Еден во Парот

Еден во Парот

Ехото е важно за осветлување на еден друг приницп. Таѓу е портретиран како преубав Бог, Нарцис. Тој е свесен за својата убавина, ги возвраќа погледите до Ашенхаб, еднаш му се насмевнува: Таѓу е носител на поразната убавина со која заведува. Митот за Нарцис, како што е познато, зборува за тоа дека кога нимфата Ехо се вљубила во Нарсиц, тој ја одбил на најсуров начин. Од жал таа го изгубила своето тело, и се претворила во ехо, во глас без тело. Овде ја повикуваме повторно тезата за еден во парот на Кристева. Вљубувајќи се во Нарцисот, Ашенбах всушност го губи телото, умира во колерата, а тоа што останува зад него е гласот, ехото. Како познат и признаен писател во родната Германија, тој се претвора во глас, без тело. Оваа структура покажува дека парот Ашенбах-Таѓу е пар во кој Нарсицот Таѓу го уништува телото на другиот, на Ашенбах, за да остане еден, целовит, тотален ентитет.
Конечно, патот до демонскиот простор на љубовта води низ неколку иницирачки кодови. Влегувајќи во реалноста на смртта, Ашенбах ја минува водата во гондола, која го потсетува на гроб. Гондолата е црна однадвор и мека одвнатре. Гондолиерот е асоцијација на Харон, кој ги вози телата преку реката Стикс. Неговата црвена коса, е иста со таа на човекот кој ги продава билетите за Венеција, и иста со таа на музикантот на терасата од хотелот во Венеција, кој го означува ослободувањето на Дионис. Тие демонски фигури, заедно со првиот турист на кој налетува во Минхен, кој има идентична црвена коса, се фигури на странецот, фигури од онаа страна на Поредокот. Но, симболично тие означуваат ослободување на метаморфозата, слична на таа што Ашенхаб ја преживува кога од старец се преобразува во млад човек. Налик на патникот од бродот за Венеција, „младо-стариот ужас“, таа фигура е инкарнација на Дионис, кој треба да означи страдање заради афирмацијата на животот.

***

Речиси идентична е нарацијата на „Орканските висови“5F (1847) од Емили Бронте: тоа е уште една слика за неконтролираната, не-логоцентрична љубов со странецот. Орканските Висови кај Бронте се она што Венеција е кај Томас Ман: опустен, ужасен и забранет пејсаж, пејсаж во криза, пејсаж на uncanny. Намерно конфузните воведни глави во романот ја сликаат фамилијата на релативно богатиот Еарншоу, во чиј посед се Орканските висови. Еарншоу веќе има две деца Катрин и Хиндли, кога го посвојува сиракот Хитклиф. Тој момент означува прекин во социјалниот ред, бидејќи Хитклиф окупира социјално амбигвитетен статус: има непознато, најверојатно циганско потекло, а во фамилијата добива најповластен статус меѓу децата на Еарншоу. По смртта на Таткото, Хитклиф влегуваат во љубовна врска со сестрата, и во релација на понижување и омраза со братот.
Катрин изјавува дека нејзината љубов кон Хитклиф има таков карактер што тие не се два субјекти, туку еден: „Ние сме иста личност“, вели таа. Катрин го легитимира статусот на странецот, како оној кој живее во секого од нас. „Без разлика од што се душите направени, мојата и неговата се исти“, вели таа. Кристева посочува дека странецот е „скриено лице на мојот сопствен идентитет“, а мојата најдлабока омраза за странецот, доаѓа кога треба да го легитимирам во врска со неговиот сопствен идентитет. Според Кристева, странецот станува симптом кој го прави парот невозможен, кој го претвора „ние“ во проблем. Истовремено со љубовта кон Хитклиф, Катрин се решава за брак со богатиот сосед Линтон. Тој чин е мотивиран не само од нејзината очигледна потреба да биде „најблескавата дама во земјата“, туку повеќе од омразата и понижувањето од кои е сочинета нејзината љубов кон Хитклиф. Хиндли, братот на Катрин, ја претвара таа омраза кон странецот во долготрајна серија на понижувања. Тој бара од Хитклиф да се смести во рангот на слугите. Катрин ја чуствува истата омраза, кога го прогласува Хитклиф за валкан, наспрема очекуваната чистота на тој што не е странец: „Ако го омажам Хитклиф тоа би ме деградирало“, вели таа.
Економијата на странецот, вели Кристева, се базира кон едновремено респектирање и критикување на неговата различност. Лицето на странецот е сведоштво за единственоста, ексклузивноста, различноста. Тоа лице, тие очи, усни, образи сведочат дека: „Јас сум барем толку единствен колку што е и овој странец, затоа јас го сакам. Но јас ја преферирам мојата единственост и ексклузивност, затоа сакам да го убијам“. (Кристева) Тоа е уништувачката улога на Субјектот во парот, каде исконската потреба да се биде Еден, таму каде се двајца, се продлабочува со предизвикувачкиот идентитет на Другиот. Хитклиф е постојано потсетуван дека не припаѓа во Орканските висови, како што секој странец е потсетуван дека не припаѓа на новодојдената територија. Кристева вели дека странецот е оној кој нема почит за тие кои го дочекале – тој ги смета нив за тесни и слепи. Тој има дистанца која го одвојува од другите. Тој не поседува вистина но секогаш може да ја измисли. Хитклиф негува презир кон Висовите, затоа што тој е оној кој дошол и ја помни својата стара територија, тој има биографија, додека жителите на Орканските висови се „жртви на во моновалентноста“ како што вели Кристева. Тие имаат имот, и медиокритетска рутина. Тој има биографија. Хитклиф заминува од Висовите и се враќа богат, за да може да се одмазди за понижувањата: го купува имотот, се жени со сестрата на Линтон, и на крајот од романот ја претвора ќерката на Катрин во слугинка. Жртвуван во име на странецот во неа, Хитклифовата постојана позиција е мешавина од уживање и ужас.
Состојба на странец кај Хитклиф е детектирана како трајна носталгија по легитимитет и легалитет на странецот во него, но и како парадокс на актерот. Тој постојано носи маски со кои може да биде оној, кој тие бараат да стане. Кога Катрин се мажи за богатиот Линтон, Хитклиф заминува и станува богат. Но, врзан за својата цел опсесивно, тој го покажува типичниот фанатизам на странецот, за кој зборува Кристева. Тој фанатизам означува потреба да се фузионира со земјата во која се настанил. А фанатизмот има две лица – огромна оданост и истовремено, екстремна одвоеност, носталгија на неприпадноста. Тој, заедно со другите, сведочи за сопственото наоѓање секогаш онаму каде другите не можат да го најдат.

#b
5. Emily Bronte, Wuthering Heights, од хрв. превод, Orkanski Visovi, Nakladni zavod, Zagreb, 1976.

2018-08-21T17:21:45+00:00 ноември 1st, 2002|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 29|