Еден во Парот

Еден во Парот

-Out of Myself and Myself only, there becomes a couple!-
Јулија Кристева, Tales of Love

Невозможните парови и математиката на љубовта

Во овој есеј ќе се обидам да одговорам на прашањата врзани за концепцијата и структурата на парот. Каква е динамиката на идентитетите во фокусот на парот, од аспект на примарната идентитетна нестабилност на субјектот во однос на било која структура, а особено во однос на структурата на парот. Сакам веднаш да ја воведам појдовната теза, од која започнува овој есеј, дека парот е онтолошка невозможност, тоест дека парот по својата природа е секогаш невозможен пар (impossible couple).
Исчитувањето на невозможните парови овде ќе го ограничам на неколку дела од светската литература. Во воведниот дел од мојот есеј ќе го коментирам психоаналитичкото читање на есејот Ромео и Јулија: љубов-омраза кај парот од книгата “Tales of Love” на Јулија Кристева1F. Вториот дел од есејот се задржува на анализа на „парот со странецот“, како една верзија на невозможниот пар, во нарациите на романите „Смртта во Венеција“ на Томас Ман, „Орканските висови“ на Емили Бронте и „Орландо“ на Вирџинија Вулф.
Главната инспирација за овој есеј потекнува од мојот ангажман на школата „Читајќи го Балканскиот субјект и неговите родови“ (2001) на Охридскиот Летен Универзитет, кој го водеше проф. Миглена Николчина од Универзитетот во Софија. Појдовната поставка на овој курс беше дека „Љубовта е состојба во која се интензивираат идентитетите и разликите во динамиката на парот.“ Тоа значи дека „националноста, етничката припадност, религијата, расата, социјалните стандарди, возраста, сексуалната ориентација доживуваат поголем интензитет, но и поголема кршливост во економијата на љубовта, која цели да ги израмни и обедини тие разлики преку самиот чин на еротизирање и потенцирање на истите разлики.“ Значи, основното прашање ја повикува идејата за невозможност на љубовта и парот, а тоа бидејќи љубовта како формула не ги разрешува тензиите креирани од идентитетните прашања, бидејќи експлоатирајќи ги тие тензии што произлегуваат од различните идентитети, таа само ја потврдува сопствената невозможност.
Сметам дека клучното, прашање со кое ќе се отвори темата на парот е: каков е односот меѓу Љубовта и Законот? Тоа прашање е легитимно, затоа што љубовникот по својата онтолошка позиција е секогаш близок до корупцијата, криминалот и лудилото. Љубовникот е тој што го преиспитува, го реструктурира, и во крајна линија секогаш сака да го порази Името. Името како Јазик и зададена структура, а пред сè името на Другиот во парот. Тезата која ја сметам за клучна во психоаналитичките текстови на Кристева е тезата дека не два, ами еден субјект го чини Парот. Во книгата “Tales of Love” Кристева вели: Од мене и само од мене е сочинет парот. Претставена како формула, таа реченица, визуелно ќе ја претставам вака: 1=2
Пред да ја испитаме структурата на љубовниот парадокс 1=2, должни сме да погледнеме каков е односот на љубовта кон законот, оти тој има директна врска со тој парадокс на љубовниците. Капитална инвестиција во теоријата на Законот и неговата секогаш рестриктивна природа во однос на Субјектот дава Мишел Фуко во Историја на сексуалноста (1980). Во последната глава од првиот том на оваа книга, Фуко ја дефинира во строго правната смисла на Законот, преку редица негативни поими: забрана, прохибиција, лимит, регулација, контрола во име на заштитата на субјектот. Што значи дека во име на негативната стратегија на Законот, Субјектот е секогаш дефиниран како прохибиран, лимитиран, регулиран и контролиран Субјект. Но, бидејќи Законот не е апстрактен чин, а функционира токму во моментот на неговото извршување, трпителите на Законот истовремено се неговите агенти, кои се пред Законот анонимни, но истовремено и дејствителни на повеќе нивоа. Тоа значи дека лимитираниот Субјект -лимитира, контролираниот -контролира, а регулираниот -регулира. Како што покажува Славој Жижек во текстот „Идеологијата меѓу фикцијата и фантазмот“ од збирката „Метастази на уживањето“2F, агентурата на моќта се однесува не само на видливата, јавна моќ (Жижек; 1996: 59), туку честопати поопасно на една опскурна, скриена, „луда“ структура на моќта. Познато е дека Фуко одбрал да го проучува Законот (и во неговата јавна и, во опскурната моќ) преку неговите капиларни, значи екстремни форми. За Фуко парадигма на капиларни форми на Законот се затворите, клиниките, болниците, потоа училиштата, манастирите, значи сите структури кои се ќелијни, а функционираат на принцип на контрола, надгледување и серија од пофалби и казни.
Во книгата „Надзор и казна: Настанок на затворот“ (1975)3F, Фуко ги анализира капиларните единици на моќта, врз структурата на затворот како ментална и општествена структура, чија историска позадина ги покажува нормирачките функции на власта и формирањето на знаењето во современото општество. Законот е сведлив на логоцентризмот, кој во основа е фалоцентричен, тој воспоставува објекти на исклученост. Објектот на исклученост е опскурен, таен, скриен во Жижековската смисла на зборот. Со преобразбата на системот на казнување и со појава на затворите, објаснува Фуко, исчезнале гилотините од минатите векови, кои претставувале јавна сцена, каде се изведувала казната, каде имало неодреден ужас на јавната казна, и можност гледачите на егзекуцијата да го покажуваат своето незадоволство од видливата рака на Законот. Со појавата на затворите се случува администрање и бирократизирање, а всушност прикривање на раката на Законот. Оти затворот се прокламира како место не на смрт, туку на казна како поправање, излекување, превоспитување. Тајната, опскурноста и невидливоста пред Законот е, ќе видиме, клучен момент во воспоставувањето на структурата на невозможниот пар, тоест иницијална состојба за љубовта кај Ромео и Јулија. Законот, кој сега нè интересира, а кој се претвора во опскурен и невидлив, се состои од серија дресури, тоест дисциплина која бара одреден затворен простор и парцијализирање. Секоја единка има свое место, со кое се овозможува евиденција на присутност-отсутност, „надѕирање, проценување и санкционирање.“ (Фуко, 1975: 138) Целта на овој систем е надминање на хаосот, безработноста, дезорганизираноста, неконтолата и несимулираноста.

#b
1. Julia Kristeva, Tales of Love, Columbia University Press, New York, 1987.
2. Slavoj Žižek, Metastases of Enjoyment, 1994 (од српскиот превод: Metastaze uživanja, Beograd, 1996).
3. Michel Foucault: Surveiller et punir: Naissance de la prison, Gallimard, Paris, 1975, од срп. превод, Izdavačka knjižara Zorana Stojanovića, Sremski Karlovci, Novi Sad, 1997.

2018-08-21T17:21:45+00:00 ноември 1st, 2002|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 29|