Варварски ли е да се пишува поезија?

/, Литература, Блесок бр. 88/Варварски ли е да се пишува поезија?

Варварски ли е да се пишува поезија?

Светот мора да има некого
да ја носи сета таа болка
и да зборува за неа.

Поетот е таа уста.

(од „Поетот како чувствувач на болката“
Ерика Џонг)

И денеска (или дури, особено денеска), поезијата останува еден од најпроблематизираните производи на човечката креативност. Која е реалната потреба на поетите за пишување поезија, која е реалната побарувачка на читателите за читање поезија, и која е улогата на поезијата во (и наспроти) историските и општествените текови и случувања? – Овие прашања денеска се исто толку горливи колку што биле и во годините непосредно по Втората светска војна, кога германскиот филозоф со еврејско потекло Теодор Адорно при своето враќање во пост-нацистичка Германија кажал дека е варварски да се пишува поезија по Аушвиц. Во првите децении на дваесет и првиот век, кога глобалната економска криза се прелева во серија политички потреси на европскиот и северноамериканскиот континент, а демократијата станува екстремно растеглива категорија (од некои наречена демократура), интерпретирана од идеологии кои во својата суштина се анахрони, прашањето кое се поставува не е многу различно од оние на Адорно – дали има смисла човек да пишува поезија, како еден интимен, индивидуален креативен чин, или, пак, со сиот свој умствен и интелектуален потенцијал треба да се сврти кон светот во еден поангажиран (и здружен) напор да го измени на подобро? Или, пак, дали поезијата треба да се сфати како нус-производ на еден екстремен (себичен, егоцентричен, самодоволен, саможив) индивидуализам, во време кога се чини дека учеството во колективниот, јавен живот (на локално, национално, или глобално ниво) се смета не само за обврска и израз на една повисока граѓанска свест, туку дури и апстиненцијата и неопределеноста во однос на тековните прашања (пак на локално, национално или глобално ниво) се чинат како грев.
Одговорите на погорните прашања и дилеми, парадоксално, можат да се најдат токму во самата поезија. Уште во 1839 година, англискиот поет Џон Дан во својата „Медитација XVII“ ќе каже дека „ниту еден човек не е остров, сам за себе, туку секој е парче од континентот, дел од целината“ и ќе додаде: „сечија смрт ме намалува и мене, зашто и јас сум дел од човештвото“. Додека од една страна, поетски, тој ја дефинира универзалноста на човечкото искуство и едноста на секој од нас со колективната судбина на човештвото, од друга, овие стихови укажуваат и на суштинската природа на поезијата – таа била и останува неизбежна потреба на човекот зборовно, стиховно и мелодиски, на свој, сопствен, индивидуален начин да го искаже она што всушност е заедничко и исто. Речиси сто и седумдесет години подоцна, палестинскиот поет Махмуд Дарвиш, примајќи го Златниот венец на Струшките вечери на поезијата во 2007 година, ќе каже: „Поезијата не е толку лесна работа, како што изгледа на почетокот… На почетокот мислев дека таа е невина игра, но тешкотиите на кои наидов поради неа ме убедија дека таа не е само тоа. Можам да ветам дека ќе продолжам да пишувам поезија зашто таа ја хуманизира историјата и гради мостови меѓу луѓето.“ Поезијата тука, во овие зборови на Дарвиш, се открива не како осаменички, индивидуален чин на изолација од светот, туку, напротив, како автентичен израз на поетот за комуникација со тој свет, и обид врз него да се влијае. Поезијата е своевиден протест на поединецот против униформноста на колективизацијата на совремието која автократски и грубо му наметнува не само „општествено прифатливи“ каузи, туку и „општествено прифатливи“ начини на залагање за тие каузи. Таа [поезијата] е посегање кон примордијалната, примарната мелодија на јазикот како алатка за индивидуализација на активизмот, и за едно подлабоко хуманизирање на често манипулираните концепти на демократија, граѓанство и слобода. „Живеев под окупација,“ вели Дарвиш, „и тогаш пишував за да се ослободам со помошта на зборовите.“
***
И на крај – каква треба да биде поезијата што се пишува денеска? Кога ќе го запрашав мојот малечок син, загледан во некое детско лице на телевизија што е тоа, тој секогаш ми го даваше истиот одговор – дете! Лицата на децата секогаш беа различни, помали, поголеми, женски, машки, бели, црни, но, додека јас со моите возрасни очи ги гледав нивните разлики, тој во нив го гледаше истото – дете! Ете, таква треба да биде вистинската поезија, да нè направи пак да бидеме деца – низ сите тие различни стихови до нас да допре истото, а сепак секогаш одново да нè маѓепса.

2018-08-21T17:20:50+00:00 февруари 23rd, 2013|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 88|