Влијанието на онтологијата врз филозофијата на политиката во Античка Кина

/, Литература, Блесок бр. 29/Влијанието на онтологијата врз филозофијата на политиката во Античка Кина

Влијанието на онтологијата врз филозофијата на политиката во Античка Кина

Владеењето со државата

Во западната филозофија на политиката се говорело за различни видови на владеење. Едни како совршен начин на владеење ја истакнуваат монархијата, други демократијата итн. Во античка Кина меѓутоа, не постојат поделби од таков тип. Она во што сите политички учења во Кина се согласуваат е дека постои само еден совршен начин на владеење, а тоа е монархијата. Целите на државата, според трите учења кои веќе ги наведовме на почетокот од претходното поглавје, треба да бидат задача на владетелот кој ќе ги спроведе меѓу луѓето. Така, конфучијанскиот владетел има за задача да ги развие меѓучовечките односи и да придонесе за правилно применување на етичките норми. Таоистичкиот владетел не смее да се вмешува во животот на луѓето туку само да ги насочува во нивниот самостоен развој. Задачата на моистичкиот владетел е да ја прошири универзалната љубов на сите луѓе и да придонесе што поголем број луѓе да бидат среќни. Она што нас тука нè интересира е како онтологијата на овие школи влијаела врз учењата за владетелот.

a) Конфучијанизам

Уште многу векови пред Конфучие и Лао Це, кога религијата играла голема улога во општеството, се верувало дека владетелот се назначува од Бог. Така во Книгата на историјата се вели: „Нека кралот биде вице-регент на Шанг Ди10F и нека се зафати со должностите негови“.11F Во Книгата на песните пак стои: „’Небото’ бара некого да му ја додели власта“.12F Поради тоа што владетелот својот мандат го добива од Небото, тој се нарекува Син на Небото. Уште многу искази слични на овие можат да се најдат во предфилозофската литература на Кина. Монархијата е авторизирана од Небото и тоа заповедува кој ќе биде владетел со тоа што избира некој сличен на него, мудар и добар. Конфучие оваа повелба на Небото ја нарекува мандат. Владетелот го прима својот мандат од Небото и Небото може да му го одземе. Небото му го дава мандатот на оној кој смета дека е способен за владеење, а луѓето треба да ја почитуваат таа негова повелба. Доколку владетелот не ја исполнува својата задача совесно, Небото го предупредува. Но, ако владетелот не го послуша Небото, тогаш тоа му го одзема мандатот и поставува друг владетел. Секој владетел го подготвува својот син да го замени по неговата смрт, но тоа не значи и дека тој одлучува за тоа. Таа одлука ја има само Небото. Доколку владетелот не го подготви доволно синот да го замени или се обиде да прогласи некој кој не е соодветен за владеење, Небото го префрла мандатот на друг и со тоа настанува нова династија. Небото тоа го прави со тоа што ги поттикнува луѓето на револуција и доколку револуцијата е успешна тоа значи дека Небото го одземало мандатот на еден владетел и го доделило на друг.
Владетелот ги знае повелбите на Небото. Менцие вели: „Оној кој целосно го развил својот ум, ја знае својата природа. Оној кој ја знае својата природа, го знае Небото.“13F Според тоа владетел може да биде само оној кој го знае Небото.

б) Таоизам

Основната замисла на таоизмот е дека владетелот треба да се моделира според Тао. Бидејќи Тао делува спонтано (у уеј) владетелот треба да го следи неговиот пример и да примени у уеј. Едно такво спонтано владеење или владеење според у уеј значи дека не се поставуваат многу закони, правила, забрани, церемонии итн., туку се тежнее кон што поедноставно владеење во согласност со едноставноста на Тао. Тоа најдобро го искажува Лао Це кога вели: „Колку повеќе рестрикции и забрани ќе има во светот, толку посиромашни ќе бидат луѓето. Колку повеќе остри оружја ќе се произведуваат, толку повеќе проблеми ќе има во државата. Колку повеќе вешти занаетчии ќе има, толку повеќе вешти измами ќе се појават. Колку повеќе закони ќе се постават толку повеќе крадци и разбојници ќе има.“14F Како што можеме да видиме, како што Тао не употребува сила во светот, така и владетелот не треба да употребува сила во државата. Владетелот не треба да го притиска народот туку да го остави да се развие сам, а тој само треба да го насочува.

в) Моизам

И моизмот го прифаќа сфаќањето дека владетелот е Син на Небото. Добар владетел е оној кој се раководи според Волјата на Небото, а лош оној кој неа ѝ противречи. Владетелот мора да владее онака како што му налага Небото. Мо Ѕ вели: „Владетелот не може сам да создаде правила. Небото му ги дава правилата. Вишите луѓе разбираат дека владетелот ги создава правилата на светот, но не разбираат дека Небото му ги доделува правилата на владетелот.“15F Затоа никако не смееме да не се согласуваме со владетелот бидејќи неговото однесување ја претставува Волјата на Небото. Да се противречи на владетелот значи да се противречи на Небото и тоа е сериозен престап. Според тоа, моизмот ја застапува идејата за апсолутна монархија затоа што владетелот е назначен од Небото и како што Небото е апсолутен владетел на светот, така и владетелот е апсолутен владетел на државата.

#b
10. Терминот Шанг Ди значи Врховен Владетел и се употребувал за означување на врховното божество. Денес со овој термин се означува Бог од западните религии.
11. Yutang, Lin, The Wisdom of China and India, The Modern Library, New York, 1942, p. 739
12. Alexander, G. G., Confucius the Great Teacher, Kegan Paul, Trench, Truber & Co., London, 1980, p. 323
13. The Book of Mencius, 7A, 1, in A Source Book in Chinese Philosophy, p. 78
14. Lao Tzu, ch. 57, in A Source Book in Chinese Philosophy, p. 166
15. The Works of Motse, trans. Y. P. Mei, p. 152

АвторАлександар Стаматов
2018-08-21T17:21:45+00:00 ноември 1st, 2002|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 29|