Епизодист

Епизодист

Затоа што беше еден од оние артисти кои живеат со несреќа во кариерата да играат единствено споредни улоги, го доби името Епизодист. Со време, тој грд назив што го отсликува човековиот неуспех во животот му стана единственото име. Подоцна, по некоја година, откако свикна на него, кога некој случајно ќе го ословеше со вистинското, дури по време, после една подолга пауза ќе сватеше дека нему му се обраќаат. Ќе се збунеше, ќе поцрвенеше, не знаејќи дали е тоа поруга или пак, ете, некој се сетил на него, на оној вистинскиот што некогаш, пред многу години, млад и надежен, стапуваше на сцената со само нему познатиот внатрешен восклик. Го вежбаше гласот, го чуваше грлото, бескрајно внимаваше на својата фигура, и во животот и на сцената беспрекорно овладеа со движењата. Телото и душата им ги посвети на театарот.
Меѓутоа, како што тоа обично се случува со талентите,така и неговиот остануваше несогледан и неразбран. Но, тоа не го очајуваше. Напротив. Се трудеше да се докаже, да блесне со заслепувачки сјај сред полумрачната бина и еднаш за секогаш да стави крај на големата неправда што од ден во ден, од улога во улога, му се нанесуваше.
По десетина ситни, незабележителни улоги, кога почна да се загрижува што сè уште не му дозволуваат да ги покаже своите вистински вредности, му го измислија понижувачкиот прекар.
Се случи тоа после една силна, неважна кавга во театарското бифе кога се трудеше на еден млад артист да му укаже на недостатоците и да го упати во тајните на глумечката вештина. Младиот артист наместо со благодарност да ја прифати оваа добронамерност, се навреди, пламна и во низата навредливи зборови што ги изговори со лутина, го спомна и зборот епизодист.
Калемот веднаш се фати.
Спонтано, како тоа да е најнормално, го завикаа Епизодист. И покрај пријателите, и ти што го сакаа, и тие што го мразеа. Можеби направи грешка што веднаш не се побуни, веднаш не стави на знаење дека не го прифаќа таквиот неправеден, дури и понижувачки однос. Мислеше дека брзо ќе биде заборавено, уште повеќе што во тоа време ја очекуваше својата голема улога. Го замислуваше ненадејниот пресврт што ќе следува по спуштањето на завесата и по долготрајниот аплауз, само нему наменет. Тогаш сите од театарот ќе треба да се покаат. Ќе му честитаат и притоа ќе мораат да смислат друго име што ќе биде достојно на неговата величина.
Но, таа улога никако не доаѓаше.
Наместо разочарување, кај него нараснуваше занесот и верувањето. Сè повеќе сцената, тој непрегледен простор на неговата иднина, му ветуваше успеси и радости, награди и слава. Длабоко во себе ги ослушуваше ракоплескањата од партерот што му ги упатуваше публиката на отворената сцена, ги слушаше зависливите погледи од другите артисти, додека неговиот, долго време вежбан реверанс, авансцената ќе значеше достоинствено оддолжување што еден голем уметник може да ѝ го изрази на верната публика.
Овие соништа од кои пријатни трпки му минуваа по телото, полека, од постановка во постановка се распрснуваа како магличави облачиња на летно небо.
Непомирен со судбината да биде единствено успешен епизодист, почна да си создава друга илузија. При секоја распределба на улогите, кога ќе добиеше некој „отпадок“, некој лик што е речиси безначаен за претставата, се заветуваше, себе, некому непознат, можеби на цел свет, дека и од таа ништожност ќе сочини блескава ролја. Затоа десетици пати го препрочитуваше текстот, потоа преминуваше на проучување на ликот. Му приоѓаше од сите страни. Репликата, се разбира беше содржана само со неколку зборови или од две три реченици, ја изговараше беспрекорно со својот мек баритон, темелно, ги вежбаше сите движења и гестови. И на најневажната улога, да речеме како тоа кога требаше да влезе од левата страна на сцената, носејќи послужавник в раце, да дојде до средината и да го остави на масата велејќи: „Господине, повелете, вашиот чај“, а потоа да излезе од десната ѝ посветуваше необично внимание.
Остануваше долго после пробите. Кога другите артисти пиеја во театарското бифе, а некои одамна веќе се опиле, тој неуморно, до доцна во ноќта ги вежбаше тие десетина чекори по сцената и стотина пати изговараше: „Господине, повелете, вашиот чај“. Околу полноќ, кога ќе дојдеше ноќниот чувар за да провери дали е сè во ред и да ги изгасне светлата тој ја прекинуваше пробата. Меѓутоа, претходно ќе го натераше чуварот да седне во партерот и неколку пати пред него ќе ја одиграше улогата.
„Доволно е“, ќе речеше суво чуварот што во меѓувреме зевнуваше, „Време е да го затворам театаров“.
Тој, очекувајќи барем збор два, пофалба или охрабрување, се сепнуваше, воздивнуваше неколку пати и се чудеше како чуварот, во кога тогаш не гледаше чувар, туку публика или барем еден нејзин дел, не е во состојба да ја согледа големината на неговиот напор. Не можеше да сфати дека луѓето имаат толку крути срца што ништо, па ни тој до совршенство доведен уметнички чин не може да ги допре. Тогаш беше убеден дека улогата треба да ја одигра уште еднаш, и уште онолку пати, се додека кај чуварот не ги разбуди заспаните чувства за убавото. Затоа и понатаму упорно продолжуваше да вежба пред него, кој најпосле, беше принуден да се качи на сцената, да го пречека на средината, и откако овој божемно ќе го оставеше послужавникот и ќе ја изговореше репликата, ќе го потчукнеше по рамото и ќе му речеше: „Ајде. Доволно беше. И утре има ден. Па вие навистина претерувате со овие глупости“.
Како тргнат од некој преубав сон што човек сака да го продолжи и по будењето, запираше и долго со молбен поглед гледаше во чуварот. „Треба да се чека премиерата“ си мислеше бавно одејќи, како да не сака да го напушти театарот, по мрачните ходници на зградата преполни со расфрлени реквизити додека во него, во правилни интервали, самиот себе си се повторуваа зборовите: „Господине, повелете, вашиот чај“.
Така, полека, неусетно, низ долгото време исполнето со надеж, дојде денот на неговата последна претстава. Стариот и ислужен артист требаше да се пензионира.
Се случи театарот да го поставува „Хамлет“. Со стегната срце ја очекуваше последната улога, верувајќи дека барем сега, на крајот, ќе се исполни сонот да добие улога со која ќе се вознесе и ќе ги наплати годините на бескрајно чекање и трпение.
„Хамлет, љубовта на секој артист“, си мислеше. „Но престар сум јас за принцот. Полониј? Полониј убаво би го дал јас. Ако не Полониј, тогаш Клаудиј, данскиот крал…“
Една по една се распрскуваа ролјите и се откинуваа од него како живи делови, како и сите тие години поминати во театарот. Грутката од срцето му се искачуваше кон грлото и беше само прашање на миг кога ќе се претвори во грч, плач, липтеж.
Најпосле, режисерот погледна во него.
„А за нашиот Епизодист“, рече, „Најубавата улога со која уште еднаш ќе го потврди својот гениј. Улога што според мојот план треба да и даде посебен печат на претставата и која треба публиката треба да ја крене на нозе. Тоа е Призракот на Хамлетовиот татко. Честитам.“
Пред очите на Епизодист се смрачи. Очекуваше многу повеќе. Тоа требаше да биде неговата последна претстава. Имаше право на вистинска улога, на конечно исполнување на сонот да создаде нешто по што ќе го запаметат. Призракот? Пак епизода. Некој блед лик – нелик, сениште во дното на сцената обвиено со магличеста мрачка, сенка што ќе се појави во првиот чин и потоа исчезнува, паѓа во заборав. Така и тој. Сакаше крајот, крајот како артист, да го дочека на сцената и барем еднаш, ако не целосно, барем дел од ракоплескањето и нему да му биде упатено.
Погледна во тие околу себе со очи што бараат милост. Бараше по тие лица. Погледот му се запре на задоволното и надуено лице од младиот артист штотуку излезе од Академијата, а веднаш среќник да го игра Хамлет. Неговите очи и неговите развлечени усни како да се ругаа, како да му се ругаа нему, на стариотзаслужен артист. „Да ја имав твојата среќа момче“, си рече, „да ми се случеше мене ова што тебе ти се случува, пред триесеттина години, сега ти поинеку ќе гледаше во мене, а не со тој надмен поглед на злобник.“
„Ја прифаќаш ли улогата?“, праша режисерот.
Нешто најпрвин го боцна, штрекна и го прободе. Стана, пречека сите да ги свртат погледите кон него, да запре џагорот и почна да рецитира:
„Чуј ме,
Се наближи часот –
Јас морам бргу да се вратам пак
Во огнот темен на мојата мака.
Ги изговори зборовите на Призракот на Хамлетовиот татко и излезе следен од погледите на артистите, зачудени, зашто никој од нив во минатото не бил свидетел на таква реакција од Епизодистот. Тој секогаш молчел, секогаш со тажна насмевка ги прифаќал улогите што му се доделуваа.
На врата застана и продолжи:
Ќе го имате тој лик, онаков каков што никогаш и никаде не бил, ниту ќе биде одигран. Зашто „… штом ме чуеш одмазди ме за се“.
Во полутемните ходници на старата театарска зграда од кои навеваше посебен мирис на прашина и на старост, Епизодист се движеше бавно, лесно, чиниш не ја допира земјата, а во него навираа стиховите:
„Пред тебе стои на татко ти духот,
Во ноќно време осуден да лута,
А дење жеден во оган да гори
Дур гревот земен не изгори сосем…“

2018-08-21T17:21:35+00:00 декември 1st, 2004|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 39|