Азган ангел

Азган ангел

Скулптурите на академик Томе Серафимовски

Скулптурата

Пред сè, скулптурата е чин. Повеќе од што и да е друго, таа е чин на исправање!
Во почетокот, светот опстојувал хоризонтално. Суштествата кои стоеле, не биле свесни за големината на сопствената способност. Ако кревањето на првите примати, на две нозе, е физички означен почеток на процесот на исправање, првиот скулптор е првото човечко суштество кое престанало да биде ментален четириножец.
#2 Како прва свесно издигната вертикала, скулптурата е револт против и победа над онаа египетска хоризонтала на смртта што, со иста зла коба, може да се повлече над или под животното салдо и на генијот и на никаквецот, и на лавот и на овцата. Скулпторското дело е исправен камен и прв свесен знак на решеноста на живиот, и по смртта, да остане да стои. Дабот умира стоејќи, но, исправен во својата скулптура, скулпторот стои и по смртта.
Затоа склуптурата не е – отпор! Отпорот е пасивна резистенција. Себечување. Скулптурата е – револт! Таа е револуција во својот прв и затоа најчист, дестилиран импулс. Она што е појавата на првата протозоа за занемениот свет на анорганското – волшебно радикален чин на оживотворување и интродукција на елементот Време внатре, во бездната наречена Вечност – тоа е првата скулптура во живиот универзум – Novus ordo
saeclorum!
#9 Скулптурата е излез од вегетативното. Таа не спори со пасивноста. Спротивно на растителниот свет, скулптурата не ја претвора карпата во плодна земја; не го расточува каменот. Билките не се скулптори. Тие се антиподи на скулптурата, како што скулптурата претставува негација на вегетативното. Скулптурата е радикално негирање на адаптацијата, како помиреност. Скулптурата е ерупција. Вулканите се првите скулптори.
Билките себеси се хранат со каменот – скулпторот го храни каменот со себеси! Билките му ја одземаат душата на каменот, скулпторот му ја дава својата душа на каменот. Билките го уништуваат вечниот мир на каменот. Тие му ја одземаат на каменот дури и онаа пасивна вечност низ која тој опстојува, фрлен пред капијата од овој свет; како негов онемен и одвишен придружник. Скулптурата му ја дава на каменот активната вечност со која тој влегува низ портата од овој свет, а скулпторот му ја чува неговата транстемпорална супстанција и ја надарува со Говор. Тој го донесува Големиот едикт со кој каменот се ослободува од осудата на вонвременска немост.

Скулптурата е онтолошко воспоставување на Идејата. Ако се пишува со пердув и ако се слика со влакна, се ваја со тврда острица и со тежок чекан. Ако пишувањето е одвај допир, а сликањето потег и мазнење, скулптурата е удар и засек. Ако пишувањето е одвојување од непосредната сетилност и понирање во имагинативното богатство на фантомската синестезија, и ако сликарството е интензивирана и пречистена визуелност, скулптурата е состојба на активна концентрација на сите сетила. Ако пишувањето е контемплација на идејата, а сликарството нејзина сетилна визуелна квинтесенција, скулптурата е непосредно опредметување на идејата. Таа е средиште на сета енергија, сосредоточена врз Сега и Тука. Литературата е нежност, сликарството страст – но скулптурата е еден вид коитус – конвулзивен космички коитус на духот со материјата. Actus purus ontologicus!
  Господ Филозофот го обмислил светот, но Господ Скулпторот е создател на светот!

Авторот

Томе Серафимовски е скулптор. Неговото специфично, идиосинкратско во скулптурата, е она што им е заедничко на сите големи мајстори: неговиот отпечаток на душата. Според својата ментална легитимација, скулпторот Серафимовски е примарно раскажувач. Суверен, хипнотички уверлив раскажувач.
Раскажувани во каменот и во бронзата, неговите приказни го усогласиле сопственото значење, со медиумот: зборувајќи за нештата што акумулирале епохи, на начин што ќе биде инструктивен за милениуми, тие се втиснале во материјата која опстојувала и ќе опстојува низ еони…
#4 Секоја негова скулптура магиски ја плени вашата доверба со неспоредливиот шарм, уште од првата средба. Притоа, контактот не е парцијален. Сè во вас е освоено: интелектуалниот рационален познавач, префинетиот естет, но и оној дел од вас што, крајно недоверлив, како желка под оклоп, спие во глибот на потсвеста.
Скулпторот Томе Серафимовски е заводник од голем формат. Ниту на една негова скулптура не може да ѝ се одолее. Но својата седуктивна моќ тој не ја ползува за себе, туку за да ги просветли и за да ги облагороди оние кои, магнетно задржувани, остануваат во орбитата на неговата естетичка империја.

Реализирани со суверената техничка вештина на еснафот, дотаму што каменот и бронзата, едноставно, беспрекорно ги епитомизираат неговите уметнички визии, скултпурите на Томе Серафимовски раскажуваат фасцинантни сказни за потомците на Адам. За чесноста, но и за бескрупулозноста, за достоинството, но и за сервилноста на племето човеково.
Во основа ведри и, затоа, разведрувачки, неговите скулптури се далеку од декларативноста на површен оптимизам. Практично, во секое одделно остварување, а во одредени периоди особено нагласено, ќе ја откриете и ќе ја почувствувате мрачната нота на преддилувиумска депресивност. Таа, исто така, не е програмска. Таа е елемент на иманентната ментална и интелектуална констелација на човекот-творец кој, колку добро и да го прави она со што се промовира дури и во соработник на Господ – значи создава, креира! – сепак е длабоко и непрестајно свесен за својата смртна природа. Како и античките херои кои ја имале силата на боговите, но биле смртни како што се смртни луѓето, така и нашиот Скулптор, одвреме навреме, го обзема тивка и темна тага. Со неа, колку и да е непредвидлива во појавувањето, се остварува недвосмислено предвидлив резултат: неговите скулптури стануваат поблиски, попривлечни, а низ нив проблеснува онаа метафизичка меланхолија која ги обединува сите луѓе и пред која нема одбрана, ни засолниште.
Само Осамениот Оклопник од лаките на Црна, знае така да ја испее истата мелодија, среде лето, в мугри.
#3 Во неколкуте најсилни, затоа што се најперсонални, исповедно интонирани скулптурални остварувања, Томе Серафимовски остава уметнички маестрално сведоштво за еден систематски, ритуално поентиран егзорцизам. Во допир со најтемните катчиња на човечката душа, тој повремено себеси се подложува на бескрајното талкање, на една вистинска анабаза, низ плутонските подрачја, јасно покажувајќи дека тие му се интимно познати и дека со нив другарува цел живот. На филмот, ваков формат и сроден тип творец можеби бил само Ингмар Бергман. Во литературата близок би можел да му е нобеловецот Исак Башевиц Сингер. Во овој контекст, се наметнува една споредба во која за Ингмар Бергман може да се рече дека е Томе Серафимовски во светот на филмот, а за Исак Башевиц Сингер, дека е Томе Серафимовски во региите на литературата.

2018-08-21T17:22:05+00:00 март 1st, 2000|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 13|