Балканот вон балканалиското насилство на едно-националноста

/, Литература, Блесок бр. 51/Балканот вон балканалиското насилство на едно-националноста

Балканот вон балканалиското насилство на едно-националноста

Непријатниот факт дека на Милошевиќ во Хаг не можат да му се префрлат злосторствата сторени пред потпишувањето на Дејтонскиот договор, бидејќи ова во вителот на судската постапка и персекуција би ги повлекло и сите други потписници на овој договор (на пример САД, кои веќе од Бејкеровата посета на Белград, вечер пред почетокот на војната во Словенија, играа сè уште необјаснета улога), говори за страшниот факт дека сторените злочини се групно дејство на сите актери, коишто ја заверија затечената состојба на нештата со договорот во Дејтон (односно што го условуваа веќе претходно со разговорите во Женева). Дејтон веќе во основа го превртува судењето во Хаг на глава. Дали некогаш некој ќе му суди и на Шарон за очигледните злочини (на државниот тероризам), кои под превез на борба против палестинските терористи ги практикува на окупираните територии?1F Дали можеме да напишеме дека се сомневаме во етички сомнителните воени акции на окупираните територии? Никако не сакаме да се заплетеме во интерпретативни јамки, што вештите прекројувачи на фактите (демагози) и нивните некомпетентни локални празноговорници и апологети се обидуваат да ни ги наместат околу вратот. Постмодерната парадигма на рамноправноста на интерпретациите во отсуство на која било вистина, може да оди во неповрат. Имено, сосема јасно е дека не е сè само во интерпретација. Зад овој наметнат академски аргумент дејствува присилата на моќта. Сета онаа историја по „крајот на историјата“ ја пишуваат оние коишто имаат можност да објавуваат, информираат, коишто имаат надзор или, како што се вели, пристап до медиумите. Но тоа уште не мора да биде причина за умниот човек, кој мисли со своја глава, да се откаже од внимателно промислување и промислено постапување. Сетете се на околностите од времето, кога во светот на „цивилизираните“ Западњаци од германското говорно подрачје доминираше идеолошкиот дискурс на момчето од Штубајската гора со име Адолф Сигелгрубер. Дали беше тогаш умно да се размислува со своја глава? Дали во поцелосна смисла е доволно човекот да се преобрати кога ќе се променат политичките прилики, и да се покае, оти лажниот имиџ со кој се поистоветуваше и го искористуваше експлодира заедно со институциите на моќта во коишто соработуваше? Различни луѓе одговараат на поставеното прашање на различни начини. Секако дека во етичкиот став, кој се разминува со доминантните очекувања на средината, може да се бараат остатоците на проблематичниот хуманизам, а со прецизна и злокобна анализа во него да се бараат нихилистичките извори на злото, што божем се сокриле во темелот на горештото слободоумие, кое не сакаше и не можеше да им се приклучи на балканалиските оргии на мнозинството. Но, дали навистина е така? Кое е она темелно искуство, што на поединецот му овозможува да им се измолкне на клештите на основната фантазма за добриот Запад и за неговата непрекината двесте и педесет годишна традиција на демократијата, без притоа да падне во уште полош терор, како на пример Езра Паунд, којшто поради отпорот кон лажното преправање на сопствената средина непромислено и трагично се зазел за идеалите на фашизмот? Дали сè уште е можно да се бара одговор кај Исус Христос и присуството на Божја волја во човекот тука и сега? Прашањево го поставуваме на ниво на лично искуство, а не на некоја празна или погрешна идентификација со фантазмата која стапува на местото на предметот на нашата мисла. Прашањево, на крајот од краиштата, предупредува на онаа темелна „теолошка“ разлика меѓу две од четирите на Балканот присутни религии за Исус Христос како за Божји син, или како за човек кого го посетил духот Божји (останатите две го сметаат само за пророк). Да ги оставиме на страна рационалните толкувања и за миг да застанеме во кралството на недопирливото искуство, кое можеме да го означиме како религиозна инспирација. Да му се поклониме на нашиот противник и да му ја признеме неговата вистина. Да посегнеме таму каде што не може да се посегне, да го откажеме своето незнаење и да се отвориме за она што доаѓа однадвор. Дали може на ваков начин да се одговори на прашањето за човекот како социјално битие, како некој којшто праведно и соодветно ја преобликува својата планета? Дали е можно од кругот на битијата да се испуштат кравите, лавовите, тревките, дрвјата, реките, облаците и планетата како таква, во целост? Малку поназад би требало да биде спомнато вклучувањето, но каде е сега во сиот овој простор за човекот, кој не се задоволува само со групното кревање бучава на фудбалскиот стадион или со неконтролирано опијанување во тесните улички на стариот град. И сега, клучното прашање, какви алтернативи се можни таму каде што принципот на вмешување во текот на нештата веќе значи насилно дејство? Дали Балканот може да претставува свет кој ги отфрлил сите партикуларни основни ликови на Едниот, свет надвор од Еден Лик, формиран во преплетот на човечките односи во полето на препознавање на другиот како себеси, значи во прифаќањето на поинаквиот од себе и неговите исти можности и слободи, и во очекување на еднаква сериозност во пристапот. Значи, не на сметка на другиот, туку сметајќи со него. Дали е тоа доволно?
Да го оставиме, за сега, на страна божемниот идеализам на горенаведените мисли и да му се посветиме на она што ни доаѓа од спротива. Каде да се повлече поединецот, ако сака да се врати со своите дарови, кои доаѓаат од него и кои не се само нешто посредувано, нешто туѓо, нешто што си присвоил па сега го посредува понатаму? Бидејќи средината – и тука повторно размислуваме практично – не е резултат на идеалната, совршена историја во Хегеловската смисла (како што сака ова да го прикаже бесрамниот демагог на безобѕирниот капитализам, Фукујама), туку расцепкана низа ретардации и оркестрации на игрите и арогантноста на зла моќ што го создава непродуктивниот медиум за настаните на „истина“ (старогрчки: aletheia, нескриеност). Што значи да се биде сам? Да се симнеме до дното, започнувајќи од себе. Дали може самотијата да биде социјален квалитет, квалитетно доживување, некаков општествен императив и коректив? На споменатите мисли треба да се гледа надвор од метафизиката, надвор од принципите кои дејствуваат глобално како универзален притисок врз унифицираното поле, значи надвор од потчинувањето на идолите и на идеологиите. Дали постои некаков заеднички именител на веќе споменатите четири религии на Балканот? На пример, нешто надвор од религијата, некој длабок атеизам надвор од зборовите во непосредноста на божјото наличје тука и сега (во јазикот на религијата). Религиите, имено, го засегаат човека, а не Бога. Сè она што го нарекуваме Божјо, духовно и така натаму, може да биде само конкретна состојба на некој определен поединец. Надвор од конкретното искуство на поединецот нема ништо. Мислам дека тука може да се најде некоја одредена потпорна точка. Не во смисла на o lama, lama sabaktami – о, господе, зошто ме напушти – туку попрво зошто воопшто човекот да вика или тажи. Да се молчи и да се наостри сопствената тишина, оти оној којшто молчи е конкретен поединец. Но, тука не се работи за молкот за неправедните или подлите работи, за конформизмот или дури конзервативизмот, за приклонување кон лажните икони и наместените идоли, туку за креативен молк, од којшто никнуваат конструктивни резултати.

#b
1. Каква иронија е споменатиот факт за известувањето на Стејт Дипартментот од 2002 година за кршењето на човековите права по светот, на којшто споменатото дејствување не му се чини вредно да се забележи и од коешто тој свртува глава, бидејќи се работи за драг пријател.

АвторИсток Осојник
2018-08-21T17:21:22+00:00 ноември 27th, 2006|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 51|