Вечен фашизам

Вечен фашизам

Наспроти извесната замагленост во однос на разликите помеѓу разните форми на фашизмот, мислам дека е можно да се направи список на особини кои се типични за она што би сакал да го наречам Ур-фашизам, или Вечен фашизам. Овие особини не можат да бидат организирани во систем – многу од нив се контрадикторни една на друга. Исто така, тие се типични и за некои други форми на деспотизам или фанатизам. Но, доволно е една од нив да е присутна за да се дозволи на фашизмот да коагулира околу неа.

1.

Првата особина на Ур-фашизмот е култот на традицијата. Секако, традиционализмот е многу постар од фашизмот. Не само што тој бил типичен и за контрареволуционерната католичка мисла по Француската револуција, туку бил роден во доцната хеленистичка ера, како реакција на класичниот грчки рационализам. Во зоната на Медитеранот, луѓето кои припаѓале на различни религии (мнозинството од верите кои ги прифаќал римскиот пантеон) почнале да сонуваат за откровение кое било примено во зората на човечката историја. Ова откровение, според традиционалистичката мистика, долго време останало скриено под превезот на заборавени јазици –во египетските хиероглифи, во келтските руни, во записите на малку познатите азиски религии.
Оваа нова култура требала да биде синкретистичка. Синкретизмот не значи само, како што вели речникот, „комбинацијата на различни форми на верување или делување“, туку и дека таа комбинација мора да толерира и контрадикции. Секоја од првобитните пораки содржи зрнце од вистината, и иако личи дека тие кажуваат различни или некомпатибилни нешта, сите тие демек, во основа, алудираат, алегориски, на истата примална вистина.
Како последица, ваквите култури не дозволуваат напредок во учењето. Според нив, вистината е веќе искажана, еднаш засекогаш: најмногу што може да сториме е постојано да ја интерпретираме истата порака.
Ако ги разгледате полиците кои во американските книжарници се означени со Њу Ејџ (New Age), ќе најдете книги и од Свети Августин, кој, колку јас што знам, не бил фашист. Но комбинирање на Свети Августин и Стоунхенџ (Stonehenge) е знак на Ур-фашизам.

2.

Трационализмот имплицира отфрлање на модернизмот. И фашистите и нацистите ја обожавале технологијата, додека традиционалистичките мислители обично ја отфрлаат како негација на традиционалните духовни вредности. Сепак, иако нацизмот се гордеел со своите индустриски достигнувања, неговата пофалба на модернизмот била само на површината на идеологија изградена врз крв и земја (Blut und Boden). Отфрлањето на модерниот свет било преправено како неодобрување на капиталистичкиот начин на живот. Просветителството, или ерата на Разумот, ја гледале како почеток на модерната морална корупција. Во оваа смисла, Ур-фашизмот може да се дефинира како ирационализам.

3.

Ирационализмот исто така зависи од култот на акција поради акција. Бидејќи акцијата се смета за убава сама по себе, таа мора да се презема пред, или без, да се размисли за неа. Размислувањето се смета за нешто што ја одзема машкоста. Затоа, културноста е сомнителна, бидејќи се идентификува со критичките ставови. Недоверба кон интелектуалниот свет од секогаш бил симптом на Ур-фашизмот: почнувајќи од тоа што омилена досетка на Херман Геринг била реченицата од драмата на Ханс Јост (Hanns Johst: „Кога и да го чујам зборот ‘култура’ посегнувам по пиштолот“) до честата употреба на изразите од типот „дегенерирани интелектуалци“, „јајцеглави“, „истрошени снобови“ и „универзитетите се гнезда на црвените“. Официјалните фашистички интелектуалци биле главно ангажирани во напаѓање на модерната култура и либералната интелигенција под изговор дека ги предале традиционалните морални вредности.

4.

Критичкиот дух прави разлики, а разликувањето е знак на модернизмот. Во модерната култура, научната заедница го промовира несогласувањето како начин да се подобри знаењето. За Ур-фашизмот, несогласувањето е предавство.

5.

Покрај тоа, несогласувањето е знак на разнообразност. Ур-фашизмот расте и бара консензус преку искористување и влошување на природниот страв од различното. Првиот апел на фашистичките движења во развој е апелот против натрапниците. Така, Ур-фашизмот е по дефиниција расистички.

6.

Ур-фашизмот се создава врз основа на индивидуални или општествени фрустрации. Затоа една од типичните особини на историскиот фашизам бил апел до фрустрираната средна класа, која e обременета со економска криза или чувства на политичко понижување, преплашена од притисокот на пониските општествени групи. Во наше време, старите „пролетери“ стануваат ситни буржуи (а лумпен буржоазијата е во голема мерка исклучена од политичката сцена), па фашизмот на утрешнината ќе ја бара својата публика кај ова ново мнозинство.

7.

На луѓето кои чувствуваат дека им е одземен јасниот општествен идентитет, Ур-фашизмот им вели дека нивната единствена привилегија е онаа најзаедничката, што се родени во иста земја. Ова е почеток на национализмот. Покрај тоа, единствените кои можат да обезбедат идентитет на нацијата се нејзините непријатели. Затоа, во коренот на Ур-фашистичката психологија е опсесијата со заговор, по можност меѓународен. Следбениците мора да се чувствуваат како под опсада. Најлесен начин за справување со заговорот е да се апелира на ксенофобијата. Но, заговорот исто така мора да доаѓа и од внатре. Евреите се обично најдобра цел бидејќи тие ја имаат предноста истовремено да се и од внатре и од надвор. Во САД, пример за ваква опсесија со заговор може да се најде во Новиот светски поредок на Пат Робертсон (Pat Robertson, New World Order), но, како што видовме неодамна, има и многу други.

2018-08-21T17:21:33+00:00 март 1st, 2005|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 41|