Во потрага по архетип

/, Литература, Блесок бр. 26/Во потрага по архетип

Во потрага по архетип

Мојот роден град во транзиција

Во треперењето на сеќавањата за моето детство минато на љубљанските улици, јасно ги слушам стиховите, „Ако ме оставиш да се искачам малку повисоко, на Трст ќе му се восхитувам“. Секако, и јас имам пуштано летала, но змејот од песната на Отон Жупанчиќ, врвниот словенечки поет за деца, не беше направен само од тенка хартија и од трска. Во метафоричка смисла, тој ја исцрта потполноста на мојот детски хоризонт.
Живеевме во сложувалка од евтини, социјалистички згради крај реката, чии темно кафеави одрази никогаш навистина не се појавија на површината на бавната вода. Зјапав низ гранките на врбите што нежно се вееја крај реката Љубљаница, коишто денеска не постојат, можеби затоа што Јосиф Плечник, водечкиот архитект на мојата земја чиишто дела го имаат обликувано најголемиот дел од изгледот на центарот на главниот град на Словенија, ги има сфатено врбите како визуелна илустрација за наведнатите перачки, една слика од неповратно заминатото минато. Кога гледав низ врбите и кога се обидував да ги замислам невидливите светови во коишто се случиле изворни драматични авантури достојни за мојот копнеж, никогаш не задоволувајќи се со едноставната реалност на дофат на раката, јас навистина го гледав италијанскиот град Трст, со неговото големо пристаниште и со бескрајноста што морето ја ветуваше. Веќе како дете имав ограничени концепти, во согласност со силата на неопходноста, обликувана од сиромаштијата на моите родители и од политичките ограничувања на „мекиот“ комунизам на Југославија, земја во којашто живеевме. Поради таквите ограничувања, дури и патувањето во блискиот Трст буквално значеа влегување во друг свет. Овде не мислам на таквите ограничувањата, иако не ја порекнувам нивната моќ. Мислам на моето прифаќање на замаглените, никогаш потполно исчезнати а секогаш-кревки сеќавања коишто се вкотвени во детството, исполнети со првобитни слики, слики од минатото. Кој не би ги разбрал? Токму уметничката визија најчесто се храни со изгубениот рај на детството, бидејќи симболичките архетипови биле оформени во она што го наведува поимањето на сегашниот момент. Се обидувам да испуштам што е можно помалку можности за согледување на ова делување: како архетипите се сопоставуваат со сегашното користење на времето и ориентацијата во просторот. Таквите можности излегуваат на сцена кога си играме со и кога се грижиме за децата.
Јас имам три; за сите три, словенечниот по татко им и американскиот англиски по мајка им, се исти иако нивната употреба се приспособува според моментната погодност на речникот и флексибилноста на описите. Така, тие трчаат низ дворот заедно со змејот на Жупанчиќ и низ рефрените на “London bridge is burning down” од англиската и “itsy bitsy spider” од американската песна му помогаат на сонцето да ја исуши пајажината која се распослала врз другите покриви и кон другите мостови. Хоризонтите на моите деца незапирливо стигнуваат подалеку од Трст. Тие се спонатно удвоени, потенцијалот за нивните можности и желби е зголемен, а симболичната топографија на нивниот свет е многу поширока. Глетката на плодната околина и чувството на неограничена моќ во вечното враќање на сончевите зраци – сè повеќе сум уверен во тоа – едноставно се столбови коишто ја потпираат нејаката архитектура на душата. И, токму онака како што на душата ѝ требаат пејзажи на слобода за доволно внимателно да се подготви за неодминливата болка и за потенцијалната убавина на знаењето, удвоениот идентитет се шири во многу насоки, брзо отворајќи ги вратите кон непознатите соби, се повлекува, и секогаш трага други, зашто – вонтериторијална каква што е – нејзината врска со само една димензија исчезнува.

Првото искусување на метрополата

Роден сум во Љубљана, град со тесни улички и со умерена срамежливост на фасадите коишто „сонувале на германски“, како што велам во мојата книга песни „Нетрпеливи моменти“. Овде сум израснал, љубљанските училишта ми го дадоа моето универзитетско образование, моите странствувања започнаа од овде, и низ прстенот на буржоаските куќи под клекнатиот замок и по бреговите на мрзеливата река неодминливо го согледувам – речиси противно на мојата волја – искуството на пулсирачките архитектонски, културни и социјални сили коишто ги збунуваат луѓето во странските градови. Треба да се каже дека, барем за мене, архетипот на градот извира од најраните искуства за нешто коешто долго време го претставувало единствениот модел на урбаниот ритам, извира од Љубљана.
Сепак, моето прво искусување на „метропола“ е југословенско. Мислам дека сè уште се сеќавам на возбудата од влегувањето на нова територија, иако половина живот ме дели од првата средба: како полни усни на малку вулгарна но крејно сензуална девојка, улиците на Белград ме заведуваат со ветувања за можности за романса и ми ја зголемуваат блискоста со балканската мудрост, за која што “fin-de-millennium” ќе се сеќава само по военото лудило на српската националистичка мегаломанија. Тоа изнурнува пред нас низ превезот на безнадежната немоќ пред катастрофата на етнички чистите идентитети коишто Белград ги остваруваше во војните за распадот на Југославија. Како и да е, сè уште добро се сеќавам на моето прво пристигнување низ кањонот на веќе избледените палати, коишто, како што ми кажаа подоцна, архитектонски го пресликувале кањонот на Сутјеска, местото на славната партизанска битка против нацистите пред половина век:; потоа низ широката авенија „Теразије“, надолу по булеварот, уживајќи во разнобојниот одмор на flaneurs; прошетка крај хотелот Москва, каде што остарениот доајен на српската литература, писателот Милош Црњански, живеел до смртта, по неколку-децениска емиграција на Британските острови. Не сум сигурен, но можеби токму поради депресивната сила на сосотојбата наречена „егзил“ од страниците на Роман за Лондон не останав во Америка кога многу години подоцна го следев повикот на странските земји под широкото небо на студентските авантури. Нема смисла да се глуми незнаење или, што е уште полошо, политички мотивирана амнезија: бев фасциниран од градот. Тој го претставуваше сето она што Љубљана не беше. Белград ми го пружи првото искусување на опасен и возбудлив космополис кој што со својата смеса на ориентални и окцидентни навики постојано преобликуваше најразлични личности и обичаи, припојувајќи ги во живиот, иако на моменти тескобен, колаж на самодоверба. Тоа беше особен „начин на битисување“ којшто Виена, на пример, не можеше да ми го пружи, а ниту, пак, го очекував од тој хабзбуршки град, иако историски, социјално, географски, а веројатно и ментално, им е поблизок на Словенците како седиште на кралското семејство коешто, повеќе или помалку, посотојано владеело со словенечката земја во изминатите пет векови. Свесни за ограничувањата на нивниот дом, урбаните карактери во словенечките играни филмови бегаа само до брегот на Јадранското Море, од каде што копнежливо зјапаа кон далечните странски светови; во меѓувреме, небричените белградски мангупи бесрамно се пентареа на легендарниот Симплон Експрес за да го освојат Париз. Овој мал проблесок на уметничка метафора сам по себе покажува колку се ограничени духовните хоризонти на Љубљана.
Специфично, Љубљана нема позначајна традиција на космополитизам којшто би филтрирал од крајно тенките слоеви на секоја нова градска елита кон пошироките маси коишто овде живеат. Сепак, по почетната депресија, при којашто копнеев по други реки и по други замоци, ова отсуство на космополитска традиција на некој начин ме ослободи. Ми требаше многу време да сфатам дека ако Словенците немаат космополитска традиција и креативна самодоверба којашто е нејзина придружничка, човек мора самиот да создаде таков вид на митологија.

Криза на идентитетот

Љубљана, којашто стана главен град пред само една деценија, по осамостојувањето на Словенија, односно седиште на влада на една независна држава, живее во мене – откорнатик во Гутенберговата галаксија – низ една постара, дури древна перспектива на креативната имагинација, имено, низ растечката идиосинкратска селекција на литературните поглавја коишто ја оцртуваат симболичката иконографија на просторот во кој – голема амбиција за едно родно место, признавам – сите градови успеваат, макар при само едно трепкање на окото, да се препознаат.
Конечно, поетската чувствителност се раѓа во длабоко интуитивната убеденост дека градските ѕидови ја означуваат последната граница на познатото, дека, на некој начин, самиот град е целиот свет; дека единственото место достојно за живот е некој вид на трансцендетален “imago mundi”. Затоа, да се биде дома во град каде што небото и земјата се среќаваат е егзистенцијална реалност; да се биде дома во град којшто нуди исконско, набиено со емоции, исполнето со авантури, па затоа и фундаментално искуство за место; да се биде дома во град каде што сè си има свое име, магична картографија на заграб плоштади, три или четири главни улици и анонимни агли на провинцијалното гнездо коешто е главен град на мојот интимен свет откога претставува крепост на боговите – оваа картографија постојано ме следи по булеварите на странските метрополи каде што копнежот по „нешто друго“ повторливо ме тера неуспешно да го откривам „истото“ со болна наслада од времето што минува. Накусо, јас трагам по исконско место коешто ги има значењето и тежината на архетипот.

2018-08-21T17:21:49+00:00 мај 1st, 2002|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 26|