начин. Така, наспроти Витгенштајновата индиферентност кон тоа „дали неговите мисли претходно ги мислел и некој друг“7F, постои силна поткрепа во прилог на тезата дека тој, всушност, многу му должи на Кант, во најмала рака, поради Кантовото отворање на широката трансцендентална перспектива. Но под заводливата површина на овие аналогии, многу значајни разлики можат да останат неоткриени.
Најнапред, Витгенштајновата експлицитна употреба на термините „трансцендентално“, „а приори“, како и на изразите „неподложна на противречност“, „му претходи на секое искуство“, итн., е речиси исклучиво поврзана со неговото сфаќање за логиката. На пример „Логиката е трансцендентална“ (6.13)8F. „Сите искази, како што се законот за каузалитетот, законот за континуитетот во природата, итн., се а приори интуиции на можните форми на исказите на науката (6.34)9F. „Тоа што логиката е а приори се состои во фактот што ние не можеме да мислиме нелогично“ (5.4731)10F. „Логиката му претходи на секое искуство – дека нешто е така“. (5.552)11F.
Витгенштајн се обидува да ја докаже невозможноста да ѝ се противречи на логиката укажувајќи на невозможноста да се каже како би изгледал еден „нелогичен свет“; на овој начин, тој директно упатува на тесната поврзаност помеѓу логиката и јазикот. „Да се претстави во јазикот нешто кое ѝ противречи на логиката, е исто толку невозможно како и во геометријата, со помош на нејзините координати, да се претстави фигура која им противречи на законите на просторот“ (3.032)12F. Имајќи ги на ум сите овие забелешки, би било разумно да се очекува дека во рамките на Витгенштајновите мисловни конструкции, трансценденталната одлика на јазикот, како систем управуван од а приори логичките правила кои ја определуваат текстурата на мрежата фрлена врз реалноста, ќе биде јасно фиксирана и разработена. Ова очекување, во крајна линија, е поткрепено и од самата Витгенштајнова формулација за коинциденцијата на границите на јазикот и границите на светот.

#b
1. Ludwig Wittgenstein, Tractatus Logico-Philosophicus, London, Routledge and Kegan Paul, 1958, p.149.
2. Immanuel Kant, Critique of Pure Reason, transl. By J. M. D. Meiklejohn, London, G.Bell and sons, 1924, p.16.
3. ibid., pp. 88.
4. ibid.
5. во врска со оваа поента, видете ја фуснотата на стр. 65 од цитираниот превод, која всушност претставува навод од Хамилтоновите Essays and Discussions, и се занимава со разликата помеѓу Аристотеловата и Кантовата концепција за категориите.
6. Ферид Мухиќ, Кантове анализе трансценденталног као антиципација лингвистичког тумаченја света, Theoria, 2/74, п.226
7. ibid., p.226
8. Wittgenstein, op.cit., p.27
9. ibid., p.169
10. ibid., p.173
11. ibid., p.129
12. ibid., p.145

2018-08-21T17:22:13+00:00 октомври 1st, 1998|Categories: Есеи, Блесок бр. 05, Литература|